Со охрабрувањето без мерка и градењето на култ дека е најдобро, му правиме на детето лоша услуга

Семејството и домот треба да бидат храм во кој детето ќе се чувствува безбедно и заштитено. Но не треба кај детето да се поттикнува чувството дека родителот безусловно ќе го заштитува, без да го искара или казни ако се однесува лошо. Охрабрувањето без мерка и градењето на култ дека детето е најдобро во сѐ, му прави лоша услуга и може да има негативно влијание на неговиот целокупен понатамошен живот, вели д-р Денис Ал Кхалили, оснивач на „Лулка“. 

0
246

Дoктор Денис Ал Кхалили е доктор на медицина, специјалист педијатар, кој покрај напредувањето во својата професија, во областа на педијатријата и неонатологијата, е посветен и на граѓанскиот активизам, на едукација и поддршка на семејствата и подобрување на условите во кои се раѓаат и живеат децата.

Роден е во Скопје пред 38 години, во мешан брак помеѓу Македонка и Јорданец и пораснал во семејна средина во која се вреднувале знаењето, почитта, љубовта и емоциите, со космополитски и толерантни сфаќања за различните нации, култури и религии.

Во брак е веќе 9 години и е татко на две момчиња на возраст од 8 и 5 години. Себеси се доживува како родител кој постојано учи од своите деца, се развива и се гради како што се развиваат и растат децата.

Вели дека на децата им е потребна поддршка, разбирање и безусловна љубов: „Родителите и семејството треба да ги поттикнуваат и фалат добрите особини кај детето, а да ги обесхрабруваат непосакуваните. Семејството и домот треба да бидат храм во кој детето ќе се чувствува безбедно и заштитено. Но не треба кај детето да се поттикнува чувството дека родителот безусловно ќе го заштитува, без да го искара или казни ако се однесува лошо. Охрабрувањето без мерка и градењето на култ дека детето е најдобро во сѐ и дека е непогрешливо, му прави лоша услуга и може да има негативно влијание на неговиот целокупен понатамошен живот“.

 Доктор Ал Кхалили е иницијатор и основач на организацијата „Лулка“ која е формирана пред точно 10 години, во јуни 2009. година.

Овој месец одбележуваме 10 години од основањето на „Лулка“. Инаку, идејата да формирам ваква организација е последица од моите искуства и условите со кои се сретнав бргу по дипломирањето. Како млад лекар многу често имав потреба да барам дополнителни информации за различни сегменти од негата, лекувањето и воспитувањето на бебињата и малите деца, сегмент кој, според мене, на студиите по медицина беше недоволно застапен. Притоа, дојдов до сознание дека изворите за вакви информации на македонски јазик се многу оскудни, во тоа време, во 2006 – 2008 година скоро непостоечки. Истовремено, работејќи како стручен соработник во една компанија за медицинска опрема, научив многу за третманот и опремата која е потребна за работа со трудниците, мајките доилки, за специфичната нега која ја бараат новородените и предвреме родените бебиња. Во тој период имав шанса да посетам повеќе ординации и болници, во нашата земја и во странство и да ги воочам разликите, условите и предизвиците со кои се соочуваат трудниците, родилките, мајките со бебиња и нивните семејства кај нас. Имав можност да ги осознаам и предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници, кои работат со оваа исклучително осетлива популација на мали пациенти и нивните родители. Така дојде и идејата за формирање на ваква организација, која веќе 10 години делува токму на ова поле, работејќи и со трудниците и родителите и со здравствените професионалци“, вели тој.

Организацијата Лулка е непрофитна невладина организација, а активностите, вели тој, ги спроведуваат континуирано веќе цела деценија, претежно на волонтерска основа.

Во овој 10-годишен период се издвоија и главните програмски насоки на кои работи организацијата, а тие се: 1. Поддршка на граѓаните во текот на бременоста и породувањето; 2. Промоција, заштита и поддршка на доењето во Р. Македонија; и 3. Подобрување на условите за предвремено родените бебиња и поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе.

Нашиот тим брои 3 до 5 луѓе кои се грижат за организирање на работилниците, за поддршка и позитивен однос со корисниците на социјалните мрежи, за одговарање на прашањата на граѓаните, поставување на содржини на веб-страницата на Лулка, графичка обработка, планирање на финансиите и изнаоѓање на модели  и можности за обезбедување финансиска одржливост. Обезбедувањето на финансии за нормално работење на организацијата не е лесно, па затоа бараме поддршка од компаниите и граѓаните, кои ни помагаат преку спонзорства и донации“, вели д-р Ал Кхалили. 

Во рамки на организацијата Лулка функционира и Совет на родители. Целта на Советот на родители е да ги застапува ставовите и интересите на трудниците и родителите, со што организацијата ќе биде постојано насочена кон реалните проблеми на оваа голема целна група.

Упатувам покана до заинтересираните трудници и родители, да се приклучат во Советот на родители на Лулка, да ни помогнат да ги решиме најгорливите прашања и да ги  подобриме условите како за сегашните, така и за идните генерации“, порачува д-р Ал Кхалили.

 Тие постојано организираат и едукативни работилници и предавања, но и психолошко советување во рамки на самите работилници, бидејќи психичката состојба на трудницата може многу да влијае на бременоста, на односот на мајката кон бебето по породувањето и на целото семејство. Сепак, најпозната и најпосетена е работилницата „Симулација на породување“.

