Какви родители сте вие? Дали сте ангажирани во забавувањето на своите деца, дали сте двигател на сѐ, главни организатори на активностите или ги пуштате своите деца сами да се забавуваат, односно, сами да го креираат своето слободно време?
Премногу активности предизвикуваат стрес
Во ова лудо модерно време често, уште од градинка децата имаат барем една, ако не и две обврски надвор од градинката. Одат на гимнастика, спорт, англиски, некои свират, други глумат – главно, се занимаваат со некој вид на организирана забава во институции кои нудат многу вакви програми, а родителите без поговор ги плаќаат затоа што со тоа вложуваат во дополнителен развој и едукација на своето дете. Зошто да не, кога и сите други деца од групата веќе одат на нешто. Или оди вашето постаро дете, па зошто да не оди и помалото? А ако веќе и не одат на две различни активности, тогаш барем еднаш неделно одат во игротека за да се „испукаат“.
Се прашувате ли сега можеби каква врска има тоа со насловот: Има! Мора да знаете дека секоја дополнителна обврска претставува веселба, но и голем стрес – за вас и за детето. Ако сте и вие од оние кои постојано трчаат некаде, треба да знаете дека и вашето дете е поради тоа под стрес.
Брзо јади, мора да одиш на балет, денеска си на тренинг затоа што го плаќаме, нема откажување, сам си одбра да одиш. Пуштете го детето на мир!
Стресот е само една негативна последица кај овој вид на супер ангажирано воспитување и одгледување, но родителите ќе ги занемарат сите тие стресни обврски затоа што нема нешто што нема да направат за да му обезбедат златна иднина на своеот златно дете.
И всушност, се чувствуваат многу супериорно во споредба со родителите кои на своите деца не им наметнуваат никакви слични обврски.
Напротив, сметаат дека тие воопшто не се грижат за иднината на своите деца, мислат дека се мрзливи затоа што им дозволуваат на своите деца сами да си ја измислат својата забава. А добро знаеме дека денешните деца воопшто не знаат да си играат.
Но стручњаците сметаат дека токму тоа е храброст!
Треба да знаете да го оставите своето дете само да ги развива своите игри, да ја збогатува својата фантазија, да стане самостојно и способно самото да смисли нови игри – и на крајот да биде посреќно од детето чии родители му ја организираат секоја минута од слободното време.
Таквите деца во иднина ќе бидат посамостојни и секако, поспособни за живот, затоа што животот ќе го спознаат учејќи и грижејќи се сами. Бидете со нив толку колку што е потребно за да знаат дека сте покрај нив, но наместо да им ја смислувате вие забавата и да им го организирате слободното време, дајте им шанса сами да научат да се забавуваат.
Модерните деца не се родени без генетски код за самостојна игра, само ние од нив направивме роботи кои послушно чекаат знак мама или тато да ја исмислат играта и да играат со нив од почеток до крај.