Нови сознанија за глобалната пандемија на лажни лекови кои убиваат деца низ целиот свет?

Стотици илјади деца секоја година умираат заради напливот од неквалитетни или лажни лекови, стои во извештајот објавен во понеделникот во Американскиот журнал за тропска медицина и хигиена.

0
370

Смртта на дете е причина за очајност, а едно ново истражување покажува дека една од најголемите опасности доаѓа во форма на фалсификувани и подстандардни лекови кои се користат против маларија, пневмонија и други болести. Стотици илјади деца секоја година умираат заради напливот од неквалитетни или лажни лекови, стои во извештајот.

„Станува збор за најмалку 300,000 деца кои починале заради смртоносни лекови кои се дистрибуирани од криминалци“, вели др. Џоел Бреман, коавтор на извештајот и висок научен и почесен советник во Меѓународниот центар Фогарти при Националните институти за здравство на САД.

Светската здравствена организација (СЗО) идентификувала три вида фалсификувани и подстандардни медицински продукти.

„Фалсификуваните медицински продукти“ намерно лажно се претставуваат по својот идентитет, состав и потекло. „Субстандардните медицински продукти“ се регистрирани лекови кои на извесен начин ги немаат стандардите за квалитет или спецификациите – на пример, во нив има помала од потребната количина на активни фармацевтски состојки. „Нерегистрираните или нелиценцираните медицински продукти“ се лекови кои не се тестирани и немаат дозвола за употреба.

Каде сето ова се случува?

Бројот на фалсификувани и нестандардни медицински продукти расте, велат Бреман и неговите соработници во извештајот, кој беше објавен во понеделникот во Американскиот журнал за тропска медицина и хигиена. Во 2008 година, на пример, Фајзер глобал секјурити, односно тимот на овој производител на лекови кои се бори против лажните лекови, открил 29 свои фалсификувани производи во 75 земји. А десет години подоцна, Фајзер открил 95 лажни лекови во 113 земји низ светот.

„Нашиот фокус првенствено и сѐ уште се сиромашните земји, затоа што таму нема контрола и постои голема веројатност за појава и развој на болести“, вели Бреман кој е и претседател на Американското здружение за тропска медицина и хигиена.

Тој вели дека „приходите“ од подстандарни лекови достигнуваат и до 10 проценти од сите лекови, или околу 200 милијарди долари, во земјите со ниски и средни приходи.

Едно од двата најзагрижувачки моменти во овие земји се лековите против маларија, за кои се претпоставува дека се причина за смртта на повеќе од 150,000 деца секоја година. Лековите против маларија и комбинцијата на терапија со артемисинин (која најчесто се нарекува АКТ) се најдоброто решение за борба против маларијата.

Покрај опасноста по животите на децата, постои пораст и на нови категории лажни лекови за третирање на висок крвен притисок, велат истражувачките тимови на производителите на лекови, кои откриле дека на пазарот можат да се најдат и до 50 проценти фалсификувани верзии на нивните лекови.

Најчесто овие лажни лекови можат да се најдат преку интернет, и најчесто се поврзани со организираниот криминал или терористички организации, кои меѓу другото нудат и лекови за срцеви болести, ерективни нефункционалности, против рак и болки (опоиди кои се издаваат на рецепти).

Бреман за овие криминални „лаборатории“ кои прозведуваат лажни лекови и опоиди вели дека се средишта на отрови и застарена валкана опрема, и дека таблетите најчесто се загадени со фентанил и други супстанции опасни по живот.

Се проценува дека низ светот во моментов функционираат дури 35,000 такви лаборатории, а со сѐ поголемиот пристап на луѓето низ светот на интернет расте и опасноста и кај луѓето во земјите со повисоки приходи.

Во изминатата деценија, бројни академици и непрофитни организации сѐ погласно предупредуваат за опасноста од сето ова, а Канцеларијата за лекови и криминал при ООН, Интерпол и СЗО, засилено се ангажираат за справување на проблемот со лажни и подстандардни лекови.

Дистрибуцијата на лажни лекови значи дека исто така расте и опасноста од антимикробна резистентност. Лековите со слаб квалитет ја шират резистентноста заради неефикасноста да ги убијат бактериите, како што е случајот со лековите кои немаат активни состојки, кои се познати како „ќорци“.

Извор: Си-Ен-Ен 

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]