На сите прашања упатени од нашите читатели одговара нашата стручна соработничка Ана Петреска.
Ана Петреска е логопед – дефектолог во здружението „Интеракција – плус“ и негов основач. Таа веќе одговори на првите прашања од нашите читатели кои стасаа на нашиот и-мејл. Ве молиме, доколку имате некое прашање за неа, испратете го на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“.
Имам дете од 2 години кое не врзува сложени реченици туку изговара неколку зборчиња (досега знае да изговори околу 15), но разбира сѐ, прави соодветни гестикулации, имаме контакт со очи и слуша ‘„наредби“. Имајќи предвид дека има деца на негова возраст па и помали што зборуваат доста повеќе, сакам да прашам дали има потреба да посетам стручно лице – логопед за да се стимулира говорот кај моето дете?
Во однос на возраста и однесувањето на вашето дете, не постои нешто што отстапува од нормалните развојни граници. Во однос на фондот сте во право дека кај некои деца фондот е поголем и дури зборуваат со реченици, меѓутоа и бројката од 15-тина зборови е задоволителна за дете од двегодишна возраст, а за подетално да се процени дали треба на говорот да се работи и колку она што го знае говорно го користи, ве поканувам да дојдете на бесплатен логопедски преглед во нашето здружение за да ја проследиме состојбата.
Имам 16 години и откако знам за себе имам проблеми со говорот. Секогаш правам големи паузи при зборуваето зашто некои зборови не можам да ги изговорам па пробувам да ги заменам со друг збор. Најтешки ми се оние што почнуват со п, б, д, к, т и к. Дури и кога сум најопуштена и кога смирено зборувам ми се случуваат истите блокади и паузи. Најлошо е во школо кога треба нешто да одговарам или да прочитам. Оценките од усмените одговори и активности ми се прилично лоши зашто дури и да го знам одговорот, не можам да изговорам и тогаш ми доаѓа да се расплачам од мака. КОга разговарам со некого срцето ми чука, а стомакот ме боли од нервоза, а потоа следува најлошото и чувствувам болка во гадите и како да останувам без воздух. Свесна сум за својот проблем, но многу тешко излегувам на крај со него. Би сакала да го избегнам одењето на логопед, па мислев дали е возможно да ми дадете некој совет или некои вежби за дишење кои би можела да ги правам сама. Фала ви однапред.
Почитувана, сите оние нешта кои ги наведувате од вашиот проблем, спаѓаат во потешкотии при абруптно пелтечење-пелтечење во одредени ситуации. Нормално дека проблемот ќе постои и ќе се појавува и ќе се губи, затоа што тој не е искоренет, а е од поодамна. Гласовите кои ги наведувате (плозивите), точно е дека прават проблем, затоа што при нивното изговарање бара да се вложи поголема енергија од артикукаторниот апарат. Техниките за искоренување на пелтечењето се комплексни, вежби за релаксација и дишење, продолжен говор, говорење низ пеење, говор во акција, читање на глас и други. Во вашиот случај може да се применат сите техники комбинирано, но морате да дојдете на преглед и да се отпочне логопедска терапија, за да после вежбите се постигне ваша лична самоконтрола и подигнување на степенот на самодовербата, дека вие можете да зборувате. Добро би било да се обратите и на психолог за совет и препорака. Ви препорачувам да дојдете на логопедски преглед.
Мојот син има две години и речиси воопшто не зборува, но често си дрдори на некој свој јазик. Ме плаши тоа што повремено избегнува и контакт со очите. Инаку е весел и активен, знае долго да си игра, да се гали, и прифаќа игра со друго дете. Како да му помогнеме да проговори?
Почитувана, во однос на ова што го наведувате кај вашето дете треба да се работи на поттикнување на говорот, во комбинација со дефектолошки вежби за адаптација и насочување на вниманието, затоа што ваквата состојба доколку продолжи и во наредниот период, потоа ќе биде уште потешко да се добие говор, а и вашето дете ќе почне да се фрустрира. Она што вашето дете повремено избегнува да сработува со вас, односно контакт со очи, не мора да значи дека е знак на нешто конкретно, може да биде и поради тоа што не сака да се обидува да зборува, или пак да изврши нешто и наједноставно му е само да избега, но сепак треба да дојдете за да направиме логопедски преглед и потоа да се оцени дали ќе се отпочне со третман.
Фото: Pixabey