Сѐ уште има луѓе кои бегаат од аутистични и други деца со посебни потреби

Јелица Салтирова работи како дефектолог цели 40 години и вели дека оваа „епидемија“ на аутизам што се случува денеска е нешто што порано било вистинска реткост. „Овие деца се посебни, но не поради дијагнозата, туку поради љубовта што знаат да ја дадат“, вели госпоѓа Салтирова.

0
645

Јелица Салтирова е професор-дефектолог во посебното основно училиште „Иднина“. Како дефектолог работи цели 40 години. Таа е прв дефектолог во поранешна Југославија, која во далечната 1991.година ја обработувала темата за инклузија на децата со посебни потреби во редовниот систем на образование.

„Завршив дефектологија во Белград, во 70-тите години од минатиот век и од секогаш ми беше предизвик да работам со овие деца кои имаат најразлични проблеми во развојот, физички или ментален хендикеп или било какви други развојни или проблеми со социјализацијата.

Ја сакам својата професија, затоа што нема ништо поубаво од тоа кога некое од децата после толку труд, ќе научи барем две букви, кога некое од нив првпат ќе ме гушне или кога ќе проговори. Имав еден ученик со аутизам, Марко, секогаш кога доаѓаше на час прво ме бакнуваше и ме гушкаше. Прекрасно црташе, а кога почна да си црта и по рацете, се договорив со мајка му да му облекува постара облека за да може слободно да црта, без забрани, да видиме до каде ќе оди“, се потсетува професорката.

После 12 години како директор во „Иднина“, раскажува таа, по „казна“ била испратена во основното училиште во Миладиновци, во Илинден.

Во оваа „прекоманда“ госпоѓа Салтирова видела предизвик и можност да ги реализира своите идеи за инклузија на децата со посебни потреби во редовниот образовен систем.

„Според мене, за да се реализира ваква инклузија треба прво да се подготви и средината, и кадарот и другите деца, а не да се прави вака стихијно, како што се прави сега кај нас. На пример, јас тогаш почнав чекор по чекор. Забележав дека другите деца на одмор бегаат од дечињата со посебни потреби, па прво ги повикав да се запознаат, им објаснував зошто се такви какви што се, а им организирав и една екскурзија во Белви на која зедов 5-6 од овие деца  кои таму толку се опуштија, се зближија и се здружија со децата со посебни потреби, што по враќањето назад, им го пренесоа своето искуство на другите и ги „пуштија“ овие деца меѓу нив. Уште го помнам составот што тогаш го напиша едно од нив на оваа тема: „ Јас се плашев  како ќе биде на таа екскурзија, а сега цел живот би се дружел со овие деца“, напиша ова дете тогаш.

Значи, сите се плашат од непознато, а овие деца никогаш немале контакт со вакви деца па затоа им требаше прво да се запознаат, да им се објасни за што станува збор. Потоа беше се полесно, тие им помагаа на своите нови другарчиња со проблеми, на одморите, одеа заедно на физичко, на музичко, итн. Ете тоа е успешна инклузија, а не да ги седнеме во клупа и да очекуваме од нив да седат 45 минути и да пишуваат букви или да следат настава. Како очекувате вие од овие деца да седат во клупа, кога има толку многу  различни активности преку кои таа инклузија може да се направи многу поуспешно“, вели Салтирова.

Инаку, за аутизам, првпат слушнала додека студирала во Белград, во 1977-78. година.

„Во тој период за време на моите студии по дефектологија, во 70.тите, не однесоа во еден дневен центар во Белград во кој имаше деца од различни групи, но ни рекоа дека има и некое дете со аутизам, но тоа беше поединечен случај. Тогаш за аутизмот се зборуваше како за состојба на некаква чаура која во некој период од животот може да се отвори. Во меѓувреме, многу научници и доктори истражуваат што е аутизам, но никој не успеал да одговори на ова. Иако не сум стручњак, според мене, оваа „епидемија“ на аутизам која се случува денеска, е последица од сѐ поголемата употреба на пестициди во храната, тешките метали и загадениот воздух.

Мислам дека понекогаш и родителите не се доволно искрени, не ги даваат секогаш вистинските и искрени одговори за тоа кога првпат ги забележале кај своите деца симптомите на аутизам, но тоа е друга тема“, вели Салтирова.

Според неа, иако постои голема фама дека овие деца нема да бидат прифатени од другите, таа не е целосно неоснована. Имено, и самата често била сведок на нечовечки однос од многу т.н. интелектуалци кога станува збор за деца со посебни потреби.

