Ретки се оние родители кои не се горди на успесите на своите деца. Тоа е уште посилно изразено кога тие ќе пораснат и кога се, како возрасни синови и ќерки, успешни во своите професиoнални и приватни животи. И децата се горди на успесите на своите родители, но постои една битна разлика: родителите ги сметаат успесите на своите деца за свој успех, а децата успесите на своите родители не ги сметаат за свој успех. Тие смeтаат дека е пред нив иднината во која допрвa треба да се докажат.
Животниот успех е релативен и субјективен поим, а тука го користиме за да означиме социјален успех, односно онаа успешност во животот која социјалното опкружување ја смета за таква. Социјалната успешност на родителите битно влијае на развојот на нивните деца и тоа, судејќи според искуството, не нужно позитивно. И затоа се прашуваме кои проблеми во развојот ги имаат децата а успешните родители, татковци и мајки.
Родителско влијание
Главното психичко оптоварување кое по правило го имаат овие деца е еден внатрешен притисок дека и тие мораат да бидат барем исто толку успешни, ако не и поуспешни од своите родители. Овој притисок е некогаш резултат од родителското влијание, нивното барање дека и тоа мора да биде успешно за да докаже дека е достојно за својот родител. Некогаш родителот го гледа својот успех како почеток на една трансгенерациска успешна приказна, било тоа да е некое семејно претпријатие, било да станува збр за некоја професија како адвокатура, медицина, стоматологија итн. Таков родител го напишал животното сценарио на своето дете, дури и пред неговото раѓање, а на детето му останува без поговор да го реализира, ако не сака длабоко да ги разочара родителите.
Некогаш успешните родители не очекуваат од детето некој посебен успех, туку му препуштаат самото да го одбере својот животен пат. Но, иако родителите не очекуваат, тоа го очекува опкружувањето. Детето на успешен родител, кое во повеќето случаи е и некој вид на јавна личност, ниту е обично дете ниту има обично детство.
Тоа во дадено опкружување е одредено како „нечие дете“, такашто во односот кон детето се внесува и однос кон неговиот родител. Тоа е дете за кое средината веќе знае дека е предодредено еден ден да биде „некој“.
Да се биде „нечиј“ син или ќерка е психички оптоварувачки за детето, затоа што опкружувањето очекува од детето да биде „достојно“ за својот успешен родител. На тој начин детето на успешен нема вистинско детство, туку е претворено во еден вид на детска јавна личност. Последица од ова е дека и она дете на кое родителите не вршеле притисок какво треба да биде кога ќе порасне, ќе заклучи дека негова животна мисија е да докаже дека е достојно на својот успешен родител. А ако не го докаже тоа, излегува дека е неспособно и недостојно.
Никој, па ни престолонаследниците не успеале во животот само затоа што се нечии деца. Зад секој животен успех стои долгогодишна систематична работа, учење, одрекување и залагање. А за некој да го може сето тоа, мора да има соодветна мотивација која доаѓа од длабочината на неговото несвесно. „Морам да успеам затоа што сум нечиј син“, не е доволна мотивација за успех. Затоа овие деца често имаат проблем од типот: „Морам да успеам, само не знам во што“.
Често и успешните родители и нивните деца веруваат во генетската основа на социјалниот успех. Таквиот родител го подразбира успехот на детето само затоа што тоа ги носи неговите гени. Оваа генетска самоувереност е погрешна, затоа што дури и ако успешниот родител повторно се роди во нови, сосема поинакви околности, нема гаранција дека во својот друг живот повторно би постигнал успех.
Ризична ситуација
Синовите и ќерките на успешни родители често си поставуваат себеси за цел што побргу да го достигнат нивото на своите родители. Бидејќи нивните очекувања од самите себе се многу високи, оние помали успеси кои ги постигнуваат, за нив не се вистински успеси, такашто не делуваат стимулативно на нив. Со оглед на тоа што брзаат, влегуваат во ризични ситуации за кои сѐ уште не развиле соодветни способности па се склони кон неуспех. Од друга страна, кога со зададената брзина не се приближуваат кон своите високи очекувања, тогаш се склони да се разочараат во самите себе и во своите способности, иако тоа го кријат од родителите од опкружувањето. Дури и тогаш кога и самите ќе успеат во нешто, водени од советите на своите родители и со користење на нивното друштвено влијание, не се задоволни со себе затоа што знаат дека сопствениот успех не им припаѓа.
Текстот е преземен од ТУКА.
Фото: Freepik