Паметни родители или паметни телефони

Дали на детето би му дозволиле да користи марихуана? Секако дека не. Но телефон кој предизвикува многу поголема зависност – може, нели?

0
199

Марко Јухант е специјален педагог за нарушувања во однесувањето и личноста. Неговите методи вклучуваат и казнување, но не импулсивно казнување во состојба на бес во која децата, веќе подготвени од други животни околности, лесно знаат да не доведат.

Марко Јухант е еден од оние луѓе кои ви кажуваат и покажуваат толку едноставни и применливи можности во воспитувањето  што едноставно не можете да верувате дека самите не сте се сетиле на тоа.

Казнувањето во неговите методи вклучува однапред договорени, смислени, временски определени или неопределени казни. Во смисол: детето му ја издишало гумата на велосипедот на постариот брат и згора на тоа, излажало дека нема поим за ништо. Една од казните би била да му одредите дополнителна домашна работа која, на пример, ќе може да ја извршува цела недела. Или казната да ја „бодувате“. По сопствена проценка. На пример, за прекршок -10 и за лажење – 4 бода. На ист начин сте ги вреднувале и домашните обврски. На пример, за чистење на автомобилот ќе „заработи“ 2 бода, за миење садови – 1, за усисување – 3…. И тогаш самото одбира дали 14 дена ќе мие садови еднаш дневно или ќе жртвува малку повеќе од своето време и ќе се ослободи од казната побргу. Важно е да се биде доследен.

А детето сигурно ќе размисли следниот пат дали му се исплаќа да ја риба туш-кабината пред да одлучи уште еднаш да го направи истиот прекршок. Главно, на децата им е прилично јасна разликата помеѓу доброто и лошото. А природните последици од одредени постапки се кобни и не смееме да ги чекаме.

Книгата на Марко Јухант „Заштитник на детските должности“ која ја напишал заедно со колешката Симона Левц, школска советничка и логопетка, не го глорификува школскиот систем, но и не се занимава со него. Затоа пак, на родителите и децата на некој начин им ја претставува можноста како да бидат успешни и да се чувствуваат успешни, а да не поминат премногу време на работната маса, откако ќе се вратат од училиште. Нагласува дека школските деца, баш секој ден имаат школски обврски во вид на домашни задачи или учење, но еден ден во неделата, еден ден од викендот детето не би требало да работи ништо што има врска со училиштето, затоа што е одморот задолжителен, а одмор е секоја воншколска активност која ги опушта.

Но и тука брзо паѓаме во замки. Ако на пример, детето кое има проблеми со математиката, го запишувате на  дополнителни часови по математика во слободно време – тоа не е одмор. Тоа е учење. Ако пак на детето математиката му е омилен предмет, тоа за него е релаксација и уживање. Затоа не смееме да забораваме на перспективите. Според неговото мислење, едно просечно дете не е оптоварено со училишните обврски, туку со преголем број на дополнителни aктивности. Една до две такви активности, вели Јухант, се потполно доволни.

„Детето расте такашто ги прифаќа своите обврски и стекнува искуства. Во тој процес нема посебна корист од тоа што ги познава сите свои права и живее во презаштитена средина“, вели Јухант.

„Одличен и ефективен начин да ги учите децата на животот се домашните обврски. Преку нив се рефлектира тоа што вашето дете ќе го работи во иднина. Ако го испратите да изброи уште колку тегли кисели краставички имате на кујнската полица и притоа да ја избрише полицата на која стоеле, на некој начин сте го научиле како се прави и што е тоа попис. Детето кое прифаќа одговорност, како и фактот дека дома шефови се родителите, а на училиште учителите, ќе имаат олеснети услови за подоцнежен развој. Општеството заборава дека децата сѐ уште мораат да си играат, што повеќе не е спонтана активност како некогаш.

Рекреативниот спорт, едноставно шутирање топка во кое децата сами ги поставуваат правилата, може да донесе само добро. Како и другарството, учењето како да се чува нечија тајна и надеж дека некој ќе ја чува твојата – тоа се мали богатства кои ни даваат човечка димензија.

