Кога луѓето се разведуваат обично, најголема грижа им е како нивните деца ќе го поднесат отсуството на едниот родител (најчесто на таткото), од нивните секојдневни животи, зашто кај нас е тоа нормално – еден мора да си замине не само од дотогаш заедничкиот дом, туку и од животот на децата.
Голем е бројот на примери во кои децата се лишени од присуството и од љубовта на другиот родител. Некогаш по инерција, затоа што и самите тие мислат дека така треба и никако поинаку, некогаш затоа што така повеќе им одговара, а некогаш, а тоа важи за оние кои би сакале, и сакаат и настојуваат тоа да биде многу почесто, но постоечкиот закон, крутите институции и нивните поранешни партнери им дозволуваат само малечки дози, некои дури и само по 2-3 часа неделно со нивните деца.
Овие родители минуваат низ вистинска голгота и со време, полека ги губат и своите деца кои се оттуѓуваат од нив огорчени затоа што не можат да сфатат зошто татко им (или поретко, мајка им), не може повеќе да ги гледа не само кога ќе посакаат, туку и на нивните најважни настани, родендени, натпревари, приредби, не можат да ги гледаат ниту бабите и дедовците, тетките и чичковците и сите оние кои до скоро биле дел од нивните животи.
И токму во овој дел на овие родители им се случува и најголем апсурд, нивното дете, на пример, за време на спортски натпревар, приредба, претстава, или слично, може да го гледа секој – но ако тие се појават на „местото на злосторот“ (а злосторот во тој случај е оној, кога сакате да си го видите детето), ризикуваат да заработат кривична пријава.
Родителските голготи на тројца татковци
Миле Дебарлиев е еден во низата обесправени родители кои грчевито се борат за нормален контакт со своите деца.
Тој е еден од оние случаи за кои се зборува дека се во последниве години многу чести, односно, врски кои престануваат веднаш откако ќе се роди детето.
„По раѓањето на детето, мајките си ги земаат децата и ги напуштаат сопрузите па се добива впечаток дека единствена цел им било токму тоа – да добијат дете и да си заминат. За да биде оваа цел полесно остварлива и прифатлива во кругот на блиски луѓе, таткото се етикетира дека е насилен, незаинтересиран или дека не плаќа алиментација“, велат од Иницијативата за заедничко родителство после развод чиј член е и Дебарлиев.
Благодарение на својата упорност и преголема желба да биде со својата ќерка, едвај стасал до решението со кое му е овозможено да ја гледа околу 76 часа месечно, односно околу 3 дена или само 10% од времето. Особено се проблематични гледањата од по три часа. Во тие три часа треба да го земе детето од Влае, да го однесе кај него во Кисела Вода и пак да го врати назад во Влае. Повеќе време се губи во земање и враќање на детето отколку во заеднички квалитетно поминато време.
„Што да ви кажам… јас сум голем дечар, и самиот работам со деца, имам фолклорен ансамбл во кој членуваат околу 100 деца од кои 90 отсто се малолетни. Сите излегувања од државата со овие деца, тие се со мене, на моја одговорност, со дозвола од нивните родители. Им предочив и во ЦСР дека други родители имаат доверба во мене за своите деца, не покажува ли тоа дека сум кадарен да се грижам за деца? Но, тоа ним ништо не им значи. Одлучуваат по некои свои критериуми според кои јас немам право на ниту ден одмор со своето дете“, раскажува Дебарлиев.
За жал, кај нас праксата покажува дека битката за родителството е долготраен, макотрпен и исцрпувачки процес во кој најмногу страдаат децата кои стануваат моќно оружје во нечесната војна. Заради пореметените партнерски улоги, се заборава на родителската и двете страни се подготвени да манипулираат со децата за да дојдат до целта.
Во поголемиот број на случаи центрите за социјална работа даваат предлог и мислење детето да живее со мајката, а на мајките речиси никогаш не им се одзема ова еднаш дадено право децата да бидат токму кај нив. Дури, во праксата, вели една госпоѓа, поротник во судските парници која сакаше да остане анонимна, има случаи кога децата им се доделуваат и на мајки алкохоличарки токму за да бидат тие мотив за да се лекуваат.
