Законот со кој беше дозволено сурогат-мајчинството во Македонија е донесен во 2014.година, а првото бебе од сурогат мајка беше родено три години потоа, во 2017. Годинава се родија уште две бебиња што значи дека досега се родени вкупно три бебиња од сурогат мајки.
Првото бебе од сурогат-мајка на свет го донесе 44-годишна жена која се нафатила да ја износи бременоста затоа што биолошката мајка немала матка. Гинекологот доц. д-р Зоран Петановски и медицинскиот тим во „Ре-Медика“ направиле ин витро со јајце-клетки на биолошката мајка и со сперматозоиди на нејзиниот сопруг, а потоа оплодените ембриони ги вметнале во матката на 44-годишната жена.
„Согласно Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), со сурогат мајчинство досега се спроведени постапки од кои се родени три бебиња. Во тек е постапка за старт на уште две процедури со сурогат мајчинство, а во континуитет има интерес и од други брачни двојки за кои се утврдува дали ги исполнуваат законските критериуми“, велат од Министерството за здравство.
„Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), е добар и како лекар го поддржувам, но станува збор за скапа постапка која нема широка примена“, вели др.Петановски кој го породи првото бебе од сурогат мајка во Македонија.
Др.Петановски кој го породи првото бебе од сурогат мајка во Македонија вели: „Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), е добар и како лекар го поддржувам, но станува збор за скапа постапка која нема широка примена“.
Имено, оваа постапка е предвидена за брачни двојки кај кои жената е со вродена малформација во гениталниот систем или пак постои отсуство или оштетување на матката, отсуство или оштетување на ткивото на јајчниците, кај пациентки со системски заболувања кај кои е контраиндицирана бременост – поради влошување на општата здравствена состојба, итн.
Инаку, двете бебиња кои се родија од сурогат мајка оваа година се близнаци.
„Мојата пациентка роди близнаци, меѓутоа, според законот, не смееме да даваме никакви информации за тоа. Бебињата се заверени како да се родени од биолошката мајка, тоа беше малку комплицирано за нашата администрација, но тоа е законот. Освен таа, која се породи пред неколку месеци, немаме друга пациентка – сурогат мајка“, вели др.Лазаревски од „Систина“.
Што се однесува до самиот закон, доктор Лазаревски вели дека и самиот учествувал во креирањето на неговата прва верзија.
„Првата верзија на законот беше одлична и со хумана конотација, зашто сметам дека има многу жени кои, не по своја вина, не можат да го почувствуваат непосредното мајчинство. За жал, по интервенција на некои политички и невладини групации, законот се прошири со непотребни и многу двосмислени амандмани и јас, накусо, не сакав да имам ништо со тоа. Накусо, сега во „законската креација“ на нероденото бебе може да учествуваат 5 партии: жената, мажот, донорката на јајце-клетки, донорот на сперма и сурогат мајката (за можните манипулации и импликации може да се дискутира со часови). Првичната верзија беше само маж и жена и сурогат мајка“, вели др Лазаревски во изјава за Плус инфо и Мајка и дете.
Инаку, пред да се воведе можноста за сурогат-мајчинство во земјава, оние на кои им беше потребна одеа во странство, во земји кадешто е дозволено сурогатството, најчесто во Украина, за таму да побараат помош. Сега тоа го прават двојките што не може да најдат сурогат-мајки тука затоа што кај нас нема интерес да се биде сурогат мајка па ако веќе и се нафати некоја, тогаш е тоа по роднинска или пријателска линија.
Без оглед на сите контроверзии околу овој закон, тој е единствено решение за двојките кај кои жената не може да одржи бременост.
Брачната двојка има право да бара поведување две постапки на биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, кои успешно ќе завршат со раѓање на по едно живо дете од секоја постапка, додека гестацискиот носител има право само еднаш да роди едно живо дете за друг. Гестацискиот носител и жената од брачната двојка што е во работен однос ги имаат сите права од областа на работните односи, пензиското и инвалидското осигурување и породилно боледување.
Во Министерството за здравство се формирани комисии што водат сметка за исполнетоста на здравствените предуслови, како и за здравствената состојба на гестацискиот носител. Исто така, постојат и комисии за психолошко и правно советување, како на гестацискиот носител така и на брачната двојка. Гестацискиот носител има обврска за психолошко советување три месеци пред спроведување на постапката и пет месеци по раѓање на детето. Доколку е во брак, тогаш истата обврска ја има и брачниот другар.
Многумина му ја забележуваат на законот дискриминаторската одредба со која правото на родителство добиено на овој начин се ограничува за брачна двојка од маж и жена, но и дека не е дозволено за оние кои сакаат да бидат самохрани родители.
Драгица Христова