„Јас секоја година во својот двор правам голема забава за „моите деца“ заедно со сосетките кои ми помагаат да подготвиме сѐ што треба.

Една моја пријателка која беше кај мене со својата „нормална“ ќерка, си замина пред да дојдат децата на мојата забава за да не се сретнат со нив. Една госпоѓа го отпиша своето дете од училиште поради тоа, итн. Значи, сѐ уште има луѓе кои бегаат од децата со посебни потреби, но за среќа, повеќето топло ги прифаќаат.

Сепак, сметам дека инклузијата која денеска се спроведува во училиштата се прави многу стихијно и недоволно подготвено. Јас сум инклузирала деца, имам и позитивно и негативно искуство, но дефинитивно знам дека тоа не се прави вака. Има успешни резултати кај децата за кои можеме да кажеме дека се во некоја полесна категорија, но кај аутистично дете кое нема развиено говор, кое е тешко за социјализација, хиперактивно, со слаба или неразвиена моторика, односно кај децата кои може да се каже дека спаѓаат во некоја потешка категорија, не само што нема напредок, туку тие деца се секаде само не на настава. Гледаат да се ослободат од нив, па тие го минуваат времето по ходниците, или пак едвај чекаат родителот да не ги донесе, што е навистина страшно и мене сето ова ми личи на оној модел кој се спроведе во Италија и кадешто децата се секаде само не во институциите. Имено, во Италија ги укинаа сите посебни училишта и сите институции и наводно ги инклузираа децата, но тоа не е вистинска инклузија. Факт е дека е тешко да се работи со нив, и не им забележувам на родителите кои сакаат по секоја цена да ги инклузираат своите деца бидејќи сите ние сакаме се најдобро за своите деца, но мислам дека огромна грешка кај нас е тоа што несоодветен кадар и нестручни лица подготвуваат закони, пратеници без работно искуство со таква популација не можат да подготват закон и притоа да нема проблеми“, вели Салтирова.

Според неа, она што требало да се направи првично е да се направи регистар за лица со пречки во државата, а потоа да се направи и добра анализа на тој регистар, за тоа колку од нив можат да се вклучат во наставата, колку се наставниците подготвени за ова и слично.

„Кај нас сега се прават некакви обуки од 3-4 недели за наставниците кои се во редовна настава, на кои, патем, им наметнуваме нешто за што тие не се школувале и за што не се подготвени. Тоа е исто како мене да ме пратат на обука од 3-4-5-6 недели за да станам хирург и потоа да ме пуштат да оперирам“, објаснува Салтирова.

Инаку, професорката за време на своето четиридецениско искуство се соочила со многу проблеми, многу деца и многу различни состојби и приказни.

„Во времето кога почнував со работа во „Иднина“ имаше 468 деца и тогаш работевме во три смени. Денеска работиме во две, имаме логопед, корективна гимнастика, предметно-одделенска настава, а предаваат само дефектолози, со исклучок на предметите по физичко, музичко и ликовно.

Во тоа време се правеа категоризации на децата и имаше деца со лесни, тешки и гранични пречки. И тогаш се правеше инклузија на овие деца, јас отворив паралелки, во Кадино, во Илинден, во основните училишта во Идризово, во Ченто, во Маџари, мрежата се ширеше. Од тој период имам и добри и лоши спомени. Еден од поубавите е еден случај на ученик, чии родители беа на печалба, а него го чуваше бабата, која го имаше презаштитено и го чуваше изолирано, зад висока ограда и без никаков контакт со други деца. Беше категоризирано како дете со пречки во развојот. Јас еден ден решив да преземам нешто, па ја испратив бабата дома, а детето го испратив во продавничката во непосредна близина на училиштето да купи едно пенкало и едно големо чоколадо кое потоа го поделивме меѓу себе. Го форсирав, се описмени,  дури отиде и над нивото па кога го испративме на рекатегоризација, го вративме во редовно училиште. Кога дојдоа родителите им реков да ја продадат куќата затоа што во таа средина детето веќе беше обележано како „поинакво“, па тие ме послушаа, се преселија оттаму, и денеска тоа дете е специјалист-интернист. Ова е можеби несоодветен пример, бидејќи стануваше збор за нешто сосема друго, но она што сакам да го кажам е дека секое дете е своја приказна, а инклузијата на овие деца треба да се сфати многу посериозно и да не се прави наврат-нанос зашто овие деца заслужуваат многу подобро“, вели нашата професор Салтирова.

[better-ads type='banner' banner='999' ]