(продолжува…)
Еден од клучевите на ова воспитување е едноставен чин на учење – како да се чека. Тоа е причина зошто француските бебиња кои ги запознав спијат цела ноќ без прекин уште од вториот или третиот месец.
Нивните родители не ги земаат во ист момент кога ќе почнат да плачат, дозволувајќи им на бебињата да научат како поторно да потонат во сон. Исто така, тоа е и причина зошто француските бебиња седат задоволно во ресторан. Наместо да грицкаат нешто по цел ден како американските деца, тие главно мораат да чекаат да дојде време за оброк за да јадат. (Француските деца имаат доследно три оброци на ден и една ужина околу 4 попладне).
Тоа е вештина на која француските мајки се обидуваат да ги научат своите деца. Во текот на истражувањето на темата за родителските убедувања, спроведено во 2004.година помеѓу факултетски образуваните мајки во САД и во Франција, американските мајки рекле дека охрабрувањето на детето да си игра само е од средна важност. Но француските мајки рекле дека е тоа многу важно.
Одложување на задоволствата
Подоцна му испратив мејл на Волтер Мишел, водечки светски стручњак за тоа како децата да научат да го одложат задоволството. Како што се покажа, г.Мишел, 80-годишник и професор по психологија на Универзитетот Колумбија, беше во Париз и престојуваше во станот на својата долгогодишна девојка. Се согласи да се најдеме на кафе.
Г.Мишел е најпознат по тоа што го осмислил т.н. „колаче-тест“ (Маршмелоу тест) во доцните 60-ти кога бил на Стенфорд. Во текот на тестот истражувачот внесува во собата четиригодишно или петгодишно дете кадешто на масата стои колаче од бел слез. Истражувачот му вели на детето дека накратко ќе излезе од собата, и дека ако не го изеде колачето додека тој да се врати, ќе биде награден со уште две колачиња. Ако го изеде, ќе го добие само тоа едно колаче.
Повеќето деца чекале само околу 30 секунди. Само едно од три деца успевале да одолеат цели 15 минути, колку што бил отсутен истражувачот.
Како што дознал истражувачот трикот е во тоа што добрите „одложувачи“ знаеле да си го свртат вниманието. Подоцна, во текот на 80-тите, г.Мишел и неговите колеги дознале дека добрите „одложувачи“ се подобри во концентрацијата и резонирањето, и немаат обичај да „пукаат под стрес“, како што тврди нивниот извештај.
Дали е можно учењето на децата како да го одложат задоволството – како што и прават француските родители од средната класа – всушност, ги прави децата посмирени и поотпорни? Може ли тоа донекаде да објасни и зошто американските деца од средна класа, кои с егенерално понавикнати веднаш да го добијат тоа што го сакаат, толку често пукаат под стрес?
Г.Мишел, кој потекнува од Виена, не го изведувал досега овој тест на француските деца. Но како долгодишен набљудувач на Франција, рекол дека го изненадила разликата помеѓу француските и американските деца. Во САД, рекол, самоконтролата станала сѐ потешка за децата“.
Секако дека американските родители сакаат нивните деца да бидат трпеливи. Ние ги поттикнуваме нашите деца да делат, да чекаат на ред, да ја поставуваат масата и да вежбаат клавир. Но трпението не е вештина која ја вежбаме толку упорно како француските родители. Ние имаме обичај на способноста на децата да чекаат да гледаме како на нешто што се должи на темпераментот. Според нашето мислење, родителите или имаат среќа па добиваат дете кое добро излегува на крај со чекањето или немаат среќа.
На француските родители и воспитувачи им е тешко да поверуваат дека сме толку незаинтересирани да се занимаваме со оваа важна способност. Кога оваа тема ја споменав на една свеќена вечера во Париз, мојот француски домаќин почна да раскажува за годината што ја поминал додека живеел во Јужна Калифорнија.
