Денешните деца се најсовршените суштества кои чекореле по Земјата. Чисти генијалци, најубави, најпаметни, најспретни, опасни, знаат сѐ, родени со мобилниот телефон во рака, менуваат канали на телевизорот пред првиот роденден, зборуваат англиски од втората година, а како пеат, свират и брилјираат во математика … Сѐ добар од подобар, а најдобри се оние кои се долго посакувани и долго очекувани.
И додека родителите донекаде и успеваат да останат на земја, на бабите и дедовците тоа слабо им поаѓа од рака, па својата фасцинираност од внуците ја претвараат во проблем. Затоа што кога еднаш детето ќе го убедите дека е во сѐ најдобро и подобро од другите, тешко ќе го поднесе судирот со реалноста.
Др.Ети Бизен, познат француски детски психијатар, смета дека децата треба да растат нормално, без претстава за сопствената „големина“ и супериорност затоа што таа, за жал, постои само во нивниот дом. Особено е лошо, додава таа, кога врз основа на нереални претстави формираат нереални очекувања, што и на децата и на возрасните од нивната околина може да им предизвика многу страдања.
„Ако дома немате уште еден шестгодишник кој тренира фудбал, немојте својот син или внук да го убедувате дека е идниот Меси и дека само што не добил милионска понуда, затоа што можеби уште следниот натпревар ќе го помине на клупата за резервни играчи. Што мислите, како ќе се чувствува? Дали од тоа ќе му порасне самодовербата? Дали повеќе ќе му верува на тренерот кој му вели дека има подобри од него или вам кои сметате дека е најдобар голгетер кој се родил? – вели докторката Бизен.
Ако го карате, додава таа, или ако му се потсмевате, ќе му ја уништите самодовербата. Нему му се потребни вистина и поддршка, а не критики и нереални пофалби. Објаснете му дека сите понекогаш победуваме, понекогаш губиме, некогаш сме најдобри, некогаш просечни.
„Истото правило важи и за градинка и за училиште, за сите места и за сите односи со врсниците, затоа што е извесно дека вашето дете или внуче не е во сѐ најдобро и најсовршено. Впрочем, дали навистина сакате вашата четиригодишна ќеркичка да оди низ животот со ставот „Јас сум најубава“, а вашиот седумгодишен син пак само затоа што пред да оди на училиште знаел да собира до 20, тврди дека е најдобар математичар во одделението – прашува др.Ети Бизен.
Таа нагласува дека таквите самобендисани деца со нереална претстава за себе ќесто имаат проблеми со врсниците, особено ако наидат на слични на себе, за што, со оглед на тоа што има сѐ повеќе такви, постојат реални шанси.