Бесплатни логопедски и дефектолошки прегледи до крајот на јуни

Во здружението „Интеракција-плус“, до крајот на месец јуни, се организираат бесплатни логопедски и дефектолошки прегледи, со претходно закажан термин, па така секој родител ќе може да добие информација и стручно мислење за состојбата на неговото дете.

0
588

„Родителите бараат логопедска помош кога ќе забележат некаков проблем во говорот на нивните деца. Во однос на тоа кога треба да се посети логопед,  родителите секогаш треба да се водат од возраста на детето, и каков е говорот кај детето. Инаку, периодот помеѓу  четвртата и шестата година на детето е особено важен за следење на говорот. Навременото отпочнување со корективни третмани и нивно препознавање е од голема помош за успешно и побрзо надминување на говорно – јазичните потешкотии“, вели Ана Петреска, логопед и дефектолог во „Интеракција-плус“.

Ана Петреска (во средината)

Учењето говор за едно дете не е секогаш лесен и природен пат. Понекогаш се случува децата да се „жртви” на повеќе или помалку сериозни нарушувања на говорот. Говорно – јазичните проблеми можат да бидат предизвикани од повеќе фактори, нарушувања кои се стекнати уште во раната детска возраст, последици од некаков друг здравствен проблем или пак лоши говорни навики. Родителот е оној кој прв забележува дека нешто не е во ред со говорот кај неговото дете и во вакви ситуации треба навремено да се побара стручна помош, првенствено од матичниот лекар, па потоа од дефектолог и логопед.

Во Македонија, таканаречените дислалии, се најчести говорно-јазични нарушувања кај децата. Но, се почести се и дислексиите кои најчесто се забележуваат како проблем кога детето ќе појде во училиште.

„Во Македонија, најчести кај децата се дислалиите, а тоа е неправилен изговор на одредени гласови, или пак потешкотиите во поврзување на правилни граматички реченици, развојни дисфазии, пелтечењето, како и проблемите со читањето и пишувањето. Логопедските методи се состојат од применување на повеќе техники со помош на логопедски помагала – сонди, за добивање на гласовите, или пак, специфични дидактички материјали, звучни книги, за поттикнување на говорот“, објаснува Петреска.

Најсериозното нарушување, аутизмот, е многу тешко да се дијагностицира, особено кога децата се многу мали.

„Дијагностицирањето на аутизмот е еден опсежен процес којшто пред сѐ бара да се отфрли постоење на други нарушувања кои имаат слични знаци како кај аутизмот. Првенствена и основна цел за логопедот е да развие говор кај детето со аутизам, кој притоа би бил функционален и разбирлив за околината. Треба да се знае дека никогаш од децата со аутизам не треба да се очекува беспрекорен говор, бидејќи проблемите со говорот кај нив се последица на мноштво елементи кои што ги носи самото аутистично нарушување. Во третманот се користат повеќе помошни техники за подобрување на состојбата како што се инструменти за орална масажа, материјали по „Пекс“методот по визуелен пат да се развие говорот, сензорни стимулации за смирување и насочување на лицата со аутизам, окупациона терапија за развивање на движењата на екстремитетите, мисловни активности, читање, пишување, ориентација во просторот, обрасци на однесување и други“, вели логопедот Петреска.

Но, како интервенцијата на логопедот може да помогне кај децата со аутизам во создавање на предуслови за комуникација, во оралната пракса, фонологијата, семантиката итн.?

„Логопедската терапија е од клучно значење за лицата со аутизам. Таа пред сѐ многу им помага за децата со аутизам да станат вербални, да почнат да зборуваат, а потоа се работи на оформување на говорот, во зависност од интелектот и потенцијалот кој постои кај лицето. Создадениот говор кај лицето со аутизам е потоа основа за многу понатамошни процеси во животот како што се образованието, социјализацијата и работното и професионално оспособување“, констатира Петреска.

Кај билингвалните семејства, сѐ почеста е дилемата на родителот дали неговото дете, кое постојано слуша два или повеќе јазици, може да има поголеми предиспозиции за говорна дисфункција од монолингвалните деца.

Според Петреска, билингвалноста во семејствата може да се смета како причина или фактор за потешкотии во говорно- јазичниот развој само поради тоа што детето слуша два јазика, односно на еден јазик говори во училиште, а на другиот јазик зборува дома.

„Ова може да доведе до мешање на одредени поими или пак, составување на неправилни реченици. Но не мора да значи, детето може одлично да ги совладува и знае и двата јазика. Во таа насока, сакам да посочам, родителите секогаш да внимаваат што слушаат нивните деца или како му зборуваат на детето, бидејќи децата до својата трета година „го впиваат“ и усвојуваат она што го слушаат, без разлика на јазикот“, додава таа.

Им недостигаат ли на нашите училишта обучени тимови од логопеди, психолози и дефектолози кои ќе соработуваат со децата и родителите?

„Ова е актуелен проблем во успешно и навремено надминување на говорно јазичните и други потешкотии во развојот, затоа што работата со деца бара исклучиво индивидуален пристап и оттаму е потребен моделот „еден на еден“, односно еден логопед или еден дефектолог да работи со едно дете. Затоа голема е потребата од вклучување на повеќе кадар во училиштата и едукативните установи“, одговара Петреска.

Таа потенцира дека она што секогаш треба да се има на ум, кога станува збор за дете со билокаков проблем во развојот, е процесот на инклузија, прифатеноста на тоа дете од средината особено од неговите врсници. Затоа, логопедите и дефектолозите, низ логопедски и дефектолошки вежби, треба да работат на градење на самодоверба кај детето и чувство на еднаквост, односно дека детето е рамноправно со другите деца и може да прави сѐ како и другите деца.

 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]