Тој и неговата жена се спријателиле со американска двојка и одлучиле да го минат викендот со нив во Санта Барбара. Тоа била прва средба помеѓу нивните деца кои биле на возраст од 7 до 15 години. Со години подоцна, и натаму се сеќаваат колку често американските деца ги прекинувале возрасните среде речпеница. И немао оброк во одредено време; американските деца едноставно оделе до фрижидерот и земале храна кога ќе посакале. На француската двојка им изгледало како американските деца да го водат главниот збор.
Она што не изненади и што ни пречеше е тоа што родителите никогаш не рекоа „не“, рече тој, а жена му додаде: децата праве „n’importe quoi“.
После некое време сфатив дека повеќето француски описи на американските деца ја содржат оваа фраза „n’importe quoi“, која значи „што и да посакаат“. Тоа сугерира дека американските деца немаат цврсти ограничувања, дека на нивните родители им недостасува авторитет и дека може да помине сѐ.
Тоа е антитеза на францускиот идеал за кој француските родители често зборуваат. „Cadre“ значи дека децата имаат многу јасни ограничувања за одредени работи – тоа е рамка и дека родителите тоа стриктно го спроведуваат. Но во внатрешноста на cadre, француските родители им доверуваат на своите деца и прилично слобода и автономија.
Авторитет
Авторитетот е една од најимпресивните карактеристики на француското родителство, а можеби и најтешко за совладување. Многу француски родители кои ги запознавм имаат лесен смирен авторитет кон своите деца, онаков на каков што само можеме да им завидуваме. Нивните деца навистина ги слушаат. Тие не се губат постојано од видикот, не се караат со родителите и не влегуваат во долги преговори.
Една недела, наутро во паркот, мојата сосетка Фредерик беше сведок на тоа како се обидувам да го совладам мојот син Лео кој тогаш имаше две години. Лео сѐ правеше брзо, па јас постојано бев во движење кога одев со него во парк. Изгледаше како да гледа на вратата за излез од паркот како на повик да излезе.
Фредерик малку претходно имаше посвоено преубаво црвенокосо девојче од руско сиротиште. Во тој период беше мајка цели три месеци. Сепак, само со тоа што беше Французинка, веќе имаше сосема поинаков поглед на авторитет од мене – што е „possible“, а што „pas possible“.
Фредерик и јас седевме и се обидувавме да зборуваме. Но Лео постојано истрчуваше низ вратата, надвор од паркот. Секојпат кога ќе станев да го фатам, да го искарам и да го донесам назад, тој врескаше. На почеток Фредерик во тишина го гледаше овој ритуал, а потоа, без заобиколување ми рече дека ако постојано трчам по Лео нема да можеме да уживаме во малото задоволство заедно да поседиме и да позборуваме неколку минути.
„Тоа е точно“, реков. „Но што да правам?“
Фредерик ми кажа дека треба да имам поцврст став кон Лео. По мое мислење, да се поминува попладнето трчајќи по Лео, беше неизбежно. По нејзиното мислење, тоа беше „pas possible“.
Ми кажа дека морам моето „не“ да го направам посилно и навистина да верувам во него. Следниот пат кога Лео се обиде да истрча низ вратата, јас реков „не“ поостро од обично. Тој сепак излезе. Го стигнав и го донесов назад. „Гледаш?“ Ѝ реков. „Тоа не е возможно“.
Таа се насмеа и ми рече да не викам, туку да зборувам поубедливо. Лео не ме послуша ниту следниот пат. Но постепено почнав да чувствувам како моето „не“ станува сѐ поуверливо. Изговарањето не беше погласно, туку посигурно. До четвртиот пат, додека конечно не пукнав од самодоверба. Лео ѝ пријде на вратата, но за чуди не ја отвори. Се сврте и ме погледна несигурно. Се обидов да изгледам луто.
По десет минути Лео престана да се обидува да излезе. Изгледаше како да заборавил на вратата и си играше во песокот со другите деца. Наското ние можевме мирно да си разговараме, а јас бев шокирана од тоа што Лео наеднаш ме гледа како авторитет.
„Гледаш“, рече Фредерик, не ликувајќи. „Проблемот е во тонот на твојот глас“. Истакна дека Лео не изгледа трауматизирано. На момент и веројатно првпат, тој всушност изгледаше како француско дете“.