На оваа работилница се движиме низ целиот процес на породувањето, започнувајќи од дома, последните денови пред породувањето, одиме кон болница, се движиме низ фазите на породувањето, ги објаснуваме интервенциите, разликите помеѓу спонтаното породување и породувањето со царски рез, го следиме бебето од раѓање до исписот од болница. На оваа работилница со гинеколог/акушер и педијатар се дискутира многу, се отвараат многу дилеми и прашања кои ги имаат трудниците, а кои се трудиме да ги одговориме и објасниме.

Во изминатите 3-4 години произлезе потребата од едукација за доење, бидејќи за да донесат свесна одлука и да може квалитетно и успешно да започнат да дојат, штотуку породените мајки треба да знаат доволно за доењето, и тоа уште пред да се породат. По породувањето, доењето треба да започне колку што е можно поскоро, а тогаш нема време за учење и читање за доењето, барање информации на Гугл, на социјалните мрежи или од пријателките. Со помош на видеа, слики и практичен приказ со кукла, ги оспособуваме мајките да дојдат уште додека се трудни, што значајно влијае на нивната вештина за доење, намалување на стравот и стресот, тие се посигурни и способни навреме да започнат и успешно да дојат.

Секако, посетите на овие работилници, на трудниците им овозможуваат воспоставување на доверба и пријателски однос со Лулка, ние потоа им стоиме на располагање за да им помогнеме, да ги советуваме, одговараме на нивните прашања, им помагаме и ги поддржуваме пред и по породувањето и во текот на родителството како што детето расте.

Најновата работилница на Лулка, која за прв пат беше организирана во март годинава, наменета е за младите кои не се бремени, но планираат семејство, бременост, потомство. Здравствената едукација и превенција мора да започне рано. Со едукација на младите пред забременување се трудиме да обезбедиме планирана и здрава бременост. Тоа значи навремено реализирање на прегледи пред забременувањето, навремено започнување на терапија со фолна киселина, но и свесни идни родители кои ја планираат и посакуваат бременоста, кои внимаваат на себе и на бебето од самото зачнување до породувањето. Веруваме дека така ќе влијаеме да се намали бројот на компликации во бременоста, да се намали бројот на предвремени породувања, а со тоа и бројот на несакани исходи за мајките и за бебињата.  

 Преку Советот на родители се залагаме да ги канализираме потребите и барањата на трудниците и родителите и да делуваме за нивно системско имплементирање, пред се на оние практики чиј позитивен ефект е научно потврден во светот, и кои во другите држави се пракса веќе една или две децении.

Директно советување и поддршка во однос на имунизацијата и вакцините не даваме, бидејќи овие теми не се дел од нашата програмска определба. Но многу често, во рамки на едукативните работилници, кога објаснуваме за процедурите кои се спроведуваат на новороденото во родилиштето, ги спомнуваме двете вакцини кои се даваат на новородените. Скоро без исклучок, на овие работилници се отвора интересна дискусија за вакцините со најразлични прашања кои ги имаат идните родители, а педијатарот задолжително одговара и објаснува за потребата од вакцинација, начинот на кој делуваат вакцините, за несаканите реакции и слично.

За предвреме родените бебиња и нивните семејства работиме со многу страст и напор, во координација со нашиот партнер, фондацијата EFCNI и мрежата на родителски организации од Европа. Секоја година го одбележуваме Светскиот ден на предвременото породување 17ти Ноември. Во изминатите 6 години Лулка учествуваше во креирањето на европски стандарди за грижа и лекување на предвремено родените и болни новороденчиња, а спроведуваме и активности за промоција и постепена имплементација на овие најсовремени стандарди во македонскиот здравствен систем. Работиме на промоција на негата со контакт кожа-на-кожа и на кенгурирањето. Од оваа година, конечно формиравме група за поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе, а средбите и поддршката има големо значење за семејствата кои поминале низ неонаталната интензивна нега и за оние чии бебиња во моментов се наоѓаат таму. Се радуваме на неодамнешните позитивни промени и на подобрените резултати и исходи од лекувањето на оваа најранлива категорија на предвреме родени бебиња, но има уште многу што треба да се направи за подобрување на третманот, негата, за квалитетно следење на овие деца во детството, обезбедување системска поддршка на овие семејства итн. 

Секој ден, секој коментар од корисник на социјалните мрежи, секое поставено и одговорено прашање и секоја работилница која ја организираме ни открива нови и интересни приказни, искуства, стравови, мислења, еден дел стручни, но застапени се и нестручни, паушални и лаички совети и препораки, од кои некои се безопасни, а некои за жал може да наштетат или да одложат некоја значајна интервенција.

Нашата работа како организација е интересна и од аспект што нашата целна популација се менува брзо и динамично. Трудниците се породуваат, бебињата растат, а младите кои живеат безгрижно, кои малку или воопшто не се интересираат за темата бременост и родителство, одеднаш почнуваат да стануваат свесни, бараат информации, а токму затоа ние сме тука. Затоа мора да бидеме постојани во нашата мисија и подготвени за секоја идна генерација трудници, бебиња и родители на кои им е потребна нашата поддршка, знаење, совети и експертиза.

На сите граѓани кои го читаат ова интервју, би им порачал да бидат посолидарни и сочувствителни кон трудниците и родителите, во сите сегменти од животот. На младите би им препорачал повеќе да размислуваат за овој аспект од животот и да бидат отворени кон информациите и советите за здрав живот, за репродуктивно здравје, за здрава бременост.

На сите нас ни претставува должност, искуството кое го имаме како родители, како трудници, родилки, како мајки кои го доеле своето бебе, да дадеме поддршка на младите и да го споделиме со нив нашето искуство. За оние родители кои имаат мака, а немаат искуство, тоа навистина многу ќе значи“, порачува д-р Ал Кхалили.

[better-ads type='banner' banner='999' ]