Иако станува збор за породување, царскиот рез е оперативен зафат како и секој друг и на тој начин треба да се гледа на него. Опоравувањето од операција се разликува од човек до човек, па и опоравувањето од царски рез се разликува од жена до жена.
Важно е да знаете неколку совети кои ќе ви го олеснат опоравувањето, а сигурни сме дека нема да ги слушнете од лекарот, ниту од медицинските сестри.
Дајте си време. Важно е да си обезбедите помош. Бидете внимателни дури и кога станува збор за одењето и не ги правете дури ни оние навидум едноставни работи. Одмарајте се и чувајте го своето тело сѐ додека целосно не се опоравите.
Опоравувањето од царски рез може да влијае и на поголемите деца. Ако освен новороденче, дома имате и поголемо дете, тогаш сметајте дека вашето опоравување од операција и нему ќе му падна тешко, особено ако станува збор за помало дете кое не разбира зошто не можете да го кренете во раце и да си играте со него како претходно. Во текот на денот грижата за бебето препуштете им ја на таткото или на бабите и дедовците, а вие посветете му се на постарото дете, галете се, читајте, правете ги работите кои можете да ги правите, а на детето ќе му бидат забавни и ќе му дадат чувство на безбедност.
Не ги сметајте лековите против болки за непријатели. Нема никаква потреба да поднесувате болки особено ако се тие неподносливи. Посоветувајте се со лекар за да ви препише што можете да земате, а за тоа време на бебето давајте му млечна формула. Секако, не престанувајте да се измолзувате и откако ќе се опоравите продолжете со доењето.
Не се срамете да зборувате за работата на цревата и за столицата. Пред да излезете од болница, сестрите и лекарите ќе ви поставуваат прашања за работата на цревата и гасовите. Воопшто не се срамете да одговарате искрено затоа што овие податоци се многу важни за да се процени текот на опоравувањето.
Смеата во овој случај не е лек. Кога имате огромен рез преку стомакот смеењето не е баш најпријатно чувство. Напротив. Жените кои имале царски рез велат дека во текот на смеењето имале чувство како раната да им се распарува, а болката била прилично силна. Исто така,кога ќе почувствувате дека ќе кивнете или ќе се закашлате, ставете врз стомакот перница и обидете се да го ублажите притисокот.
Барајте помош за туширање. Една од наједноставните активности во текот на опоравувањето од царски рез можат да станат комплицирани и затоа побарајте помош кога одите да се туширате за да не се случи да ви падне сапунот па да морате да се наведнувате за да го земете. Тоа не е препорачливо.
Крварењето после царскиот рез може да биде малку пообилно отколку при вагиналното породување. Кај повеќето жени кои имале нормално породување, крварењето по породувањето не се разликува од вообичаениот менструален циклус, додека кај царскиот рез тоа може да биде нешто поинакво и пообилно. Во секој случај, ако мислите дека крварите премногу, обратете се кај лекарот.