Што се случува кога баба и внук гледаат заедно цртани филмови?

Се случува магија, се случува амигуруми. Е сега, ако не знаевте, a ние штотуку научивме од госпоѓа Весна Стефановска, амигуруми е јапонска техника на изработување на плетени и полнети играчки и други форми, фигури и предмети

0
1475

Ја запознавме случајно, на базарот за ракотворби во галеријата „Колектив“, додека ги разгледувавме нејзините плетени играчки. Подоцна разбравме дека тие се производ на јапонската техника на плетење која се нарекува амигуруми, а најголем обожавател на нејзините дела е двеиполгодишниот внук Давид.

Госпоѓа Весна Стефановска е по професија економист, но по завршувањето на нејзиниот работен ангажман, соочена со она што за вработените е вистински луксуз, а се вика слободно време, почнала да плете. Најпрвин плетела шалчиња, капи, џемпери за своите најблиски, а потоа се запознала со нив – полнетите плетени играчки и јапонската техника – амигуруми.

Името на јапонската уметност на плетење или хеклање на полнети играчки, доаѓа од зборовите „ами“, што значи плетење или хеклање и „нуигуруми“, што значи полнета кукла.

Сѐ за амигуруми техниката госпоѓа Весна научила преку интернет, иако веќе ја имала основата – знаела да плете. Но амигуруми техниката бил нејзиниот нов и возбудлив предизвик.

Иако на оние кои не знаат да го прават ова можеби целата работа им изгледа како за истата да треба да се имаат многу нерви, госпоѓа Весна изгледа како прилично смирена и спокојна жена па веројатно и за неа, како и за повеќето „мајстори“ во оваа вештина, важи она дека токму плетењето ѝ помага да се справи со стресот и да се дистанцира од проблемите на секојдневјето. Ужива работејќи го тоа што го сака, а притоа, се обидува по нешто и да заработи.

Токму затоа и решила за првпат со своите ракотворби да се појави на предновогодишниот базар на ракотворби  во галеријата „Колектив“.

Меѓу нејзините дела има играчки со различни големини и различни ликови. Во екот на предновогодишното расположение, таа подготвила играчки во форма на елени, срни и ирваси, плетени лампиони и снегулки, а за секој празник понатаму, планира да прави и други фигури, наменски, во зависност од пригодата. На пример, помеѓу изложените примероци имаше и преубави паричници за мајките, бабите, кумите, тетките и сосетките, кои ќе ги понуди и за 8.Март.

Од играчките пак, има различни ликови и различни големини. За помалите дечиња се убави и малите и големите играчки, важно е тоа што секогаш можат да ги носат секаде со себе, а помалите фигури се одлични како украс на работната маса на оние кои сѐ уште го чуваат детето во себе.

Сепак, најбарани, барем според реакциите на нејзиниот двеиполгодишен внук Давид, се популарните ликови од цртаните филмови кои тој ги гледа заедно со баба. Така, госпоѓа Весна е една од ретките баби кои понекогаш, како што срамежливо признава, и самата, кога до неа не е Давид, главниот „изговор“ за гледање цртани, седнува пред телевизорот и ги проучува ликовите на цртаните јунаци.

„Сега се најпопуларни ликовите од  „Paw Patrol“, а тоа се Рајдер, Чејс, Скај и Маршал. Децата многу ги сакаат и тие се сега најактуелни помеѓу нив, па почнав да ги правам, а прв критичар ми е, се разбира, мојот внук Давид. Сепак, додека ги гледаме цртаните заедно со внукот, не плетам, тогаш си разговараме и се забавуваме меѓусебно, а играчките ги плетам кога сум сама и додека ги гледам турските серии“, се смее госпоѓа Весна.

А играчките се навистина преубави. Со оглед на тоа што станува збор за полнети играчки, битно е плетењето да е густо за да не се гледа полнењето. Затоа и обично се изработуваат со хеклање и тоа за разлика од класичното хеклање во редови, амигуруми подразбира хеклање во спирала. Цените на овие играчки се различни и во зависност од големината чинат од 350 па до 1300 денари.

„Најчесто луѓето се интересираат за играчките заради децата, секако, најинтересни им се токму ним, на децата, но и возрасните се воодушевуваат кога ќе ги видат“, вели госпоѓа Весна.

Повеќе за ракотворбите на госпоѓа Весна можете да најдете ТУКА.

Фото: PS visualart

[better-ads type='banner' banner='999' ]