Момче од Преспа, со церебрална парализа вози велосипедски маратони, вежба и скија

10 години барав работа во Ресен, но не успеав да најдам и свесен сум дека најголемата причина за тоа е мојот хендикеп. Никој не сака да биде отфрлен од општеството, а кај нас се случува токму тоа. Ова беше причина и поради која се откажав од факултетот после две години студирање и поради која решив со својот пример да покажам дека и НИЕ можеме, вели нашиот соговорник Васил Јанкула.

0
1199
Дваесет и седумгодишниот Васил Јанкула од Мала Преспа пред 3-4 години почнал интензивно да се занимава со спорт, да вози велосипед, да вежба, а автомобил, вели, вози веќе 10 години, иако нема возачка дозвола. Вели дека не сакаат да му издадат лекарско уверение па поради тоа не може да полага за возачка, но е комплетно способен и безбеден возач. На прашањето дали некогаш добил казна, вели:
„Досега не ме запреле, но нема зошто да ме казнат, не сум јас виновен што немам дозвола“, вели Васил. Сепак, негово главно превозно средство, но и многу повеќе од ова е велосипедот со кој веќе учествувал на повеќе маратони.

Сега, со помош на хуманите луѓе успеал да купи нов велосипед кој е многу полесен за возење од досегашниот и со него планира на 4.мај да вози на скопскиот маратон, но и да тргне на пат низ Македонија. Неговата цел е да ја подигне свеста кај јавноста и да влијае врз менување на односот на луѓето кон оваа група на граѓани.
„Јас 10 години барав работа во Ресен, но не успеав да најдам и свесен сум дека најголемата причина за ова е мојата здравствена состојба, односно, мојот хендикеп. Никој не сака да биде отфрлен од општеството, а кај нас се случува токму тоа. На пример, јас по завршувањето на средното училиште во Ресен, се запишав на Информатика во Битола, но после две години студирање се откажав токму поради односот на некои од професорите кои едноставно не ме прифатија, ме гледаа поинаку отколку другите студенти и решив да ги прекинам студиите. Но сето тоа ме поттикна да направам нешто и да се ангажирам повеќе во менувањето на односот кон луѓето со хендикеп“, објаснува Васил.

Токму затоа тој решил и да го подари својот стар трицикл со кој учествувал на досегашните маратони на некое дете со посебни потреби кое ќе може да го вози.

Веќе му се јавиле тројца, но Васил вели дека ќе му го подари на оној кој ќе може да го вози бидејќи не би сакал трициклот да му стои како украс туку сака да го мотивира тој што ќе го наследи од него да тргне по неговиот пат или барем да стане поактивен.

Инаку, Васил е роден како здраво дете, но вели дека се разболел откако добил висока температура (42 степени) на едногодишна возраст. Тогаш почнале и промените во неговиот развој па денеска тој има проблем со говорот, но и со мускулите. Сепак, со долготрајна упорност, вежбање и многу труд, неуморно го вози својот велосипед.

Го прашавме колку часови дневно тренира, а тој ни рече:

„Цел ден сум на велосипед, без оглед на временските услови и ништо не ми е тешко“.

Васил има и двајца помали браќа кои студираат во Битола и во Скопје, па тој е постојано на оваа релација.

„Браќата секојдневно ми се јавуваат и ме викаат да одам кај нив, а и јас не можам без нив па постојано одам де кај едниот, де кај другиот, најчесто со автобус, но и со автостоп. Тие ми се голема поддршка и ме следеа на маратоните што ги возев досега“, вели Васил.

Инаку, тој тренира со својот тренер Тони Ангеловски кој се заинтересирал и се заложил за него откако го гледал како самиот секојдневно се труди.  Васил вели дека во светот ќе немало маки, ако сите луѓе биле како неговиот тренер на кој тој безусловно му верува.

Васил со својот стар трицикл ги остварил своите зацртани цели за лани, благодарение на поддршката од општина Пустец и секако, на неговиот тренер.

Најпрво, на осми септември, по повод независноста на државата тој ја извозил 30 километри долгата патека во рамки на Охридскиот меѓународен атлетски маратон. Како дел од 32-то издание на маратонот, со оптимистички дух и храбро срце успеал за два часа да ја извози патеката полна со удолници и угорници.

На 11 ноември под мотото „Возам на точак за лица со попречност” возел низ Скопје, а потоа и на прилепскиот маратон.

Ја извозил патеката од 150 километри, во двата правци, возејќи 8 часа, од Ресен до селата од Мала Преспа, Леска, Пустец, Зарноско.

Во мај го чека скопскиот маратон, а потоа, се надева дека доколку најде спонзори, ќе може да ја обиколи со својот велосипед и цела Македонија.

Од 4.до 9.март бил дел од сит-ски школата за лица со попреченост која е дел од проектот за проактивно вклучување на ранливите категории на граѓани. Сит-ски школата се одржувала во Маврово под менторство на Британците Крис Деј и Пол Џејмс.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]