Живееме во село и уживаме во секој момент

„Една од најголемите радости ми е да ги гледам децата како растат на село. Слободни се, здрави, весели, креативни и вредни. Растат без телевизор и тој не им недостасува, опкружени се со мачиња, кучиња и така развиваат емпатија и поголема одговорност, а немаат никаков проблем ниту со социјализација, напротив, бидејќи тука сите меѓусебно се познаваат, успеваат да остварат многу поблиски односи со своите врсници, но и со повозрасните луѓе. Градот не ни недостига и сѐ што ни е потребно, го имаме овде“, вели нашата соговорничка Елена која заедно со сопругот Дарио и со трите деца повеќе од три години живеат едноставен живот на село

0
3903

Елена Доленц и Дарио Арсовски, се млада брачна двојка кои со своите три деца од пред нешто повеќе од три години живеат во село Шлегово, во близина на Кратово.

Шлегово се наоѓа на околу 800 м.н.в., има околу 200 жители и опколено е со ридови и планини и прекрасна и богата природа.

„Селото е од збиен тип, некогаш било многу богато и модерно село, а изобилува со прекрасна стара архитектура и интересни приказни, обичаи, легенди, цркви и други свети места“, раскажува Елена која е родена токму тука, во истото ова село во кое од неодамна се вратила.

„Јас пораснав на село и цело свое детство слушав совети од типот  ‘учи за да не мораш да работиш’ или ‘на село веќе нема  добар живот’. Сведочев на масовни преселби, цели семејства оставаа и запустуваа сѐ што имаат на село за да можат да започнат живот во град или што е уште полошо, ги продаваа своите имоти на село и со тоа не си оставаа опција некогаш повторно да се вратат. Во тоа време и јас мислев дека така треба и дека одлуката да се напушти селото и да се егзистира во градот е правилна одлука“, се потсетува Елена.

Со сопругот, кратовчанецот Дарио, ги споило Скопје. Се запознале таму пред околу седум години. Елена во тој период живеела во Скопје со нејзините две дечиња Габриел и Милан и во тоа време воопшто не размислувала за живот на село и воопшто, за начин на живот сличен на оној кој го живее денес.

„Мислев дека во нашата држава, град како Скопје може да понуди најдобри можности за живот. Всушност, тоа не беше мое мислење, туку мислење наметнато од околината. Дарио, мојот сопруг, во тој период студираше во Скопје и така патиштата ни се споија. На почетокот никој од нас немаше идеја за вакво нешто, сѐ ова што сме денес е резултат на едно заедничко растење, зреење или развивање, најмногу духовно, но потоа и во секој можен смисол. Има неколку клучни моменти кои на некој начин ни потпомогнаа во одлуката да започнеме живот на село, иако на почетокот ги перцепиравме како пречки, како нешта кои само ни го отежнуваат животот. Еден од тие моменти е и оној кога одлучив да почнам да се занимавам со изработка и продажба на накит. Да не го работев ова, најверојатно ќе имав професија поради која би била приморана да живеам во град. Бидејќи тогаш бев самохрана мајка со две деца, тешко ми беше да најдам работа, а и кога ќе најдев не успевав да ја задржам. Во тие моменти во кои животот се чинеше многу комплициран и тежок, се присетив на мојот талент кој од секогаш го имав и на големата љубов која ја имам кон творењето, па одлучив да ризикувам и да пробам, барем за утеха и релаксација. Таа одлука е една од најдобрите одлуки кои сум ги донела за себе и на сите оние кои ќе го читаат ова сакам да им кажам дека никогаш не треба да се откажуваат од соништата, од своите таленти и од нештата кои уживаат да ги прават. Дарио ме подржа во сето тоа, веруваше во мене и секогаш, и ден денеска ми е поддршка.

Најпрвин започнав да продавам на базари, па потоа на фејсбук. Потоа аплицирав на конкурс објавен од фондацијата „ЕленаЛука“ и бев одбрана да посетувам бесплатни обуки по моден дизајн во истоимената модна куќа, исто така ме подржаа со неповратни 100 илјади денари преку проект кој имаше за цел да даде поддршка на жени-претприемачи. Во тој период се стекнав со многу голема самодоверба, почнав повеќе да се ценам себеси како ракотворец и како уметник (иако не сум школуван уметник, јас своите креации ги доживувам како мали уметнички дела), научив многу нешта и остварив контакти со прекрасни луѓе. Потоа имав прилика да изработувам накит за еден интересен настан организиран од здружението „Хаемус“, на кој имав задача да изработам накит кој беше инспириран од стар Рим, а пред две години при учество на саемот за уметност „Паратисима 4“, бев една од наградените изложувачи. Наградата беше учество на „Паратисима“ во Торино. Сите овие мои успеси само ми докажаа дека сум на вистинскиот пат и така и продолжив. Денес накитот го продавам на фејсбук, поретко изложувам на базари, но желба ми е некогаш да си отворам едно мало дуќанче. Со тоа што работев дома и преку интернет, јас веќе ја имав таа слобода да можам да живеам било каде“, вели Елена.

