Во голем број на земји во светот абортусот како метод за прекин на бременоста, е сѐ уште табу тема, додека пак во други абортусот сѐ уште се користи како контрацепција и контрола на раѓањата.
Секако, абортусот е секогаш проследен со многу физички, емоционални и психички последици за една жена па додека некои сметаат дека секоја жена треба да има право на слободен избор, на сигурен и легален абортус и целосна информираност за процедурата, други сметаат дека треба да ѝ се даде време да размисли. Во праксата пак, има најразлични примери.
Од една сега веќе возрасна жена од соседството, честопати го слушавме советот, „девојчиња, бидете паметни, немојте да ве снајде некоја белја. Јас бев мажена и имав три ќерки, а сега сум среќна затоа што мажот ми ме спречи да одам во болница и да абортирам – како ќе го имав син ми инаку. Сега ми е тој најголемата потпора во животот“, ни велеше таа.
Друга жена, сега веќе во 50.тите години, ми раскажа дека никогаш не заборавила на абортусот кој го направила откако родила веќе едно дете, бидејќи во тој период биле во лоша финансиска состојба. „Никогаш не заборавив и секогаш си мислев дека можеби не требаше да го направам тоа, ќе се снајдевме, а мојот син немаше да биде сам“.
Од друга страна, сѐ уште го паметиме случајот на жената која со мртов плод во себе мораше да чека дури една недела, додека да ѝ биде одобрен абортус поради рестриктивниот закон кој го донесе претходната влада.
Од „Хера“ велат дека во првата година од донесувањето на овој закон во 2013.година, имало повеќе случаи на жени кои со мртов плод во себе морале да чекаат не три, туку 5, 6, па и 7 дена, затоа што докторите се плашеле дека ќе бидат казнети со оние предвидени драконски казни од 50 илјади евра.
Голем број на жени чувствуваат олеснување по абортусот, а секој абортус е приказна за себе, па затоа и жената е токму онаа која треба да ја донесе одлуката.
Деновиве, гувернерката на Алабама го потпиша законот за забрана на абортус, поточно, на речиси сите видови абортус во таа сојузна држава, а на лекарите кои ќе ја извршат оваа интервенција им се заканува доживотен затвор.
Според „Гласот на Америка“ ова е најстрогиот закон за абортус во Соединетите Американски Држави, а американската федерација за планирано родителство вети дека ќе го оспори на суд.
Лани, на референдум во Ирска 66,4 отсто од гласачите гласале за легализација на абортусот. Против биле 33,6 отсто. Своето мислење на гласањето го искажале 64,1 отсто од гласачите, односно 2,1 милиона луѓе од 3,1 милиони Ирци со право на глас, што е највисок забележан одѕив на референдум во оваа држава.
Имено, Ирска имаше еден од најрестриктивните закони за абортус во светот – со осмиот амандман на ирскиот Устав, воведен во 1983 година, абортусот беше целосно забранет, сѐ до 2013 година кога бил воведен исклучок за мајките на кои со бременоста им се загрозува животот.
Како што истакнуваат активистите кои се залагаат за либерализација на законите за абортус, рестриктивните закони или целосните забрани на абортусот никогаш не значеле дека нема абортуси – туку дека има нелегални и небезбедни процедури.
Според историчарката Лена Ленерхед, се верува дека во Шведска секоја година во 20.век се случувале илјадници нелегални абортуси. Се проценува дека имало помеѓу 10.000 и 24.000 абортуси, иако бројката може да е повисока, смета Ленерхед.
Во 1938 година една реформа во Шведска им дала на жените право на абортус во само три околности: ако животот на жената е изложен на ризик, ако фетусот покажува генско нарушување или бременоста е резултат на силување.
