На 14. мај, Комисијата за труд и социјална политика одржа јавна расправа на тема: Потребата од заедничко родителство после развод и разделба. Расправата беше поттикната од граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод која се залага за промени во Законот за семејство.
„Наместо сегашниот застарен еднородителски систем со кој државата во голема мерка го исклучува едниот родител од животот на децата по разводот“, велат од Иницијативата, „се залагаме за воведување на заедничко родителство по развод преку следните две главни промени: Воведување одредба дека двајцата родители независно од брачниот статус остануваат еднакво одговорни за своите деца и заедно ги донесуваат главните одлуки кои се од интерес на детето и регулирање на видувањата на децата со родителот со кој не живеат на тој начин што ќе биде воведено право на минимум загарантирано време од 120 дена годишно за родителот со кој не живее детето и секаде кадешто е можно (кога родителите живеат блиску и нема да се наруши нормалниот тек на активности на детето) да се воведе принципот 50-50.
Членовите на комисијата, иако од различни политички партии, донесоа заклучок и се согласија дека се потребни измени на законот. Токму ова беше повод и за нашето интервју со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Дали сте запознаени со барањата на Иницијативата за заедничко родителство после развод и што мислите за нивниот предлог, по разводот, видувањата на децата со двајцата родители да се целосно или барем приближно рамноправни, законски определени и гарантирани?
Министерството за труд и социјална политика е запознато со иницијативата за изменување и дополнување на Законот за семејството во насока на воведување на подеднакво родителство и по развод на брак при што се одржани средби со преставници на граѓанската иницијатива на група родители и Првата детска амбасада во светот Меѓаши.
За подобрување на регулативата во насока на зајакнување на родителските обврски и поодговорно вршење на родителското право од страна на обата родитела, како и поефикасно остварување на правото на детето да одржува редовни и непречени лични односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее заедно, потребно е да се направи анализа за ефектите од промена на регулативата, при што ќе се извршат консултации со сите засегнати страни.
Во делот на поделеното старателство, особено е важно да се направи проценка на влијанието на измена на регулативата по однос на правилниот психо-физички развој на детето, во кој процес треба да се обезбеди релевантно експертско мислење и компаративна анализа со регулативата на земјите од опкружувањето и земјите членки на ЕУ.
Во досегашната пракса, по разводот, односно, разделбата, едниот родител, најчесто мајката, има право да ги чува и воспитува децата и да ги носи сите значајни одлуки за нив, а другиот родител има право само да одржува лични односи со децата и обврска да плаќа издршка. Сигурно знаете многу случаи кога издршката не се плаќа и едниот родител самоволно е отсутен од животот на детето, но можеби сте слушнале барем за еден случај кога родителот кој има право да го гледа своето дете само во одредени термини, и сака и може да го прави тоа на рамноправна основа. Што би било според вас најдоброто решение за децата и во двата случаи?
При секој разводот на брак настануваат повеќе правни последици кои се однесуваат и на родителите и на децата, но сепак најтешки последици се оние кои се однесуваат на начинот на вршењето на родителското право и нивното влијание на понатамошниот психофизички развој на децата. Според искуствата од современите законодавства во најдобар интерес на децата е можноста родителите заеднички и спогодбено да продолжат да го вршат родителското право и по разводот на бракот.
Доколку родителите не можат да се договорат помеѓу себе, а најчесто не можат, како би го решиле ова со реформата на семејното законодавство во нашиот иден Граѓански закон?
Постојната законска регулатива овозможува заедничко вршење на родителското право од страна на двајцата родители и во случаи кого детето се доверува на едниот родител, со оглед дека е предвидено за сите важни одлуки кои се однесуваат на грижата, чувањето и воспитувањето на детето родителите да одлучуваат заеднички и спогодбено.
Во Законот за семејството заедничкото вршење на родителското право е предвидено во членот 45 и 46 во кој експлицитно е наведено дека родителското право им припаѓа подеднакво на мајката и на таткото, како и од член 76 според кој родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено. Во случаи на несогласување на родителите, во вршење на родителското право, решава центарот за социјална работа, притоа имајќи го предвид најдобриот интерес на детето.
Стручниот тим на центарот врз основа на спроведената стручно-методолошка тимска работа во зависност од возраста, потребите, интересите, желбите на детето, поврзаноста на детето со родителот, односите помеѓу поранешните брачни другари, нивните ставови и мислења во однос на сите прашања, одлучува како, колку и кога ќе се реализираат видувањата.
