Некои непријатности кои ги чувствувате за време на бременоста се едноставно дел од бременоста, но заради некои симптоми секако треба да побарате лекарска помош:
Крварење во било кој момент
Слабото крварење е вообичаено во раната бременост, но било кој вид на крварење во бременоста бара лекарско внимание. Иако крварењето може да значи различни нешта во текот на бременоста, ако станува збор за обилно крварење во комбинација со стомачна болка и грчеви слични на менструалните или пак се чувствувате онесвестите, тоа би можело да биде и знак за вонматерична бременост.
Обилно крварење со грчеви исто така може да биде знак за абортус во првото или рано во второто тримесечје. Наспроти тоа, крварењето со стомачна болка во третото тримесечје може да биде знак за одвојување на постелката, кое се појавува кога постелката ќе се одвои од матката пред породувањето. Во секој случај, крварење во било кој момент од бременоста не смее да се игнорира.
Трудови во раното трето тримесечје
Иако може да станува збор за „лажни“ трудови, попознати како Braxton-Hicks контракции, такви трудови исто така можат да бидат знак за предвремено породување. Braxton-Hicks контракциите се непредвидливи, неритмички контракции чиј интензитет не се зголемува, додека трудовите на предвременото породување повеќе регуларни и се појавуваат на секои десет минути или помалку. Исто така, им се зголемува и интензитетот. Ако сте во третото тримесечје и мислите дека имате трудови, веднаш посетете лекар. Ако е прерано да се роди бебето, вашиот лекар можеби ќе може да го одложи породувањето.
Повеќе не го чувствувате бебето
Ако цело време сте ги чувствувале движењата на бебето во стомакот и тие наеднаш значително се намалиле – обидете се да се напиете ладна течност, да јадете или да легнете на колкот за да видите дали бебето поради ова ќсе помрдне. Ако не забележувате промени, не одложувајте и обратете се кај вашиот гинеколог. Броењето на движењата на бебето е исто така добра идеја.
Симптоми за прееклампсија во третото тримесечје
Ако искусите сериозна и ненадејна главоболка, проследена со двојна слика, светкање пред очите, стомачна болка и отекување, тоа би можеле да бидат знаци за прееклампсија. Станува збор за сериозна состојба која се развива во текот на бременоста и може да биде потенцијално кобна. Ја карактеризира висок крвен притисок со знаци за оштетување на другиот систем на органи, обично после 20.недела од бременоста, а за да се открие рано, важно е редовно одење на прегледи.
Ако не се лекува може да дојде со еклампсија која предизвикува губење на свеста, кома, па дури може и да доведе до смрт на мајката и детето па тогаш, независно од неделата на бременост се прави итен царски рез за да се спаси мајката и да се спречат трајните последици за нејзиното здравје.
Пукање на водењакот или мокрење?
Ако наеднаш почувствувате течност што ви се слева по нозете, би можело да станува збор за пукање на водењакот или едноставно вашето бебе ви го притиснало мочниот меур и дошло до мокрење. Треба да се има на ум дека амниотичката течност нема мирис и е проѕирна или содржи капки крв, за разлика од урината. Во секој случај, ако сте во недоумица, обратете се кај лекарот.
Сериозни мачнини и повраќање
Иако утринските мачнни се вообичаен дел од бременоста, ако станува збор за сериозни мачнини и за често повраќање – тоа би можело да биде знак за трудничка хиперемеза. Ако не можете да задржите ниту храна, ниту течност, тогаш постои ризик од дехидрација, а ова може да му штети на вашето бебе, па затоа секако посоветувајте се со лекарот околу потребните лекарства или промените во исхраната.
Постојан јадеж
Иако зголемениот проток на крв и хормонална флуктуација можат да доведат до повремено чешање на кожата и да ја направат чувствителна, сериозен и константен јадеж може да биде знак за пореметување на функцијата на црниот дроб, кое води кон зголемени акумулирање на жолчните соли во крвотокот, па затоа никако немојте да го игнорирате јадежот за време на бременоста.
Симптоми на грип
За да не се случи да се разболите за време на бременоста, вакцинирањето против грип е препорачлива превентивна мерка затоа што грипот за време на бременоста може да доведе до сериозни компликации. Сепак, значаен број на трудници избегнуваат вакцинирање против грип затоа што се плашат од нус појави. Ако забележите температура, кашлица, главоболка, грлоболка, течење на носот, повраќање и пролив, дури и ако сте вакцинирани, обратете се кај својот лекар.
Фото: Pexels