Најтешко со бебињата е когатие плачат, а ние не знаеме зошто. Гледаме дека нешто ги мачи, ама не знаеме како да им помогнеме бидејќи не знаеме што е тоа што ги мачи. Дали се гладни, дали ги боли стомачето, имаат затнато носе, запек, или нешто друго?
Еве како да се справите со честите проблеми со кои се соочуваат бебињата.
Болки во стомакот
Многу бебиња во првите три месеци страдаат од болки во стомачето, најчесто поради тоа што додека цицаат или пак пијат од шишенце, голтаат и воздух. Затоа погрижете се бебето да подждригне по доењето или пиењето од шишенце за воздухот да може да излезе. Може да помогне и затоплување или нежна масажа на стомачето.
Опстипација
Некои бебиња ја полнат пелената неколку пати дневно, а некои само еднаш неделно. И во првиот и во вториот случај ова е сосема нормално. За запек може да се зборува дури кога цревата се празнат на секои неколку дена во тврди грутки. Тврдата столица може да биде знак на недостаток на течности, што значи дека бебето треба да пие повеќе. Ако бебето се храни со дохрана, запекот може да биде знак дека не му одговара дохраната. Сепак, педијатрите велат дека запекот е нормален, се додека бебето правилно расте и се развива.
Пролив
Проливот може да биде опасен за бебињата бидејќи за многу кусо време можат да изгубат голема количина на течност и важни минерали и да дехидрираат. Ако проливот трае повеќе од неколку дена или е проследен со висока температура, обратете се кај вашиот лекар.
Кај малите бебиња причините за пролив можат да се различни, од настинки, растење на запчиња па до различни инфекции. Понекогаш причината за пролив е сосема безопасна, но сепак, ако сте загрижени обратете се кај лекар.
Во меѓувреме можете да побарате помош во локалната аптека: постојат готови раствори кои ги надоместуваат изгубените електролити и содржат состојки кои можат да ја спречат дехидрацијата. Мајките кои дојат би требало да ги дојат своите бебиња што почесто и што повеќе, а бебињата кои пијат од шише треба да пијат само разредено млеко.
Температура
Најважното правило гласи: бебињата кои имаат до три месеци и имаат зголемена температура мора да одат на лекар!
Кога станува збор за постари бебиња се проценува општата состојба, ако детето е добро расположено и живо, само следете ја состојбата и обидете се сами да му помогнете. Тоа подразбира да му давате многу течности, лесно облечете го ако е топло, ако се тресе облечете го потопло, и ставајте му ладни облоги ако температурата почне да се качува.
Важно е да знаете дека спротивно на народните лекови, алкохолните облоги треба да се избегнуваат и може да се користи само млака вода. Бебето можете и да го истуширате, но внимавајте почетната температура да биде еднаква со температурата на бебето (на пример ако бебето има температура 38 степени, водата не треба да биде потопла од 38 – 38.5), и потоа полека разладувајте го малку со ладна вода. За снижување на покачената температура користете само парацетамол (чепчиња или сируп), но само ако температурата се качи над 38,5 степени. Ако парацетамолот не ви помогне, обратете се на лекар. Само во согласност со лекар можете да користите други лекови.
Кашлање
Кај настинките во пределот на носот и грлото се создава големо количество на слуз која потоа се слева во задниот дел на грлото. Како последица на тоа бебето почнува да кашла, особено додека лежи. Во текот на првата година од животот секако треба да се побара помош од лекар.
Она што можете сами да го направите е да се обидете сами да го исчистите носот на бебето.
Теменица
Теменицата се јавува на горната половина на главата (понекогаш и на образите) во облик на мали, црвени дамки кои се претвараат во меурчиња и чешаат. Дететo би требало што подолго да го доите или да му давате хипоалергена храна. Ако вашето бебе има вакви дамки бидете внимателни кога воведувате дохрана. Строго држете се на правилото за воведување на еден нов продукт на подолг период од три дена, а за производите кои често појавуваат алергија како што се кравјото млеко, јаткастите плодови и сл. внесете ги во исхраната дури откако бебето ќе наполни една година.
Болки во ушите
Секое четврто дете до шестиот месец може да добие воспаление на средното уво. Ќе забележите дека бебето има болки во увото по тоа што ја врти главата, посегнува по увотото, делува исцрпено, а истовремено е немирно и раздразнето. Ако вашето бебе ги има овие симптоми најдобро е да го однесете на лекар кој ќе му го препише соодветниот лек.
Понекогаш помага и стариот лек од домашната аптека: увото на детето наслонете го на ситно исечкан лук.
Икање
Речиси сите доенчиња икаат, особено кога им е ладно. Често може да помогне лесно тапкање по грбот, топло чајче, или топло перниче на стомачето.
Затнат нос
Затнатиот нос е прилично напорна ситуација за бебињата, мора да дишат низ уста и едвај успеваат да цицаат. Има неколку начини на кои можете да му помогнете на бебето да го исчисти носот, а наједноставниот е со пипета во носот да му капнете неколку капки физиолошки раствор. Педијатрите препорачуваат и чај од слез кој многу добро го чисти носот.
Повраќање
Многу мајки се избезумуваат од првото повраќање на своето бебе. Имено бебињата повраќаат во млазови, но освен што не изгледа убаво ова е сосема нормално и безопасно. Мускулот кој го затвора просторот помеѓу желудникот и хранопроводникот уште не функционира добро и храната повторно се потиска нагоре. Ако бебето нормално добива на тежина, тогаш нема причина да се грижите. На повраќањето треба да му обрнете повеќе внимание доколку е проследено со некои други симптоми како зголемена температура, пролив и раздразливост.