Во меѓувреме, Дарио почнал да се занимава со музика и свирел како басист во повеќе алтернативни бендови, а почнал да се интересира и да се занимава и со фотографија, сега засега само како хоби, но со цел еден ден тоа да прерасне и во животно определување и професија.

„Двајцата се занимаваме со уметност, а  со тоа природно доаѓа и потребата за што поголема слобода. Градот почна да не гуши, да ни одзема многу време, да не ограничува во нештата кои сакаме да ги правиме. И двајцата не бевме приврзани кон можностите кои градот ги нуди, не ни беше привлечен комфорот, конзумеризмот и претераниот материјализам. Во одредени периоди сето тоа почнавме и да го презираме, но не затоа што тоа е навистина лошо, туку затоа што нам ни создаваше некоја тежина. Друга работа која не доближи до денешниот начин на живот  се и алергиите на мојот најстар син. Поради него почнавме да се храниме здраво, да се едуцираме и да се информираме во тој правец. Се приготвувавме дома и се трудевме да купуваме намирници за кои сметавме дека се здрави. Долг период се храневме вегански, а имавме и периоди во кои јадевме исклучиво жива, термички необработена растителна храна. Тие периоди ги памтам како периоди во кои најубаво сум се чувствувала. Со таквиот начин на исхрана се чисти телото, но се чистат и умот и душата. Првиот пат кога бев на жива храна се случија многу промени кај мене, на пример, секое утро се будев во време на изгрејсонце, природно, без вклучен аларм. Имав потреба да одам боса, да бидам изложена на сонце, почнав навистина да ги чувстувам природните вкусови и мириси и почнав да не ги поднесувам парфемите и средствата за хигиена кои содржат премногу хемија во себе, па истите ги заменив со природна домашна козметика. Тогаш природата почна да ми биде навистина потребна. Во последните неколку месеци поминати во Скопје буквално страдав по мирисот на шума, на трева, имав потреба за чист воздух, за вода без хлор, за храна која не е хемиски третирана, за зеленило и отворен простор околу себе. Промените кои ги чувствував јас ги чувствуваше целото мое семејство, бидејќи заедно бевме во сѐ и заедно чекоревме по тој пат.

Веќе бевме сфатиле дека треба да живееме на село, дека ни треба слобода и опуштен живот, дека ни треба природа и здрава храна, но финансиски ни беше неизводливо. Од друга страна и животот во Скопје беше финансиски неизводлив. Еден ден, сосема спонтано, помислив на тоа дека можеби е добро да се преселиме во селото во коешто пораснав, бидејќи тука имам стара куќа од дедо ми, во која никој не живее со години. И така, решивме да дојдеме и да видиме во каква состојба е куќата и дали навистина може да се започне живот тука. Кога дојдовме затекнавме многу полоша ситуација од онаа на која се надевавме. Куќата беше навистина запуштена и речиси празна, но енергијата која ја почувствувавме тука, убавината на селото и природата околу него оставија толку силен впечаток на нас, што веќе следниот викенд се спакувавме и започнавме да живееме тука. На почетокот беше тешко, но ништо не беше невозможно. Имавме периоди без интернет, без струја и без вода бидејќи навистина имаше многу да се поправа во куќата, но сето тоа беше привремено, бевме навистина храбри и сѐ што работевме, работевме со огромна љубов. На почетокот ни помогнаа и семејствата и пријателите. Иако дел од нив не го оправдуваа тоа што го правиме, не можеа да ја почувствуваат и разберат нашата потреба да живееме на такво место, сепак беа покрај нас“, раскажува Елена.

Селото Шлегово се наоѓа на само 4 километри од Кратово, па како што велат, сѐ им е лесно достапно и близу. И за арно и за лошо. Има продавница, има училиште за дечињата во кое учат до шесто одделение, а понатаму, до деветто учат во училиштето во Кратово и имаат обезбеден училишен превоз.

