Наташа Чучкова Никчевска e специјалист-педијатар во Жан Митрев Клиника. Доколку имате било какво прашање или дилема во врска со здравјето на вашето дете, напишете ги на профилот на Фејсбук на порталот „Мајка и дете“ и очекувајте ги одговорите од нашата соработничка.
Д-р Наташа Чучкова Никчевска ја почнала кариерата на Универзитетската Клиника за Педијатрија, кадешто волонтирала 2 години, почнувајќи од 2005.година. Од 2012. година е специјалист-педијатар. Работела на одделот гастроентерологија, како и на сите други оддели за време на дежурствата, а три години дежурала на најтешкиот оддел- одделот за интензивна нега и терапија. Во склоп на своето работење била и асистент по предметот педијатрија, на катедрата при УКИМ. Во Жан Митрев Клиника е вработена веќе 2 години.
На прашањето зошто се одлучила токму за педијатрија, вели:
„Одговорот на ова прашање за мене е едноставен. За медицината не постоеше друга желба во однос на профилирањето, освен за педијатријата. Јас немам завршено средно медицинско училиште, како што е случај со повеќето лекари во нашата држава. Завршив општа гимназија, во Јосип Броз –Тито до трета година. Тогаш сакав да учам јазици или Правен факултет. Потоа, во четвртата година заминав за Америка со стипендија преку НОВА. Всушнност токму во Америка се вљубив во медицината, поради нивниот образовен систем кој овозможуваше различно образование од нашево. Требаше таму да учам медицина, а имав и стипендија на Penn State University, но не бев подготвена да си ги оставам фамилијата и татковината, такашто останав во Македонија. Се запишав на Медицинскиот факултет само заради педијатријата, односно бев решена дека тоа ќе ми биде професијата. И после толку години учење, непроспиени ноќи од дежурства и стресови што ги носи професијата, повторно би избрала истото“.
Ја прашавме д-р Чучкова Никчевска кои се најчестите дилеми на родителите денеска.
„Родителите имаа многу дилеми кога се работи за здравјето на нивното дете. Најчесто е тоа дилема за тоа каков тип на исхрана да дадат, какво млеко да им дадат на децата, кога да почнат со дохрана. Од досегашното искуство, најисплашени се кога детето има висока температура. Често бараат совет за тоа дали нивните деца да одат во градинка, а во последно време, се разбира, најисплашени се поради актуелната ситуација со морбилите.
Мојот став во однос на вакцинацијата не се разликува од официјалниот став на лекарската, педијатриската фела. Вакцинациите се апсолутно потребни, се вакцинира против болести кои се исклучително тешки. Со процесот на вакцинацијата е намалена стапката на смртност на децата во целиот свет. Јас, од стручен аспект се залагам за вакцинација но и од личен аспект, за дополнително вакцинирање против Рота вирус и за Пнеумокок“, вели д-р Чучкова Никчевска.
Фото: Spencer Selover from Pexels