Што не е во ред со тинејџерскиот мозок? (1 дел)

Тие се непромислени, дрски, полни со луди идеи и со енергија усмерена на нивно реализирање. Едноставно не можете да верувате дека се тоа истите тие мирни и примерни деца од пред година или две за кои сте верувале дека ќе ги избегнат тинејџерските бубачки. Што е тоа што се случува во нивните глави кои до неодамна делувале толку паметно и разумно?

0
533

Денешните тинејџери претставуваат генерација која е веројатно најшколувана и најинформирана во историјата на човековиот вид. Знаат дека пушењето му штети на здравјето, знаат дека алкохолот и воланот се смртоносна комбинација, знаат дека децата не ги носи штркот туку незаштитените сексуални односи.

Одлично знаат што и како треба, а сепак за секунда ќе направат се како што не треба. Свесни се дека со своите постапки и со однесувањето во овој период себеси си отвараат и си затвараат многу врати кои водат во подобар живот, а во состојба се да ги треснат со нога.

Зошто почнуваат да прават се наопаку токму тогаш кога би требало да почнат да се однесуваат позрело?

Продолженото лудило на тинејџерското доба

Тинејџерскиот период од секогаш бил проблематичен период, дури и тогаш кога поимот тинејџер не постоел ниту во најава. Пубертетските промени неминовно влијаат на однесувањето и претставуваат прекретница во растењето. Меѓутоа, денеска е сето тоа подрастично од повеќе причини.

Заради (како што претпоставуваат научниците) преобилната исхрана и недостатокот од физичка активност пубертетот доаѓа се порано, а како последица од се поголемото одложување на осамостојувањето и родителството зрелоста доаѓа се подоцна.

Адолесценцијата или лудите години денеска траат подолго отколку што некогаш траел животниот век. Тоа е баш многу време за правење на глупости, носење на неразумни одлуки и ставање на проба на родителското трпение.

Одговорите изгледа лежат во тинејџерскиот мозок, кој развојните психолози и научници допрва почнуваат посериозно да го разбираат, давајќи им на родителите шанса да се постават на попаметен начин кон своите потомци во луди години.

Временски расчекор

Како што неодамна во статијата „Што не е во ред со тинејџерскиот мозок“ објави американскиот Волстрит Журнал, главната новина во нашето познавање на тинејџерскиот мозок е тоа што сме откриле дека во процесот на раснење се здружуваат два различни невролошки и физиолошки системи.

Се е во ред кога се тие синхронизирани. Меѓутоа, во текот на последните два века, а особено во текот на последните децении, овие два система се во се поголем расчекор. Тоа го сменило од корен процесот на созревање и го претворило тинејџерскиот период во прилично проблематичен период.

Првиот од овие системи се однесува на емоциите и мотивацијата, и е тесно поврзан со пубертетските промени.

Тој ги активира деловите од мозокот во кои управуваат со системот за наградување. И кои добрите и мирни деца ги преобразува во неподносливи тинејџери подготвени на се за да ги остварат своите цели, да ги исполнат сите свои желби и да искусат се што може да се искуси. За само неколку години подоцна да ги преобрази во прилично мирни и разумни возрасни личности.

Ризикување заради врсниците

Поновите истражувања на нaучниците од Универзитетот Корнел покажуваат дека адолесцентите не се толку невнимателни затоа што ги потценуваат ризиците. Спротивно на тоа, изгледа дека тие само премногу ги ценат наградите, а оние награди кои тинејџерскиот мозок најмногу ги сака е почитувањето на врсниците.

Една неодамнешна студија покажала дека на тинејџерите на кои со магнетна резонанца им се скенирал мозокот додека на симулатор возат брза кола, системот за наградување во мозокот им бил многу поактивен тогаш кога мислеле дека ги гледаат другите тинејџери. Тогаш тие правеле и поризични движења.

Овие промени во мозокот научниците ги објаснуваат со текот на еволуцијата која во овој период ги турка припадниците на човековиот вид во нови искуства за да ги подготви за светот на возрасните. Тоа значи дека пубертетот ги поттикнува младите од семејството да се свртат кон врсниците и да почнат да создаваат сопствен животен пат.

(Продолжува)

[better-ads type='banner' banner='999' ]