Воспитна техника наречена „затоа што јас велам така!“

Дали е овој одговор политички коректен? Не е, но тоа се вашите деца кои имаат задача да се обидат да ги поместат границите, а вие имате задача да ги одбраните (како секој добар граничар – родител)

0
387

Во денешно време е многу важно да ги третираме децата како „мали луѓе“. Не е политички коректно да ги казнуваме децата, да викаме на нив и не дај Боже, да ги удриме по газот. Сега со децата мора да разговараме и апсолутно мора да се почитуваат нивните чувства а за желбите и да не зборуваме. Звучи фер и многу цивилизациски напредно, а сѐ во склад со Конвенцијата за правата на децата.

Но да се вратиме 15-тина години наназад. Во тој период кај нас конечно станаа достапни разни современи книги за воспитување на децата во кои се советува да не се направи голема животна грешка и да се упропасти сопственото потомство ако не се проучи како детето „се става во тајм аут“. За помалку упатените тајм аут е западна верзија на стоење во ќош, а суштината е детето да се изолира за да размисли за своите постапки.

Постојат многу добри и корисни книги, но во повеќето има такви совети што на возраст од 7 години посакувате да посегнете по аргументот „кога јас бев мал/а не смеевме…“

Сите книги за родителство ставаат акцент на разговор со децата како да сме во најмала рака, рамноправни со нив.

Уште кога ќе се најдете во позиција постојано да му објаснувате нешто на своето дете и да го упатувате во тоа како функционира светот, всушност повеќе не сте ниту рамноправни – вие сте му на своето дете на услуга за да одговарате на прашања. Додека сте на прошетка, на плажа, или пред спиење, ова е сосема во ред и го прави квалитетно заеднички поминатото време, но кога треба да се оди на училиште во 7 часот наутро, кога треба да го напише домашното или да ја научи лекцијата, верувајте, воопшто нема да ви биде до објаснувања и до одговарање на прашањето „зошто“.

Зошто мора да одам на училиште?

Зошто не може да останам дома?

Зошто не ѝ се јавиш на учителката да ѝ кажеш дека сум болен?

Зошто јас не можам да одам на работа како тебе, туку мора да одам на часови?

Овој разговор може да оди во недоглед.

Прашањето „зошто?“ децата често го користат и за манипулација. Важно е да го познавате своето дете и да знаете дали е љубопитно или само се обидува да одложи некоја активност.

Кога станува збор за второво, најдобар лек е реченицата: „Затоа што јас велам така!“

Тука приказната завршува. Тоа значи дека вие сепак не сте му на услуга на вашето дете, туку родител со авторитет.

Дали ова ќе има кобни последици за неговата самопочит? Нема!

Дали тој одговор емотивно ќе го осакати вашето дете? Нема!

Дали заради таквиот одговор вие сте лош родител? Ниту случајно!

Дали е овој одговор политички коректен? Не е, но тоа се вашите деца кои имаат задача да се обидат да ги поместат границите, а вие имате задача да ги одбраните (како секој добар граничар – родител).

Дали овој одговор можете да го користите секогаш кога ќе посакате? Не е препорачливо! Ова е одлично како одбрана од детската манипулација, но тоа не значи дека треба да повторувате како расипана плоча „затоа што јас велам така!“ во секоја ситуација. Децата навистина треба да дознаат од вас сѐ што можат за светот што ги опкружува и тоа можете и треба да им го овозможите, но во моментите кога треба да се облечат побрзо затоа што доцнат на училиште, слободно кажете ја фамозната реченица: „затоа што јас велам дека треба да се облечеш!“

[better-ads type='banner' banner='999' ]