Понекогаш човечкото тело е потопло од инаку. Дали заради инфекција или некоја друга причина, хипоталамусот ја крева температурата на телото над нормалната вредност која изнесува помеѓу 36,5 и 37,5. А кога температурата ќе скокне, повеќето реагираат такашто пијат парацетамол или ибупрофен. Овие лекови ги блокираат сигналите од хипоталамусот па температурата паѓа.
Високата температура има своја цел. Станува збор за реакција на организмот која настанала низ еволуцијата уште пред 400 милиони години. Покачената температура го забавува растот и размножувањето на бактериите и вирусите и поттикнува создавање на неутрофили и Т-лимфоцити, што значи дека телото се лекува самото себе.
Високата температура главно не трае предолго и е всушност корисна. Некои истражувања покажуваат дека телото со температура побрзо се опоравува од вирусни инфекции.
Наспроти нејзиното благотворно дејство, многу луѓе страдаат од она што научниците го нарекуваат „температурофобија“. Според студијата објавена во списанието Pediatrics 92% од родителите веруваат дека високата температура може дапредизвика последици како што се конвулзии, оштетување на мозокот, кома, слепило и смрт. Од сето тоа, високата температура може да предизвика само фебрилни конвулзии и тоа кај малите деца, а тие не се причина за страв.
Причина за овие заблуди, сметаат научниците, е во поврзувањето на високата температура со хипертермијата, опасна состојба на неконтролирано прегревање на телото како последица од надворешна причина. Станува збор за две потполно различни нешта.
Дали тоа значи дека температурата не треба никогаш да ја снижуваме? Секако дека не значи. Доколку грозницата го спречува пациентот да спие или води кон дехидратација, температурата треба да се снижува.
Значи, тука не станува збор за бројката што ја покажува топломерот, туку за тоа како се чувствува детето. Ако детето има температура од 39 степени и не се чувствува добро, дајте му антипиретик. Ако температурата не му пречи, односно, гледате дека и покрај неа тоа е расположено, тогаш не ја симнувајте и држете го на око.