Напротив, оние кои се соочуваат со вакви проблеми со своите поранешни партнерки велат дека можеби токму спротивното би ги мотивирало многу повеќе, па би направиле сѐ, што поскоро да си ги вратат децата или барем да се договорат за заедничка грижа за нив со поранешните сопружници.
Нашиот соговорник Мирослав Георгиевски вели дека многу често токму поради акохолот, тој и неговите деца се соочувале со различни непријатни, но и ситуации кои биле опасни за нивните животи.
„Во Центарот како да не можат да сфатат дека кога станува збор за безбедноста на децата, треба да се заборави на нивните правила за прв и втор родител. Јас не велам дека на моите деца не им треба мајка, напротив, велам дека таа каква и да е, е нивна мајка и секогаш ќе биде нивна мајка, но не можам да дозволам да живеат во таква атмосфера.
Минатата година во една пригода кога ѝ ги враќав децата ме нападна физички пред децата, удираше по автомобилот, фрлаше по мене со тегличка со мед, ме удираше со полни пластични шишиња, ме изгоре со цигара на вратот и сето тоа пред очите на децата кои цело време ме држеа за ногавица, не се одлепија од мене додека мајка им беснееше.
Верувајте, додека бевме во брак, јас бев тој што се грижеше децата да бидат навреме однесени во градинка, на лекар, да добијат јадење, да си легнат, а кога едното синче беше оперирано од кила, јас лежев со него во болница. Нивната мајка, иако на почеток од бракот, кога забремени со првото дете ми вети дека нема да консумира алкохол, не се придржуваше кон тоа. Извесен период живеевме надвор од државата и таму беше во ред, но кога се вративме тука, повторно почна истата приказна. Сфатив откако соседите почнаа да ми велат: блазеси ти комшија, каква жена имаш, секој ден ладни пива ти купува. Јас ниту видов некогаш некое од тие пива ниту пак се напив“, раскажува Мирослав.
Во неколку наврати од надлежните во Центарот за социјални работи сопружниците биле упатувани да работат на поправање на односите, но тоа не успевало, бидејќи постојано се повторувале истите работи.
„Мојата најголема вина е што сум татко, а не мајка, затоа што доколку улогите беа поинакви, секако ќе бев веднаш обвинет за семејно насилство, додека пак кога насилникот е жената, постапката од надлежните е многу поинаква, па таа се опоменува, не испраќаат и двајцата во Прв семеен центар Хера за продлабочен семеен третман, на кој таа не се ни појави, но никако да се преземе она што би го направиле веднаш доколку беше во прашање маж.
За доброто на децата кои сега очигледно не се безбедни со мајката, кога таа еднаш ќе стане свесна што се случило и ќе поработи на себе, ќе ми биде задоволство да го споделуваме своето заедничко родителство и да продолжиме рамноправно да се грижиме за своите деца на кои им требаат и мајка и татко“, раскажува Георгиевски.
Најчесто борбата на татковците кај нас изгледа како борба со ветерници, но причината е само затоа што целата приказна околу децата е погрешно поставена. Секое дете има потреба од двајцата родители и тоа би требало да биде појдовна точка при секое носење на решение на надлежните служби.
Не треба да се одлучува кој е подобар родител, а кој полош, затоа што и подобриот и полошиот имаат право да бидат со детето.
Лазо Наунов од село Ратавица, кај Пробиштип, од неодамна е дел од Иницијативата за заедничко родителство после развод.
Изгледа како прилично скромен и кроток човек, посветен татко кој за жал, својот седумгодишен син за две ипол години успеал да го земе кај себе само два пати иако со решение од Центарот за социјални работи – Пробиштип, но и со судска одлука, му се утврдени видувања со неговото дете секој втор и секој четврти викенд во месецот.
За се друго, Наунов е опструиран од поранешната сопруга и нејзината мајка. За истото, односно за кривично дело „Одземање дете“, неговата поранешна сопруга од основниот суд во Штип е осудувана условно веќе неколку пати.