Има многу поплаки од родителите за Меѓуопштинските центри за социјална работа за кои се смета дека честопати одлучуваат пристрасно при одредувањето на тоа кому ќе го доделат старателството, а особено кога станува збор за одредувањето на бројот на видувања на детето со родителот со кој детето не живее (бавно постапување со барањата за регулирање на видувањата, одредување на крајно рестриктивни термини за видување со кои практично едниот родител се исклучува од животот на детето). Какви се вашите сознанија?
Согласно законските одредби покрај тоа што детето е доверено на чување само на едниот родител, заедничкото вршење на родителското право подразбира заедничко одлучување за сите поважни прашања кои се однесуваат на животот, здравјето, воспитувањето, школувањето и застапувањето на детето.
Во насока на правилно постапување на стручните работници со странките во случаи на развод на брак и регулирање на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее, од страна на ЈУ Завод за социјални дејности направени се стандардни процедури за постапување на центрите за социјална работа, во давањето на помош и заштита на детето во услови на разделување на родителите и развод на брак.
Во случај кога од било каква причина родителите се незадоволни од постапувањето на стручните лица на ЦСР истите можат да поднесат претставка за вршење надзор над стручната работа кој го врши ЈУ Заводот за социјални дејности или да се спроведе надзор на законитоста во работењето на центрите за социјална работа од страна на Секторот за инспекциски надзор.
Како ја оценувате работата на центрите во однос на остварувањата на видувањата на детето со родителот со кој не живее, дали се преземаат некакви мерки кон резиденцијалниот родител кој го онезвозможува личниот контакт на детето со другиот родител под различни изговори?
Во Законот за семејство се предвидени и механизми за постапување во случај кого родителите не ги почитуваат донесените одлуки, а со цел да се овозможи активно учество на двајцата родители во животот на детето.
Имено, заради заштита на правата и интересите на детето, центарот за социјална работа врши надзор над вршење на родителското право (член 83). При вршењето на надзорот, центарот може доколку утврди дека тоа го бараат интересите на детето, да го одземе детето од едниот и да го довери на чување и воспитание на другиот родител, на друго лице или на соодветна установа, кога родителите или родителот кај кого детето живее го запостави детето во поглед на чувањето и воспитанието или кога постои сериозна опасност за неговиот правилен развој и одгледување.
Соодветната примена на законските одредби во пракса во голема мера зависи и од свесноста и капацитети на родителите да го сфатат значењето на заедничката грижа за детето, што е многу важна компонента за понатамошниот правилен психо-физички развој на детето.
Дали сметате дека се потребни измени во начинот на работа на Центрите во оваа област, на пример, како што предлагаат психолозите – одредување на минимум време за лични контакти и видувања на детето со родителот со кој не живее детето, наместо одредувањето на максимум време?
Во тек е реформа на системот на социјална заштита која го опфаќа и начинот на работа на центрите за социјална работа преку воведување на работа на конкретен случај за надминување на индивидуалните и семејните проблеми преку проценка, планирање, интервенција за заштита, евалуација како и следење на состојбата со цел зајакнување на родителските потенцијали и вештини за непречен раст и развој на детето.
Како да се спречи сѐ почестата пракса едниот родител да го преселува детето во странство без согласност на другиот родител (а со дозвола на Центрите за социјална работа)?
Согласно Законот за семејството родителите родителското право го вршат заеднички и спогодбено. Во случај на спор на родителите околу кое било прашање кое произлегува од односот родител-дете, вклучувајќи го и барањето согласност за исселување на детето со родителот на кого со судска пресуда е доверено детето, одлучува центарот за социјална работа врз основа на целокупна доставена документација и мислење од надлежниорт странски орган за условите за живење на детето во странство и врз основа на спроведена стручна методолошка работа со детето и родителите.
Каков е вашиот личен став, дали вие би ја поддржале иницијативата за заедничко и рамноправно родителство после развод?
Сметам дека политиките и мерките кои ги подготвуваат и имплементираат институциите секогаш треба да се засновани на факти, објективни анализи и истражувања, а не на личниот став на кој било политичар.
Драгица Христова
„Изразените гледишта во никој случај не ги рефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“