„Една од најголемите радости ми е да ги гледам децата како растат на село. Слободни се, здрави, весели, креативни и вредни. Најмала е нашата ќеркичка Каја која сега има една година и два месеци. Габриел (11 години) е шесто одделение, учи во училиштето во Кратово, секое утро патува со комбе заедно со другите дечиња од селото. Милан (9 години) е четврто одделение и учи во училиштето во селото. После училишните обврски речиси цел ден го поминуваат надвор играјќи си со другарчињата. Играат фудбал и други игри со топка, играат и друштвени игри, исто како што играа и нашите генерации, шетаат во природа, понекогаш заедно со нас извршуваат некои обврски во градината и во домот. Креативни се и поминуваат многу време творејќи. Габриел има голема дарба за музика. Свири на гитара, сам пишува и компонира музика, во училиште посетува оркестар и учи да свири на повеќе инструменти. Милан има дарба за цртање и моделирање, а и двајцата понекогаш изработуваат накит заедно со мене. Еднаш дури и изложуваа свои креации на базар кој се одржуваше во Пробиштип и имаа голем успех, морам да признаам дека продадоа повеќе отколку што продадов јас со својот накит. Секако, им останува и време да играат на компјутер, да слушаат музика и да гледаат некоја програма која им е интересна. Но со години немаме телевизор, телевизија престанавме да гледаме уште додека живеевме во Скопје, не сакавме да си го полниме умот со програми кои се стресни, изобилуваат со насилство и политика. Децата растат без телевизор, не им недостасува, ниту пак нам. Покажуваат голем интерес за билките кои ги береме, веќе знаат да разликуваат некои од нив. Исто така една од придобиките е тоа што се опкружени со мачиња, кучиња и така развиваат емпатија и поголема одговорност. Немаат никаков проблем со социјализација, напротив, бидејќи тука сите меѓусебно се познаваат, тие успеваат да остварат многу поблиски односи со своите врсници, но и со повозрасните луѓе. Често се случува да ѝ помогнат на некоја бабичка, да научат нешто од некој постар од нив, имаат навика да се поздравуваат со сите кои ќе ги сретнат по пат и да разменат по некој убав збор.

Во суштина, животот тука ни е едноставен, лесен и исполнет. Се трудиме секој од нас да си ја оствари својата лична слобода и не се трудиме да живееме така како што околината наметнува и смета дека е нормално. Секој ден ни е различен, немаме некој посебен ритам и тоа ни одговара. Ретко планираме однапред, живееме во моментот и секој момент се однесуваме така како што мислиме дека е најдобро за нас“, објаснува таа.

Што се однесува до домашните обврски, тие не им се строго поделени туку секој го прави она што може за доброто на семејството. Обврските во градината, нормално, зависат пред сѐ, од временските услови, никогаш ништо не форсираат, но сепак за сѐ имаат време.

„Има денови кога сме по цел ден дома, кога имам порачки за накит или Дарио има идеи па создава музика. Има денови кога се будиме и веднаш одиме на шетање, па по пат ќе си набереме печурки или билки од планина за појадок или ручек. Секој ден е приказна за себе и едноставно оставаме да се случи магијата на тој ден. Едни од поубавите денови се оние кога сме речиси цело време надвор, а се враќаме дома со крошна полна свежи печурки. Тие ни се најомилена храна, но и берењето печурки е една прекрасна активност. Од убави и интересни рецепти кои овде научивме да ги подготвуваме би издвоила мед од глуварче, сок од темјанушки и сок од цвет од јоргован, чорби и варива од коприви, штавељ, блитва и други зелени тревки. Често сама си правам леб, не секогаш, но кога го правам тоа мора да биде спектакл, употребувам домашни интегрални брашна, го зачинувам со многу зачини, додавам  сушен зеленчук и семиња. Минатата година за првпат направив вино од диви капини, тоа беше непроценливо искуство, ме воодушеви и вкусот на виното, но и самиот процес на негово создавање.

