Зошто на пребирливите деца не треба да им се крие зеленчукот во омилената храна?

Нутриционистката Менди Сачер открива како да направите промени и да ги натерате пребирливите деца да уживаат во сите намирници.

0
173

Ако од недела во недела ги повторувате за појадок, ручек или вечера истите јадења, можеби сте влегле во рутина. Според мислењето на нутриционистката Менди Сачер тоа е здодевно, но и води кон тоа децата да ја замразат омилената храна. Затоа открива како да направите промени и да ги натерате пребирливите деца да уживаат во сите намирници.

Секоја недела воведувајте по еден нов вид на храна

Иако е јасно дека родителите често немаат време да минуваат часови покрај шпоретот, нутриционистката вели дека мора да имате најмалку четири ставки на менито за секој оброк.

„Тоа придонесува да имате база од четири оброци за секој појадок, ручек и вечера“, вели таа за Дејли Мејл. „Потоа секоја недела воведувајте по еден нов вид на храна“.

Менди предупредува дека на детето никогаш не би требало два дена по ред да му давате ист појадок, ручек или вечера.

„Ако постојано им сервирате кечап за појадок, со време ќе го побараат и за ручек и ќе одбиваат било каков друг сос“, вели таа.

„На крајот, толку ќе им здодее кечапот, што повеќе нема да сакаат да го јадат“.

Развивајте ги нивните видици кога станува збор за вкусовите

Кога се во прашање пребирливи деца, мора да смислувате варијации на јадења и да им дадете можност да запознаат нови вкусови и да откријат што сакаат, а што не.

„Ако сакаат пилешки стекови, направете им пилешко со зеленчук. Ако за ужина во училиште сакаат сендвич со кашкавал, обидете се да го замените лебот со тортилја“, вели Менди.

Кога ја јадат веќе познатата храна на нови начини, Менди вели дека е потребно да ги пофалите.

„Никогаш нема да одгледате личност која ќе има здрави прехранбени навики ако бидете груби и ги терате да јадат одредени намирници“, додала таа.

Вклучете ги децата во подготвувањето на оброците

Дали ќе готвите или ќе одите во набавка, вклучете ги во тоа и децата и ќе ја направите клучната работа за да ја засакаат храната.

„Така ќе ги заинтересирате за храна. Замолете ги за помош во готвењето или сечкањето на храната“, вели Менди.

„При купувањето на намирници нека бидат со вас и нека именуваат што повеќе видови зеленчук и овошје. Ако како бебиња јадат и познаваат само 4 видови зеленчук, до втората година нема да сакаат повеќе ниту еден вид“.

Нутриционистката советува и во текот на оброците да не се гледа телевизија или да се користат мобилни уреди.

„Многу родители користат лаптопи, телевизори и мобилни телефони кои му го одвраќаат на детето вниманието додека јадат. Подобро е да смислите некоја игра а во центарот на играта да биде храната која ја јадете“, вели Менди.

Никогаш не им го кријте зеленчукот во омилената храна

Кога децата нешто не сакаат и одбиваат, родителите неретко доаѓаат на идеја таа намирница да им ја спакуваат во омилениот оброк, но според нутриционистката, тоа не е добро.

„Се ставате во опасност детето да ја замрази и таа храна ако открие што има во неа“, вели и препорачува детето полека да го запознавате со спорните намирници такашто прво ќе им зборувате за нив, а дури потоа ќе ги ставите на чинија и ќе ги замолите да ги пробаат.

[better-ads type='banner' banner='999' ]