„Додека детето плаче и ме моли да не го враќам кај нив, иако јас цел ден му објаснувам зошто морам да го сторам тоа, тие доаѓаат и насилно, без трошка озбири кон неговите чувства и кон тоа што станува збор за наше дете, мое и нивно, за нивна крв, го фаќаат за врат, за јака, за ракав, го тегнат и го пикаат во такси.
Судот постојано ѝ дава нови шанси, детето расте во нездрава средина, се соочува со немили сцени, со агресивност и насилство, а јас како татко немам право ниту да го слушнам, ниту да го видам.
Се обидував да го поштедам, не сакам пред него да правиме сцени затоа што сум свесен што значи сето тоа и како се одразува врз психата на едно седумгодишно момче, но не можам ниту да се откажам од своите родителски права, не сакам да расте без мене, не сакам никој да го оттуѓи моето дете од мене како што и јас не сакав да го оттуѓувам од нив“, раскажува Наунов.
Позитивен пример за родителство после развод
Покрај големиот број вакви приказни, иако многу ретко, понекогаш се наоѓа и некоја позитивна, колку што може да биде во услови на развод или разделба на родителите.
Нашата соговорничка која поради своето познанство со припаднички на некои феминистички здруженија, не сакаше да излезе во јавност со целосно име и презиме (во продолжение ќе ги пишуваме само нејзините иницијали – М.В.), ни објасни: „Тие веднаш би ме оквалификувале како издајник на женскиот род, а јас не сакам да се најдам во таква стереотипна приказна во која сите мажи се лоши, а сите жени од разведените бракови се жртви. Тоа едноставно не е точно.
Јас знам колку е тежок разводот, особено во случај како мојот, кога со години се обидувате да имате дете, а на крајот, кога тоа ќе се случи, сопругот ќе се вљуби во друга жена и ќе ве напушти.
Иако бев огорчена и во прв миг сакав да го казнам, сакав да направам да страда, некако се прибрав, се посоветував со мојата пријателка која е стручњак во областа на детската психологија и која цело време беше со мене додека минував низ тој пеколен период. Ме подучи дека треба да заборавам на своите чувства како жена, и да се сконцентрирам на тоа што е најдобро за моето дете.
Ги послушав нејзините зборови дека децата треба да чувствуваат дека се најважни за нас, дека секогаш ќе ги сакаме и дека секогаш ќе бидеме тука за нив и обајцата, дека за децата е многу покорисно да поминуваат време со двајцата родители, особено кога станува збор за спиењето на малите деца кај мама и кај тато, затоа што ова не може да го компензира ништо друго во подоцнежниот период од нивниот развој. Циклусот на подготвување на детето за спиење, заспивањето, будењето, појадокот…сето ова им помага на детето и на таткото да учат еден за друг, да ја зацврсти нивната блискост која ќе биде од големо значење за нивниот иден однос и за развој на емотивниот склоп на детето.
Среќна сум што имав до мене пријателка која е воедно и стручњак во таа област и која ме научи дека родителите треба и мора да ги надминат меѓусебните конфликти и да ја сфатат важноста од тоа детето да го поминува времето со двајцата родители.
Мислам дека имам право на сите да им порачам да не му дозволат на своето его да влијае на натамошниот развој на нивниот однос со таткото на нивното дете. Сфатете дека вие со човекот со кој имате дете, засекогаш ќе имате однос и само од вас зависи дали тој однос ќе биде добар или лош, а она што е најбитно е фактот дека токму од тоа зависи стабилноста, самодовербата и емотивната зрелост на вашите деца како возрасни луѓе.
Не можеме да го вратиме времето, ниту одлуките кои ги носиме, а кога ќе родиме дете ние навистина повеќе не сме сами на овој свет и нашата мисија како родители е од нив да направиме луѓе. Не ѝ дозволувајте на својата суета да го креира вашиот и животот на вашите деца, туку раскажувајте нова приказна, креирајте нови односи со вашиот поранешен партнер, креирајте нови односи со вашите деца.
