„Како резултат на нашето неколкугодишно делување, забележуваме две тенденции. Првата е дека се повеќе деца се предмет на родителско оттуѓување, односно влијание на едниот родител за децата да го отфрлат другиот родител. Оваа појава е една од најтешките форми на злоупотреба на децата и е директна последица од начинот на постапување на државата со децата од разведени бракови и нивното доделување на чување и воспитување на само еден родител.
Втората тенденција е дека државата нема намера да застане на пат на ваквата злоупотреба на децата. И не само тоа, туку продолжува да го поддржува родителското оттуѓување преку упорно задржување на сегашниот апсурден еднородителски систем по развод.
Поради тоа, време е да се собереме сите граѓани кои го имаме овој проблем и да им порачаме на надлежните дека не се откажуваме од борбата да имаме нормален контакт со нашите деца. Нашето движење е во постојан пораст бидејќи сегашниот систем генерира нови и нови жртви.
Лекот за родителското оттуѓување е имплементирање на принципите на заедничко и одговорно родителство по развод. Во таа смисла, на 25 Април ќе ги поднесеме нашите барања до Собранието и до Владата на РМ, надевајќи се дека надлежните конечно ќе се свртат кон решавање на овој горлив проблем, наместо досегашните изговори зошто истиот не може да се реши.
Почитувани родители и други блиски роднини на нашите деца молчењето нема да ви ги врати децата! И не сте вие виновни што не ги гледате децата, виновен е системот! Затоа, дојдете во среда на 25.04 во 17.30 часот пред Собрание заедно да побараме промените во семејното законодавство и пракса да започнат веднаш!“ – порача Рибароски.
Инаку, основната цел на иницијативата на групата родители за воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство е да се смени сегашната практика на еднородителски систем.
„Досегашниот концепт на еден главен родител на кого (доколку нема меѓусебен договор, што најчесто е тешко да се постигне при развод) децата му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство, е пред сѐ штетен за децата кои де факто го губат едниот родител. Затоа предлагаме нов концепт со кој двајцата родители, и по развод, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак“, додаде Рибароски.
Од детската амбасада „Меѓаши“ велат дека ја поддржуваат оваа Иницијатива уште од 2015.година и се залагаат да се даде ваква можност кога Центрите за социјална работа ќе оценат дека двајцата родители можат да преземат еднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и негов правилен раст и развој.
„На овој начин, двајцата родители ќе имаат исти права и обврски кон детето во неговиот раст и развој, како и при донесување на одлуки за детето, односно ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот. Доколку при ваква стартна позиција стручните тимови на центрите за социјална работа, во согласност со однапред утврдени критериуми, утврдат дека двајцата родители можат да му понудат на детето квалитетно родителство, тогаш заедничкото старателство треба да биде појдовна основа. Но даденото заедничко старателство во иднина треба да биде предмет на континуиран мониторинг и надзор од страна на стручните служби и преиспитување, односно следење на двајцата родители во остварувањето на нивните родителски права и обврски“, образложи Змијанац.