Марина Јакшиќ е самоука сликарка која последниве години се занимава со изработка на накит, а нејзината ќерка Елена има диплома од Факултетот за ликовни уметности и сега, освен со сликарство, исто така се занимава и со изработка на накит.
„Уште кога имаше само две години на Елена и на брат ѝ им давав да си цртаат и да бојат со бои, па кога ќе ми дојдеа дома пријателките, се чудеа како моите деца седат толку мирни. Меѓутоа, нејзиниот брат не продолжи со уметност, а разлика од Елена која се запиша во средното уметничко училиште, а потоа и на Факултет за ликовни уметности. Таа од секогаш беше креативна и имаше талент за сликарство, а уште од осум години почна самата да изработува и накит кој потоа ми го подаруваше мене, на тетка ѝ, на другарките“, раскажува гордо Марина.
Инаку, таа се занимава со уметност најмалку 30 години и на почеток сликала слики – масло на платно и досега имала една изложба во „Кора“, пред 3-4 години.
„Доста галерии се затворија и пазарот се намали, па почнав и со изработка на накит. Самото време си носи со себе други трендови, а и накитот ме интересираше со години, па почнав да изучувам филигран. Многу сакам и да го носам, па секогаш сум сакала да научам да го изработувам. Се пријавив на конкурсот за филигранство, па иако сѐ уште сликам, можам да кажам дека сликарството ми е сега во втор план.
Имам страница на интернет и регистрирана сум како занаетчија за изработка на накит и други модни додатоци – ателје Марјак, а Елена пак е регистриран занаетчија за уметност. Таа сега изработува накит од епоксидна смола и има своја интернет страница -Ателје Сиена“, објаснува Марина.
Иако кога ќе ѝ се допадне некое парче накит од Елена, таа си го купува, Елена низ смеа признава: „Јас почесто позајмувам од мајка ми отколку што ѝ купувам. Секогаш сум ја гледала мајка ми како работи и некако спонтано и мене ми се наметна желбата за изработување накит па освен со сликање, сега се занимавам и со правење накит од епоксидна смола. Всушност, сликарството го споив со правењето накит. На дрвени парчиња сликам со акрилни бои и ги залевам со епоксидна смола“.
Иако не работат заедно, туку секоја во својот простор за работа, разговараат и разменуваат идеи, се консултираат и се поддржуваат.
На 4 декември, во новоотворената галерија „Колектив“ на скопскиот плоштад тие најавуваат заеднички настан – креативна работилница за изработка на накит.
„Работилницата која ја организираме во „Колектив“ е заедничка идеја и се надеваме дека ќе има добар одзив, а доколку е така, ќе ја повториме и другпат. Но сега засега треба да ја направиме првата. Очекуваме да се пријават заинтересирани кои ќе добијат можност сами да си дизајнираат и да изработат накит. Работилницата вклучува мини обука за правење накит со епоксидна смола на дрво и сликање со акрилни бои. Во цената се вклучени две парчиња накит кои учесниците ќе можат да си ги изработат самите, да учествуваат на заедничката изложба на накитот кој ќе биде изработен во рамки на работилницата и секако, на крајот да си го земат и да го подарат некому за претстојните празници или да си го носат самите. Пријавувањето за учество на работилницата е во тек бидејќи не останува многу време до 4.декември кога е планирано нејзиното одржување“, најавуваат Марина и Елена.
Тие две се вистинска потврда дека јаболкото не паѓа далеку од дрвото па она што го исполнува животот на мајката повеќе од три децении, е токму она со што нејзината ќерка пораснала, се „инфицирала“ и со задоволство го работи денеска.
„Јас верувам затоа што е навистина многу креативна и талентирана и ова не го кажувам само затоа што сум ѝ мајка туку и затоа што е навистина така, а мене ми одговара да имам ваков бизнис-партнер, со идеи кои се секогаш визионерски и обично стануваат популарни дури две-три години подоцна. Затоа јас повеќе ја слушам неа и нејзините идеи и препознавам во неа не само своја ќерка, туку и вистински креативец.
Фото: PS visualart