Не велам дека ми беше лесно кога детето првпат преспа кај таткото, бев загрижена, бев тажна, но бев сигурна дека тоа што го правам е добро за моето дете.
Морам да признаам дека мојот поранешен сопруг е добар татко, иако, кога ме напушти набргу по раѓањето на нашето дете, мислев дека е тоа најсебичната работа што можеше да ја направи, бев како ранет ѕвер, не знаев што да правам ниту со себе, ниту со детето.
Сега нашата ќерка има 13 години и бидејќи беше многу мала кога се разделивме, ја немаше онаа траума која ја имаат децата кои живееле со двајцата родители па кога овие ќе се разделат потешко ја поднесуваат промената, но не дозволив ниту да расне без татко или пак да го гледа секој втор викенд. За среќа, не ја затрув со омраза кон таткото и кон целиот машки род.
Иако го добив старателството над детето и имав нарушени односи со поранешниот сопруг, не ѝ ги ускратив секојдневните контакти со татко ѝ.
Мојата ќерка е поврзана со него, знам дека ова навистина многу значи за неа и за нејзиниот натамошен развој.
Ако решев да „ги расчистувам сметките“ со поранешниот сопруг, веројатно моето дете не само што немаше да има близок однос со татко ѝ, туку ќе се чувствуваше како мене, ќе се чувствуваше напуштена.
Не знам како мајките не можат да сфатат дека кога ги користат децата како инструмент за „пазарање“ со поранешните сопрузи и не дозволуваат децата да имаат почести контакти со таткото, им прават лоша услуга на децата.
Не можам да сфатам во 21. век да постои дискриминација кон мажите како татковци и да им се дозволува да имаат само минимално видување со децата по развод. Тоа треба да се укине. Ако сакаме рамноправност на сите полиња, тогаш зошто не ја сакаме родителската рамноправност ?“, прашува оваа мајка.
„Моето дете има два дома. Иако татко ѝ се ожени со жената поради која ме напушти мене, а пред 3 години и тие добија ќеркичка, нивниот однос остана непроменет, а на лицето од мојата ќерка гледам среќа. Таа се развива во вистинска личност, полна со самодоверба, без никакви предрасуди, се гордее со својата помала сестричка, им помага со задоволство, ја чува и си игра со неа. Помина многу време и јас сѐ уште понекогаш чувствувам љубомора (не се премажив и немам друг партнер), но не жалам затоа што на ќерка ми ѝ дозволив да биде сакана од татко ѝ. Си велам, што ќе сменеше ако го правев она што вообичаено го прават мајките во моја ситуација, ќе бев ли јас како жена посреќна? Не, јас немаше да бидам посреќна, само ќе ја осакатев мојата ќерка за цел живот“, раскажува М.В.
Ова е само еден од поретките примери, наспроти повеќето во коишто едниот родител, во најголем случај таткото, има ограничено видување со своето дете по разводот.
Искуства од училиштата
Според психолозите, најдобро е кога детето поминува подеднакво време со двајцата родители и после разводот, а идеална ситуација би била онаа кога родителите после разводот се среќаваат заедно со детето, поминуваат одредено време заедно и комуницираат и се консултираат меѓусебно за сите работи кои се важни за детето. Во тие случаи, велат психолозите, детето се чувствува сигурно, сакано и заштитено и има изградено заемна доверба со двајцата родители.
Самите називи главен и спореден родител поттикнуваат на започнување на игри на моќ помеѓу родителите. Главниот родител доминира и казнува преку детето а споредниот родител се чувствува како жртва. Во тој триаголник се одвиваат многу психолошки игри кои не се поволни ниту за возрасните а најмалку за децата. После разводот партнерите не се веќе сопружници, но засекогаш остануваат родители и тука нема главен и спореден родител.
Според нашата соговорничка Катерина Аницин, пак, педагог и веќе 20 години наставник по македонски јазик во едно основно училиште во Скопје, случаите на деца од разведени бракови се сѐ почести. На пример, во одделение со 30 деца, во просек, барем 2-3 се деца од разведени бракови.
