Хрватот Жарко Алфиревиќ дипломирал на Медицинскиот факултет во Загреб во 1984, а во 1989.година, со стипендија на Бритиш Каунсил, отишол на усовршување во Ливерпул кадешто останал до денес.
Тој е шеф на Клиниката за гинекологија и педијатрија на Медицинскиот факултет во Ливерпул, и ја извршува својата клиничка дејност во ливерпулското родилиште, едно од најголемите во Европа. Неодамна е избран за претседател на Академскиот собир на Кралското здружение на гинеколози на Велика Британија.
„Многумина ќе бидат изненадени од мојата споредба на британскиот и хрватскиот здравствен систем кога станува збор за негата на трудниците. Сметам дека најголемата разлика доаѓа од односот помеѓу лекарите и бабиците. Имено, во британскиот систем нема гинеколог со општа пракса и приватни гинеколози кои се грижат за здравите трудници. Сето тоа го прават бабиците кои спроведуваат антенатална заштита, го водат породувањето, шијат епизиотомија и ја спроведуваат негата после породувањето, виклучувајќи ја тука и грижата за доењето. Не само во болница, туку и дома. Болницата во која работам, со повеќе од 8.300 породувања годишно, вработува околу 300 бабици кои се интегрален дел од нашиот тим. Тоа им овозможува на повеќето трудници да имаат континуирана нега, а во болницата доаѓаат само во случај на тешки компликации. Повеќето здрави трудници поминуваат помалку од еден ден во болницата после породувањето, а гинеколог воопшто и не гледаат. Нам, на докторите тоа ни овозможува да се занимаваме само со вистинска патологија и да бидеме експерти во своето подрачје, затоа што не сме оптоварени со грижата за здрави жени“, пишува професор Алфиревиќ за „Утрински“.
Како што наведува, бабиците ја третираат бременоста како нормален физиолошки процес, додека докторите во сѐ гледаат потенцијална опасност, па понекогаш доаѓа до професионални конфликти.
„Наш грев е тоа што постојано измислуваме нови тестови и дијагнози за да ги претвориме здравите трудници во пациенти кои не можат без нашата помош. Долгогодишното искуство ме учи дека трудниците и нивните семејства профитираат во тој постојан дијалог помеѓу двете професии“, наведува докторот.
Додека тој се грижи само за жените со тешки компликации, здравите трудници се породуваат на другиот крај од болницата, секоја во посебна соба со купатило, покрај својот партнер и својата бабица. Доктор се повикува само кога ќе дојде до компликации. Основен принцип е дека жената, бебето и партнерот се центар на сѐ, а персоналот е тука само за да помогне доколку има потреба од тоа.
„Сигурен сум дека многу хрватски трудници не би уживале во британскиот здравствен систем. Прегледите се релативно ретки, а до ултразвук не може да се дојде без медицинска индикација. Здравите трудници немаат свој гинеколог. Нема закажување преку врски. Во капиталистичка Велика Британија, кадешто царува профитот, во медицината важи старото социјалистичко правило – секому според потребите, а не според платежната моќ. И не се сеќавам кога последен пат сум прегледал или сум породил здрава трудница“, објаснува докторот.
Гинеколошката заштита ја водат лекарите со општа пракса, се прават минимален број на прегледи. Уште од 1948. година здравствената нега е целосно бесплатна и една од најефикасните на светот, истакнува професорот.
Фото: Pixabey