Селфи магија или брзо фото во ново руво

Тројца скопски другари, Наталија Спасовска, Вера Лепчевска и Јован Петровски, во потрага по дополнителна заработувачка, почнале бизнис со фото бут, односно, нова, модерна и технолошки многу понапредна варијанта на старите добри кабини за брзи фотографии и во последно време се хит во скопската зоолошка градина, но и на свадбени прослави и детски родендени.

0
361

Веројатно сите се сеќавате на оние кабини за фотографирање какви што порано имаше во ГТЦ, а и денеска ги има во метро-станиците на многу европски градови. Извесно време беа паднати во заборав, но изгледа дека сега се реинкарнираа во многу посовремена и технолошки многу пософистицирана верзија. Овој нов и модерен начин на фотографирање го добил своето име –  Photo Booth, односно, кабина за фотографирање.

 

Овие кабини првин почнаа да се појавуваат на корпоративните настани на големите компании, а подоцна станаа актуелни и на приватни забави, особено на свадбени прослави и детски родендени.

Тројца скопски другари, Наталија Спасовска, Вера Лепчевска и Јован Петровски, во потрага по дополнителна заработувачка го почнале својот бизнис со фото бут, и во последно време можевме да ги видиме во скопската зоолошка градина, но и на многу свадбени прослави и детски родендени.

Photo Booth е уред во кој се наоѓа хардвер со софтвер за фотографирање, а постојат во различни варијанти, но основни се затворената кабина и Open air концепт.

Тие се дел од забавата на многу настани, а најдобро од сѐ е што сите кои биле таму си заминуваат и со реален спомен на истата, во облик на фотографија.

Она што е најинтересно  кога станува збор за тројцата другари од нашава приказна е нивната инвентивност благодарение на која сега тие фотографии може да ги имате и во верзија на магнет за својот фрижидер.

„Познати сме како „Мегаселфи“ бидејќи дизајнот на нашиот прв фото бут е џиновски ајфон.

Случајно, на интернет ми излезе пред очи една информација, па почнав да трагам каде може да се набави фото бут и така некако се вклопивме сите тројца и ја почнавме оваа приказна“, вели Нате.

Таа и нејзините двајца другари, Вера и Јован, почнале со оваа работа заради дополнителна заработувачка, но се нашле себеси и сега едвај стасуваат да ги задоволат сите кои сакаат да ги ангажираат.

„Не сме први со фото бут во Македонија, но кога се појавивме, пред две години, немаше многу. Постоиме речиси две години и добро е што има доволно интерес за да можеме да се одржиме и да функционираме што подолго.

Секако, најинтересно за нас е да се работи со деца, а колку се тие благодарна публика, покажуваат нивните насмеани лица и воодушевувањето кога ќе видат на пример, фотографија од себе и нивниот омилен Роналдо“, се смее Нате објаснувајќи како изгледа овој дел од нивните ангажмани .

„Бидејќи секогаш се измислуваат нови и нови работи кои се во тренд во одреден период, така и сега во игротеките за време на детските родендени се изнајмуваат фотографии, слично како што се прави тоа за свадбените прослави, а најнов тренд е токму изнајмувањето на фото бут. Летово, односно последниве два месеци за време на викендите бевме стационирани во Зоолошката градина и мислам дека сите кои во овој период ја посетија зоолошката си заминале со спомен фотографија од нашиот фото бут“, вели Нате.

На свадбените прослави пак, вели таа, воопшто не се конкуренција на класичните фотографи кои работат свадби, затоа што се сосема поинаква приказна од нив, па дури имаат и друг термин, односно, настапуваат дури после 22 часот, откако официјалните фотографи веќе ќе си ја завршат работата и ќе ги поделат своите фотографии.

„Обично младенците прават договор со нас и во договорениот пакет спаѓаат околу 350-400 бесплатни фотографии кои се практично подарок од младенците за нивните гости. Но тогаш се прават многу поопуштени фотографии кои се брендирани со имињата на младенците или пак се користат дополнителни дигитални или реални алатки, па самото фотографирање е дел од забавата“, објаснува Нате.

Инаку, таа со години работи на проекти со социјална тематика, па ова е сосема ново и за неа. Таа е задолжена за контакти и за маркетинг, но е и маскота со ликот на Пинк пантер со која обично се појавуваат на детските родендени но и на други настани. Вера е позаинтересирана за технологијата па таа го презела тој дел работата, а исто и Јован кој е по професија машински инженер. Како единствено машко, се разбира, тој е задолжен и за логистиката.

Фото: Мега селфи; Стефани Христов

[better-ads type='banner' banner='999' ]