Ако дома имате загрижен тинејџер, сигурно се прашувате зошто тинејџерите тежнеат кон совршен изглед и како на вистински начин да го усмерите?
Влијанието на врсниците
Во овој чувствителен период децата повеќе се грижат за тоа како луѓето изгледаат отколку како размислуваат. Ако на својот тинејџер или тинејџерка им кажете да ги игнорираат површните пријатели или дека оние кои ги ценат луѓето врз основа на физичкиот изглед не можат да бидат вистински пријатели, веднаш да ви кажеме дека тоа никаде нема да ве доведе.
На тинејџерите им е многу важно да се вклопат и затоа им е важно мислењето и на пријателите и на непријателите.
Пубертетот е време кога децата создаваат блиски пријателства и повторно ја преиспитуваат врската помеѓу родителите и детето. Влијанието на врсниците во тој период може да биде позитивно или негативно, а притисокот да се прилагоди може да биде огромен дури поголем од влијанието на медиумите и тинејџерските перцепции за совршен изглед.
Влијанието на медиумите
Постои нераскинлива врска помеѓу медиумите и негативното гледање на себе и тоа не само кај девојчињата, туку и кај момчињата. Момчињата можат да помислат дека не се доволно мускулести во однос на сликите кои ги гледаат во медиумите и кои им се презентираат како совршенство. Дури една третина од момчињата во тинејџерските години користат многу нездрави методи за контролирање на телесната тежина како што се лаксативите и пушењето.
Кај девојчињата ситуацијата е уште поалармантна па така има случаи кога на девојчиња од седум години им се дијагностицира анорексија. Националниот институт за здравје во САД им советува на родителите да им ја ограничат на децата изложеноста на медиумите, да ги учат на здрава исхрана како и на физички активности.
Влијанието на родителите
Децата се под големо влијание на тоа како нивните мајки се доживуваат себеси. Не треба само да внимавате што зборувате туку и што правите пред децата. Мајките кои се опседнати со својата или со тежината на своите ќерки можат негативно да влијаат на тоа каква слика ќе има нивното дете за своето тело. Иако има многу малку истражувања на таа тема, се верува дека истото важи и за татковците.
На децата од двата пола, треба со пример да им се покаже кои човечки особини треба да се вреднуваат покрај физичкиот изглед.
Што да се направи
Постојат неколку едноставни начини кои ќе помогнат вашето дете да развие здрава слика за своето тело. Што значи да не биде дебело, но да не тежнее кон совршенство.
Родителите кои и преку конфликти ја продолжуваат комуникацијата со своите тинејџери во подоцнежниот период имаат многу блиска врска со своите деца и затоа е многу важно да не се откажувате.
Колку и да било силно влијанието на врниците врз децата, некаде длабоко, длабоко, влијанието на родителите е сепак посилно. Првиот чекор кон напредок е да можете да разговарате со своите деца за сѐ па и за физичкиот изглед. Ограничете ја изложеноста на медиумите и отворено разговарајте за изгледот на жените и мажите кои се појавуваат на насловните страници.
Разговарајте за фотошоп, за нездравите диети и третмани кои можат да му наштетат на здравјето, особено на децата кои се во развој. Потрудете се вашето дете да почитува и некои други вредности освен физичкиот изглед. Наместо на своето девојче да му кажувате дека е убаво, пофалете ја за вредната работа на училишен проект или кажете му дека е духовито.
Внимавајте да не му испраќате на детето збунувачки пораки такашто на глас ќе го искажувате незадоволството од својот изглед.
Фото: Pexels