Стапката на вакницирање во Европа продолжува да паѓа. Велика Британија првпат би можела да се соочи со вакцинација помала од 90 отсто затоа што некои родители веруваат дека ММР вакцината се поврзува со аутизмот, а што е докажано како неточно.
Во првата половина од 2018.година Светската здравствена организација пријавила 41 илјада случаи на сипаници во Европа. Но освен кај ММР вакцините, вакцинирањето паѓа и кога станува збор за уште девет вакцини.
Според зборовите на Лин Елиот, претседател на организацијата Vegetarian Society, една од причините поради кои некои родители не ги вакцинираат децата е употребата на свински желатин во вакцините и лековите.
„Постои потреба за вегетаријански и вегански алтернативи на вообичаените лекови за луѓето да не се чувствуваат во судир сами со себе и со своите ставови, доколку ги користат. Разочарувачки е што толку лекови и вакцини сѐ уште користат животнински состојки“, вели Лин.
Желатинот се користи во изработката на многу вакцини како стабилизатор кој обезбедува да останат чисти додека се транспортираат и се чуваат.
Еврејските заедници велат дека употребата на такви производи не ги крши нивните верски закони, но Муслиманскиот совет на Велика Британија одлучил да дозволи вакцинација само доколку се загрозени животите на луѓето.
Сепак, и покрај забелешките на Vegetarian Society во однос на желатинот, Лин не препорачува луѓето да го избегнуваат вакцинирањето.
„МНогу луѓе тоа ќе ги доведе во судир затоа што не користат ништо што не е класифицирано како вегетаријански или вегански производ, но не би требало да се ризикува. Лекови треба да се земаат дури и ако не постои алтернатива“, заклучува таа.
Фото: Pixabay