Јухант е на став дека децата до седмо одделение во основно не би требало да имаат паметен телефон. А и оние поголемите, верува овој стручњак, би требало да го имаат само под услов да потпишат со родителите договор за користење, по кој ги губат сите привилегии кога првпат ќе го прекршат. И, според тој договор, родителите мораат да ги имаат сите шифри од телефонот, од сите социјални мрежи на кои е присутно детето. За разлика од тоа, советува родителите ни случајно да не паѓаат во искушение да читаат дневници, ообено дневниците што ги пишуваат девојчињата, затоа што повеќето од напишаното е приказна која се темели на фантазија, а родителите лесно би се вознемириле.

Дали на детето би му дозволиле да користи марихуана? Секако дека не. Но телефон кој предизвикува многу поголема зависност – може. Не, тие работи мораат да бидат под надзор. Но, ако го најдете дневникот на ќерка ви, не паѓајте во искушение да го читате. Искарајте ја дека не го скрила доволно добро“, се шегува Јухант.

Тој потсетува на еден британски социјален проект кога сите родители кои тврделе дека нивните девојчиња се одговорни, доволно паметни и научени како да се однесуваат на интернет, набрзо се увериле дека сите до едно паднале во замка и се појавиле во комбето во кое за среќа, не ги чекале педофили, туку нивните родители.

„Со проблематичните тинејџери со кои работам дојдовме на темата за несакана бременост. Повеќето момчиња ми одговорија дека се сосема сигурни дека е девојката бремена врз основа на тестот. А на прашањето колку страници има тој тест, сите слегнале со рамениците. Никој не рече дека нема страници. Затоа што познаваат само еден поим за тест – оној училишниот. На многу сличен начин реагираат и на други работи кои за возрасните се подразбираат: на пример, на прашањето кој е главен во одделението, одговараат дека се главни тие, или некое друго момче или девојче од одделението. Малкумина се свесни за вистинската хиерархија. Исто така, не се подразбира дека децата знаат дека ги сакате, често ќе чуете одговор да или не. А многу мислат дека повеќе го сакате нивното немирно братче, а немирното братче мисли дека ги сакате нив. Затоа што него го караат. Од негова перспектива – за секоја ситница. Затоа на децата треба секојдневно да им кажуваме дека ги сакаме и дека тоа нема врска со нивните успеси, неуспеси, со нивното однесување. И тоа мораат да го прават и двајцата родители“, советува Марко Јухант.

Децата, вели Јухант, растејќи, мораат да прават грешки затоа што на тој начин учат да живеат. А кога да ги прават тие грешки, ако не во пубертет, кога повторно го преиспитуваат својот систем на вредности, кога се уште заштитени со љубовта на своите родители, кога платформата за правење грешки е најидеална.

Го допрел и прашањето за надареност. Во Словенија од четврто одделение натаму се оди врз основа на предлогот на наставникот, школските стручњаци извршуваат т.н.тестирање на надареноста, преку различни тестови..

„Потребно е да се вложи труд. Затоа се клучни работните навики. Сеедно е дали е детето надарено или не. Ако не вложи труд и време, ако не вежба, надареноста нема да има никаква вредност. Ќе остане просечно. Тоа не значи дека треба детето да се присилува преку својот школски успех да ги остварува родителските амбиции. На таков начин, на пример, ќе добиете булимично девојче и момче кое не излегува од теретана, затоа што немаат друг начин да ви се спротивстават“.

На децата, пред сѐ, треба да им го дадете своето време. Носете ги секаде со себе, на тој начин ги учите да живеат. Ако поставите правила без однос со своето дете, тоа ќе резултира со побуна. А ако имате само однос без правила, тоа ќе резултира со хаос. Единствен начин во детето да разбудиме почит и одговорност е комбинација од добар однос и правила. А авторитет, кој сите толку многу сакаме да го иамме, можеме да постигнеме само ако понудиме помош во вистински момент.

Јухант додава и дека популарното и иритирачко превртување со очите кога разговараме со своите деца е добар знак – знаат што ќе кажете. Треба, додава тој, да повторите уште 30 или 40 пати и сте ја постигнале целта. Проблемот е решен. На ред е нов, сигирно потежок. Но проблемите на кои наидуваме во секојдневното воспитување, додава, не смееме тоа да го заборавиме, се добри проблеми. Затоа сме им дораснати.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]