Mногу поретко се зборува за возрасните и за нивната опседнатост и зависност од мобилните телефони. Навистина стана незамисливо да се помине макар и еден ден без нив. Живееме во време кога фиксниот телефон во домовите е вистинска реткост, кога е сѐ онлајн. Паметните телефони ги заменија и фотоапаратите, дигитроните, будилниците, играчките и уште многу други работи. Но покрај сите тие корисни апликации, тие станаа и вистински чудовишта.
Родителите обично ги прашуваат психолозите како да му го ограничат на своето дете користењето на мобилниот телефон или пак да му го преусмерат вниманието на некоја друга занимација. Советот е всушност многу едноставен.
Кога сте дома, исклучете го Wi-Fi уредот за да не може детето да биде на интернет и тргнете ги мобилните од вашите погледи. Но родителите имаат милион аргументи и изговори зошто не можат да го направат тоа.
Истражувањето кое го спровеле Универзитетот Илиноис и Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мичиген врз 200 семејства покажало дека дури 40 отсто мајки и 32 отсто татковци едноставно не можат да му одолеат на редовното проверување на телефоните.
Да се биде офлајн стана апсолутно неприфатливо. Секојдневното лајкување на разни објави на Фејсбук или на Инстаграм се од животна важност. Исто како и моменталното одговарање на бројни известувања, пораки или повици без оглед на тоа дали се случуваат среде семејниот ручек или додека си играат со децата. Затоа што ако не го направат тоа, ќе застане светот.
А потоа сите се чудат зошто се децата толку опседнати со телефоните. Очигледно дека пред себе имаат одличен пример – нивните родители.
Уште едно истражување кое го спровела др.Џени Радески од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мичиген, врз примерок од 225 семејства, покажало дека користењето на мобилните за време на оброците доведува до намалување на вербалната комуникација помеѓу родителите и децата за 20 проценти, намалување на невербалната комуникација за 39 отсто и 28 отсто намалено мајчинско поттикнување на детето. Последиците од тоа се веќе видливи и сѐ повеќе деца имаат проблеми со говорот.
Се појавуваат последици и во односите помеѓу родителите и децата. Додека се помали децата најмногу сакаат да се дружат со родителите, но не како било. Тие сакаат родителите да им бидат посветени и заинтересирани за нивните активности. Кога мобилните на родителите постојано звонат, тоа баш и не е можно.
Според првото истражување, дури 100 семејства дневно доживуваат барем три телефонски јавувања за време на играњето со децата, за време на оброците или за време на разговорите со децата, 24 отсто тоа го доживуваат два пати дневно, а 17 отсто барем еднаш дневно. Тоа можеби не делува загрижувачки, но ако се повторува секојдневно, со време ќе има негативни последици на однесувањето на децата и на односите во семејството.
Имено, за да добијат внимание децата почнуваат да применуваат методи за кои се увериле дека делуваат – проблематично однесување.
Децата плачат, се лутат, викаат, стануваат хиперактивни, имаат напади на бес и лесно стануваат фрустрирани. Таквото однесување секогаш резултира со целосно внимание од страна на родителите, А на децата на кои им недостасува внимание не им е секогаш важно какво е, главно им е да го добијат, па макар тоа било викање и карање.
Сето тоа може да се спречи. Кога сте дома, обезбедете си посебно време со децата. Тоа може да трае колку сакате, но нека биде редовно и колку што може почесто. Нека биде тоа заедничка игра, читање, цртање и слично, но без мобилни телефони. Најдете некоја активност за која ќе имате сила, затоа што не сме секогаш расположени за сѐ. Уживајте со децата во заеднички активности, дружете се и уживајте во тоа време. Брзо ќе пораснат и сѐ помалку ќе им треба вашето внимание.
Дали сте вие од оние родители кои постојано имаат потреба да го проверуваат телефонот, фејсбукот, Инстаграмот, без оглед на тоа за колку неважни работи станува збор?
Размислете за тоа колку скапоцено време ви одзема ова и ако сте доволно храбри, инсталирајте апликација која мери колку време минувате на мобилниот и помага да си го ограничете тоа време.
Трошете го одговорно своето време и научете ги децата дека има и поважни работи, прошетки во природа, разговори и дружења во живо, спортски активности, но и време кое може да се помине во мир, без никој да ве попречува во тоа. Заборавете го барем понекогаш телефонот дома или на работа, само колку да проверите дали поради тоа, животот ќе застане, а планетата ќе престане да се врти.
Photo by Jessica To’oto’o on Unsplash