Инаку, селото не е многу поволно за земјоделие бидејќи е карпесто и климата е постудена, но затоа пак планините изобилуваат со диви билки, чаеви, шумски овошја и чисти извори на вода. Ние немаме голем простор за садење, практично немаме ниту двор бидејки куќата ни излегува на пат кој не можеме да го оградиме, имаме една мала градина близу до куќата. За ова време истражувавме многу и испробавме различни принципи на садење, пробавме и принцип на пермакултура, правевме и вертикални градини, испробавме сѐ што можевме за да заштедиме на простор и да имаме максимална добивка со минимална работа и сѐ што пробавме ни успеа. Никогаш не се оптоваруваме со тоа дали нешто ќе ни роди и дали ќе имаме доволно, едноставно уживаме во секоја градинарска активност, буквално си играме како мали деца и сето тоа ни носи голема радост. Чувствувам дека зборовите не се доволни за да се искаже сета таа радост која ни се раѓа поради градинарењето, сето тоа го правиме со огромна љубов, а градината соодветно ни возвраќа секоја година досега. Билките ги одгледуваме природно, не ги прскаме, не ги наѓубруваме со вештачки ѓубрива. Наместо тоа компостираме остатоци од овошје и зеленчук, листови и трева и од нив правиме природно ѓубриво, а наместо да прскаме против штетни инсекти, истражуваме како со помош на други инсекти (предатори на првите) да ја одржиме градината здрава и убава. Исто така истражуваме и кои билки меѓусебе можат да си потпомагаат и истите ги садиме едни до други. Но бидејќи тука е студено, сѐ зрее малку подоцна отколку на пониските места и поради таа причина не можеме да добиеме повеќе храна во малиот простор кој го имаме, почнавме да истражуваме и да се едуцираме за саморастечките треви и корови кои се јадат, па истите ги користиме во исхраната додека да ни се роди она што сме го посадиле. За среќа такви треви и корови има многу и упорно растат колку и да ги корнеме. За повеќето градинари тоа претставува проблем, но не и за нас. Дел од тие корови се навистина вкусни и се многу поздрави и похранливи од зеленчукот што го садиме. А планината изобилува со билки кои се јадат. Од оние што најмногу ги јадеме би ги издвоила тушт, глуварче,темјанушки, тегавец, штавељ, леплива трева, коприва… навистина ги има многу. Береме билки за чаеви – мајчина душица, камилица, нане, слез, јаглика, овчарска торбичка и многу други. Од шумски овошја тука имаме шумски јагоди, диви капини, трнинки, глог, бозел, шипинки, скоруши, диви лешници и други, а береме и повеќе видови на печурки. Сѐ уште сме на самиот почеток, а веќе откривме еден цел нов свет, изобилство на вкусови и сѐ повеќе и повеќе не возбудува помислата на тоа што сѐ уште можеме да научиме.

 

Нашата замисла беше да успееме да се храниме исклучиво од храна која ќе ја произведеме или ќе ја набереме во природа, но засега сѐ уште не можеме да го постигнеме тоа. Но среќни сме што еден дел од нашите потреби за храна ги задоволуваме со храна која сами си ја произведуваме или ја береме во планината, освен тоа што навистина уживаме во сето тоа, чувствуваме и финансиско олеснување, но и сигурни сме дека се храниме најздраво што можеме. Откако сме на село, не сме толку строги кон себе во поглед на начинот на исхрана. Консумираме јајца, понекогаш јадеме преработки од козјо млеко кое го купуваме од наши соселани. Месо не јадеме во принцип, односно, не готвиме дома, но понекогаш се случува да се почестиме со кратовска пастрамалија бидејќи е навистина врвен специјалитет. Она што мора да го купиме, најпрвин се трудиме да го купиме од локални произведувачи, кои за среќа сѐ уште ги има. Од соселани или жители на соседните села набавуваме сезонски зеленчук и овошје, природен мед, јајца, козјо млеко и интегрални брашна, но сѐ уште има намирници кои можеме да ги најдеме само во маркет. Се надеваме дека еден ден ќе бидеме независни од маркетот и дека дел од производите кои ги купуваме ќе си ги произведуваме сами. Засега не чуваме домашни животни, но голема желба ни е да одгледуваме кокошки, пчели и можеби овца или коза. Но тоа би било понатаму бидејќи моментално времето главно ни го окупира нашата мала ќеркичка.

Животот е игра и уживаме во секој момент. Пријателите и  семејството кои се подалеку од нас секако дека ни недостигаат, но со нив имаме непрекината комуникација, се посетуваме често и комуницираме преку интернет, а градот не ни недостига. Сѐ што ни е потребно, го имаме овде. Секако, се случува да имаме потреба од посета во град, но Кратово ни е блиску и не се чувствуваме изолирани.

Откако дојдовме тука и го започнавме овој начин на живот, почнавме да споделуваме и информации за тоа како живееме овде, кои придобивки ги имаме, ги споделуваме и знаењата кои ги имаме. Многумина се инспирираа од нашата приказна и така се создадоа многу нови пријателства со луѓе кои се интересираат за ваквиот начин на живот. Дел од нив исто така се одлучиле на ваков или сличен чекор, дел од нив не, но посакуваат. Секојдневно разменуваме искуства, знаења и идеи со тие луѓе и се поддржуваме едни со други, разменуваме семиња, разменуваме разни рецепти за приготвување чаеви, мелеми, лековити масла, природна козметика, природни средства за заштита на растенијата од штетници, меѓудругото, често разменуваме и инфоормации за препознавање и употреба на дивите самоникли јадливи билки. Така настана една прекрасна идеја, за настан на кој јас и уште две пријателки ќе готвиме со диви билки и ќе пренесеме информации за распознавање и начин на приготвување на истите. Целта е да  ги доближиме луѓето кон природата, да потпомогнеме повторно да се оствари таа конекција помеѓу природата и човекот. Да ја подигнеме свеста за важноста на природата, за нејзино зачувување, да  покажеме дека има начини преку кои човекот може да го зачува своето здравје и да добие бесплатна храна“, ја завршува Елена својата убава и инспиративна приказна.

[better-ads type='banner' banner='999' ]