Ана Петреска е логопед – дефектолог во здружението „Интеракција – плус“ и негов основач. Таа веќе одговори на првите прашања од нашите читатели кои стасаа на нашиот и-мејл. Ве молиме, доколку имате некое прашање за неа, испратете го на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“.
Ако една личност го изгубила слухот во раното детство, а во 25.година ѝ е вграден слушен апарат, дали постои можност правилно да проговори?
Според состојбата што ја наведувате, можам да заклучам дека кохлеарната имплантација е спроведена многу доцна бидејќи секогаш постои правило дека максималните придобивки од имплантот се согледуваат најмногу кај прелингвално глуви лица, односно имплантирани уште пред да се развие говорот. Сигурно дека кај особата за овој период од 25 години е равиен некој функционален рудиментиран почетен говор, којшто ѝ служи, иако тука е многу важна употребата и знаењето на знаковниот јазик. Секако дека имплантот би помогнал да ги слуша чисто и јасно звуците, меѓутоа да се дојде на ниво на правилно искажани зборови и реченици во оваа возраст е навистина тешко и никој не може да го гарантира успехот и исходот од тој процес.
Oдам во средно и сум многу комуникативна. Кога бев мала, пред да почнам да одам на училиште, имав проблем со пелтечење, но со помош на логопед, мојот говор се подобри и го решив проблемот со пелтечењето. Пред неколку години забележав непријатност додека читав пред одделението и тоа беше проследено со потешкотии при почнувањето на речениците. Оваа ситуација се влоши и повеќе не можев да ја почнам реченицата кога ќе вдишев длабоко. Подоцна ваквата потешкотија се пренесе и на секојдневниот говор. Зборувањето ми стана се потешко и проследено со голем притисок. Не знам што да правам? Ви благодарам однапред.
Во однос на состојбата што ја наведувате, кај вас се работи за доживеан стрес, односно таа ситуација на читање пред одделението би била како „откочувач“ за да пелтечењето повторно се појави. Најверојатно вие во таа цела ситуација не сте се снашле баш најдобро, односно сте наишле на некоја потешкотија и како резултат на тоа се појавиле старите манифестации на губење на воздух, паника и неможност за зборување. Вие сѐ уште живеете со тој стрес и тој ве следи во секоја ситуација и мислите дека нема да можете да зборувате поинаку. Не треба да ја поттиснувате вашата екстровертност и комуникативност, туку напротив,треба да ја искористите како начин да се изборите со проблемот. Можете да дојдете во нашето здружение на преглед и третмани на кои ќе се работи на учење на техники за самоконтрола на говорот во секојдневните (одредени) ситуации.
Имам син од 2 години и 9 месеци. Неговиот говор нормално се развиваше дури и многу зборуваше како за своја возраст, но после некое време почна да пелтечи, а тоа се јавуваше во периоди некогаш повеќе некогаш помалку додека во последниот месец тоа дојде до таа граница што воопшто не може да го изговори зборот кој сака и многу се мачи кога го изговара…дали е рано да се побара помош?
Физиолошкото пелтечење коешто се јавува во оваа возраст може да прерасне во голем проблем во комуникацијата кај некои деца, како што е вашиот син, затоа што кај него оваа состојба земала замав и предизвикала целосна блокада во изговарањето и општото зборување. Треба што побрзо да го донесете кај нас на преглед за да се види точно каде лежи причината за пелтечењето, односно од каде доаѓа проблемот. Сите наведени манифестации укажуваат на тоа дека не треба да се чека и дека кај детето има некој проблем кој и вие самите не можете да го идентификувате.
Сите заинтересирани кои сакаат да се обратат за логопедски преглед, ќе можат тоа да го направат на телефонските броеви 071-973-362 и 078-245-484, при што секое дете ќе добие бесплатен логопедски преглед.