Анестезија во стоматологијата, да или не?

Пред да се даде анестезија треба да се направи анамнеза на пациентот.

0
2509

Одењето на стоматолог најчесто се поврзува со чувството на страв и нелагодност. И покрај психолошката подготовка често е неопходно да се употреби анестезија, за да може безболно да се изврши одредена стоматолошка интервенција.

Анестезирањето е постапка при која се постигнува привремено обезболување (аналгезија) на одредено подрачје, со помош на одреден анестетик. Во зависност дали се губи будноста и свесноста, анестезијата се дели на локална и општа анестезија.
Во стоматологијата најчесто се користи локалната анестезија. Со неа се постигнува губење на чувството на болка на одредено подрачје, додека чувството на допир и притисок се сочувани. Може да се користи при сите стоматолошки интервенции, едноставна е за употреба, брзо делува и што е многу важно компликациите се многу ретки.

Анестетиците што се користат во денешно време се многу делотворни и во најголем дел можат да постигнат потполна безболност при интервенцијата. Дејството започнува веднаш по апликацијата и трае различно, во зависност од должината на постапката. Обично тоа е околу еден до два часа, па до шест часа во одредени случаи. Најчесто се користат анестетици со вазодилататори. Вазодилататорот ја спречува пребрзата ресорпција на анестетикот и го продолжува неговото делување. Адреналинот е најкористен вазодилататор, се користи во различни концентрации (1:200.000), ама не помалку од (1:100.000).

Пред да се даде анестезија треба да се направи анамнеза на пациентот. При изборот на анестетикот најмногу влијае дали пациентот има кардиоваскуларни заболувања, дијабет, проблеми со тироидната жлезда, алергии. Ако пациентот е склон кон алергии најдобро е да се направи алерго тест, со анестетикот кој планираме да го користиме. Така ќе ја исклучиме појавата на алергија и безбедно ќе се изврши постапката.
Анестезијата можат да добијат сите пациенти. Таа е безбедна и кај мали деца, трудници, стари луѓе. За мене како стоматолог особено е важна употребата на анестезијата кај малите деца. Со одредена психичка подготовка, со објаснување на постапката и внимателната апликација, кај децата се губи стравот од поправање на забите. Постапките завршуваат побрзо и што е најважно не остануваат негативни чувства и трауми. Детето не ги избегнува постапките во стоматолошката ординација и се спречуваат компликациите од кариесот и предвремено губење на забите.

Општата анестезија кај нас се изведува исклучиво во болнички услови, кај поголеми интервенции во оралната и максилофацијалната хирургија, кај лица со посебни потреби. После интервецијата потребно е следење на пациентот, од стана на операторот и анестезиологот.

Без употребата на анестетиците многу интервенции би биле невозможни. Со добра и исцрпна анамнеза, внимателно одбирање на анестетикот и вазоконстрикторот, правилна апликација, компликациите и несаканите дејства се скоро минимални. Анестезијата е составен дел од модерната стоматологија и медицина и затоа пациентите не треба да се плашат од неа, туку да ги искористат придобивките што ги дава таа.

д-р Јасмина Трајкова – Пети

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]