Во младоста бил надежен фудбалер, а сега е доктор по економски науки и речиси две полни години – министер за финансии, функција која ја наследи заедно со долгот од 4,73 милијарди евра. Пред да стане министер, проф.д-р Драган Тевдовски беше професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а според неговите студенти и еден од најинспиративните професори во државата.
Во брак е со архитектката Анита, со која имаат три ќерки. Седумгодишната Каја е онаа чие раѓање го очекувал со најголема возбуда и прилично исплашен.
Со следните две ќерки, сѐ било и полесно и повесело. Раѓањето на четиригодишната Ема го исчекувал со тогаш тригодишната Каја, а за раѓањето на најмалата, едногодишната Сара, друштвото било најголемо па затоа било и највесело.
Што се однесува до изборот на нивните имиња, за Каја, предлогот бил на мама Анита, за Ема е одговорен тато Драган, а за Сара – Каја и Ема.
И Тевдовски и неговата сопруга имаат по една сестра, но отсекогаш сакале тие да имаат три деца.
„Децата се најголемо богатство, а ние од секогаш сакавме да имаме токму три, такашто, не можам да кажам ништо друго освен дека сме навистина пресреќни со нашите три ќерки.
А бидејќи трите ќерки заедно со неговата сопруга се дури четири спрема еден, го прашавме Тевдовски како се снаоѓа со своите четири дами и како во овој живот се вклопи малечката Сара.
„Со трето дете, сите се поопуштени. Сестрите покажуваат огромна љубов кон неа, па иако помеѓу нив двете постои ривалство и љубомора, кон помалата сестра тоа го нема.
Сите си играат заедно, но сите се сѐ уште мали и си бараат внимание, а јас поголемиот дел од времето не сум со нив и во она кратко време кое го поминуваме заедно, нормално дека секоја сака да раскаже нешто за поминатиот ден во училиште или во градинка, секоја сака да ми покаже нешто.
Иако поминувам многу време на работа, кога доаѓам дома, а тие веднаш сакаат да си играат со мене, ми даваат енергија и прават да се чувствувам исполнето. Во последниве недели знаеме сите заедно да излеземе на прошетка во маало. Тие не знаат што сѐ подразбира и што точно значи мојата функција како министер за финансии, но со оглед на тоа што порано знаеја дека сум учел деца на факултет, а бидејќи тогаш бев послободен и имав повеќе слободно време за да го поминувам со нив, сега најчесто ми велат: „Ти да се вратиш на факултет, а некој друг да биде министер“, раскажува Тевдовски.
И покрај презафатеноста и работните обврски, министерот Тевдовски и неговата сопруга во работните денови ги носат ќеркичките во училиште и во градинка, а тој се труди во вечерните часови да им посвети барем еден до два часа за да бидат сите заедно.
„Најважно ми е кога сме заедно да им се посветам и да не мислам на работата, но тоа не е секогаш лесно. Тие го забележуваат тоа и ме караат, па јас гледам за време на викендите барем еден ден да поминам со нив и тогаш најчесто одиме во парк или на Водно.
Пред да бидам на оваа функција имав повеќе време да преземам голем дел од обврските во семејството. Знаев да зготвам ручек, ги носев децата на курсеви…Но сега имам многу обврски и целиот товар паѓа на сопругата. Сепак, морам да кажам дека сум пресреќен што е таа посветена на семејството и на растењето и воспитувањето на децата“, признава Тевдовски.
Децата пак, како и нивните родители, имаат различни интереси. Министерот раскажува дека откако знае за себе го сака спортот. Од мал тренирал карате, пливање и фудбал. И ден денеска една од работите што најмногу му помагаат да се справи со стресот, е спортот, а особено трчањето. За жал, повеќе нема време за фудбал, но не се откажува од џогирање и го прави тоа наутро, пет пати во неделата.
„Тоа е еден од моите вентили за исфрлување на негативната енергија и ми дава сила да се справам со обврските. Поголемата ќерка, Каја, во училиште тренира карате и го обожува тоа. Во неа ја гледам љубовта што јас сум ја имал за спортот. А Ема е повеќе на сопругата и не покажува желба за спорт“, објаснува тој.
Во моментов, со оглед на тоа што е презафатен со работните обврски, свесен е дека е многу попустлив кон ќерките.
„Тие три успеваат за некои три секунди да ме купат. Но, од друга страна, балансот го држи сопругата која мора да биде „лошиот полицаец“. Она на што сакаме да ги научиме и двајцата како родители е дека треба да се борат во животот, дека треба да ги прават работите што тие сметаат дека се важни, а не некој друг, дека треба да учат и дека треба да сакаат да учат, итн“, вели Тевдовски.
За крај, го прашавме што му е најтешко во овој период од животот, а што е тоа што го прави среќен и горд.
„Најтешко ми паѓа тоа што немам доволно време за да бидам со семејството, а најмногу сум горд на тоа што во Министерството за финансии изградивме тим кој може да се справи со секаков притисок и да реши секаков проблем. Им благодарам на сите колеги што огромно време и енергија вложуваат во тоа да ги движат напред работите во јавните финансии“, вели Тевдовски.
Фото: Виолета Огненовска