„Само еднаш се случи ние воопшто да не знаеме дека родителите на еден ученик се разведени затоа што тие често доаѓаа заедно на родителските средби (што е вистинска реткост дури и кај оние кои се во брак), пријателски комуницираа, а детето сосема нормално ги споменуваше и едниот и другиот. Инаку, во мојата досегашна пракса ми се случило да имам во одделение само едно дете за кое се грижеше таткото затоа што мајката ги напуштила. Сите други деца од разведени бракови живееле со мајката. Се случува понекогаш да доаѓаат да се распрашуваат за своите деца и татковци кои ги гледаат своите деца само онака како што им одредуваат центрите за социјална работа, и забележувам дека, доколку таткото инсистира да го искористи ова и како добра можност да си го види детето, кога ќе го повикаме и тоа да присуствува на средбата, имам впечаток како овие деца да се плашат дека прават нешто што е забрането. Што се однесува до тврдењето пак дека тие деца се полоши ученици затоа што се родителите разведени, можам да кажам дека ова честопати се користи како изговор за оние деца кои не учат доволно. Има многу деца кои се одлични ученици иако се од разведени бракови. Таков беше случајот и со мојата ќерка па не можам да кажам дека е тоа причина некое дете да не учи и да реди единици. Но можеби причината не е во самиот развод и во фактот што децата живеат со едниот родител, можеби е причината тоа што родителите ги користат како оружје во меѓусебните односи и во непријателството кое сѐ уште трае и со години по разводот“, вели Аницин.
Европски искуства
Повеќето искуства кај нас зборуваат дека сегашното законско решение креира проблеми и дискриминира еден родител, а ниту една институција не го следи развојот на детето после разводот.
Статистичките податоци покажуваат дека има над 2.000 разводи годишно. Според груба проценка има барем 1.000 деца секоја година на кои им е ограничено видувањето со другиот родител. Кога на тоа ќе се додадат другите роднини, баби дедовци, тетки, значи бројот на незадоволни луѓе се зголемува на 5.000 до 6.000. Според претставниците на Иницијативата за заедничко родителство после развод, законите мораат да се прилагодат на новата ситуација бидејќи постоечкиот закон е донесен во време кога имало многу помалку разводи.
Искуствата во државите кои законски вовеле рамноправно родителство по развод се многу позитивни. Прва ваков закон донела Шведска во 1976 година, со цел благосостојба на децата, неселективна родова еднаквост на сите полиња и активна политика за родова еднаквост.
Спроведено било истражување во Шведска на над 172.000 деца дека, при што учествувале деца чии родители не се разведени, деца во кои подеднакво се присутни родителите по разводот, деца со повеќе минато време со еден родители и деца кои растат само со еден родител. Притоа е забележано дека процентот на деца со психосоматски проблеми е најмал кај оние чии родители не се разведени, а само малку е поголем кај оние деца кои минуваат еднакво време со двата родители, додека кај останатите две групи овој процент е повисок.
Истражувањето во Шведска покажало дека децата кои поминуваат еднакво време со двајцата родители покажуваат помал ризик кон емоционални проблеми и немаат проблем со прилагодување во средината.
Одделувањето од едниот родител после разводот кај детето предизвикува сериозен губиток на социјален, економски и човечки капитал и потенцијал и има девастирачки ефект по неговиот психосоцијален и емоционален живот.
И други истражувања во светот покажале дека ова е најдобрата можна опција после развод и најблиска до функционално семејство, со неа полесно се пребродува стресот од разводот, значајно е присуство на двајцата родители и по развод, има највисоко измерено задоволство, драстично е намален ризикот од асоцијално однесување, а поголем е и нивниот успех во училиштето и во спортот.
Европските тенденции се еднаква појдовна основа за родителите кога не можат да се договорат, воведување законски гарантирано минимално време од 30-35 отсто, акумулирање и флексибилно надоместување на пропуштеното време со децата.
Драгица Христова
„Изразените гледишта во никој случај не ги рефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“