Законот бил изменет во 1946 година. Ова на жените им овозможило да имаат абортус мотивиран од „социјални причини“, на пример, ако жената била многу сиромашна за да може да се грижи за детето или нејзиното физичко или ментално здравје е под ризик, дури и ако нејзиниот живот не бил во опасност. Ова морало да биде направено преку специјална апликација што вклучувала прашања за нејзината причина за барањето, како и гинеколошки и психијатриски прегледи, процес што можел да потрае подолго време.
Во 1955. година Полска го направила абортусот легален за жените, „во тешки животни услови“, состојба што била толкувана исклучително либерално во тоа време, иако законот оттогаш е строго ограничен. Но во доцните 50-ти, за многу шведски жени ова била најдобра шанса за пристап до абортусот, па така тие често оделе во Полска.
Во 1963. година шведскиот парламент повторно го изменил законот за абортус и дозволил постапка во случаите кога фетусот претрпел сериозни повреди иако ова не ги вклучувало жените што се соочувале со кризни бремености секоја година.
Кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите, движењето за абортус барало да се отстрани барањето за примена или давање конкретна причина за абортус. Денеска во Шведска до крајот на 18-тата недела од бременоста секоја жена може да побара и да добие абортус без да даде причина. Ќе ѝ биде понудена опција да оди на советување, но тоа не е задолжително и сите информации споделени со лекарот се доверливи (дури и ако пациентот е малолетен).
Сите абортуси чинат исто колку и нормален преглед кај доктор. Помеѓу 18. и 22. недела од бременоста абортусот е дозволен само ако Националниот одбор за здравје и благосостојба даде посебна дозвола со причина. На пример, ако здравјето на жената е изложено на ризик. По 22. недела не е дозволен абортус во ниеден случај, врз основа на фактот дека од тој момент натаму фетусот може да преживее надвор од матката.
Кај нас сè до 2013. година, имаше прилично либерален закон за абортус. Во 2013.година, од МПЦ излегоа со изјава дека за да опстанат македонската нација и црква, жените секогаш треба да изберат да родат. Само две недели подоцна, Владата, преку Министерството за здравство, поднесе предлог-закон за прекинување на бременост што требаше да биде донесен по скратена постапка. Иако текстот на законот беше пречекан со протести од граѓанските организации, па дури и со иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на одредени членови, законот беше усвоен по кратка постапка. Новото законско решение значително го отежна пристапот до абортусот преку бирократизирање на целата постапка, нејзино усложнување и одолговлекување.
Овој закон предвидуваше задолжително поднесување на посебно барање и задолжително советување за секоја жена која сака да ја прекине бременоста. За време на задолжителното советување, жените требаше да направат задолжителен ултразвучен преглед и да им биде покажана „сликата од фетусот“. По спроведеното советување, доколку жената остане на ставот дека сака да ја прекине бременоста и по советувањето, таа беше должна да даде писмена изјава за согласност за прифаќање на спроведувањето на интервенцијата за прекинување на бременоста, но прекинувањето на бременоста не може да се изврши пред истекот на рокот од три дена по извршеното советување.
Она што следеше беше зајакнато промовирање на семејните вредности од страна на владата во контекст на овој закон, со креирање на државни кампањи со кои се осудува абортусот и се поистоветува со убиство. Беа користени слогани како „Избери живот” и реченици како „Честитам, убивте здраво бебе кое можеше да прерасне во прекрасно момче или девојка“.
Сега новата влада усвои нов закон за абортус, со кој се бришат административните пречки кои ја ограничуваа волјата на жените, а покрај хируршкиот, се воведува и медикаментозниот абортус. Во голем број на европски земји каде што
овој метод е достапен, вака се изведуваат над 80% од сите абортуси.
Наскоро, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА ќе отпочне кампања за новиот закон за прекинување на бременоста.
Прашањето околу регулирањето на абортусот е постојано актуелно и во светски рамки, и тоа со децении наназад. Дебатата се одвива континуирано и со несмален
интензитет што е случај и со сите важни прашања со морален предзнак, кои ги тангираат животите на сегашните, но и на идните генерации.
Фото: Pixabey