Иако денеска, за разлика од порано, разводите се многу почести и повеќе не се социјална стигма, тажните детски приказни и натаму продолжуваат.
Сега, причината не е срамот поради разводот, тешката економска состојба, немањето покрив над глава или помош од најблиските, туку тоа што родителите сѐ уште, несвесно, наместо на децата и на нивните чувства, приматот им го даваат на своите чувства и на меѓусебните односи.
Ова делумно можеби се должи и на тоа што законот за семејство не е сменет од 70. години на минатиот век.
Речиси сите напредни земји во светот го имаат сменето или се во фаза на менување на застарениот закон за семејство кој датира од пред еден век, а со кој децата се доделуваат според традиционалната поделба на половите според која улогата на жената е да биде домаќинка и да ги чува децата, а на мажот – да ги обезбедува средствата за живот на семејството.
Ова не ја отсликува денешната реалност.
Што е подобро: добар развод или лош брак?
Бројките велат дека денеска сѐ повеќе расте бројот на разводи, а според психолозите, причините поради кои луѓето се разведуваат се понискиот степен на толеранција, неподготвеноста на компромис, истакнувањето на индивидуалните, наспроти заедничките интереси. Ставот дека е подобар добар развод, отколку лош брак, во буквална смисла, е вмрежено кај урбаната популација.
Денес во современото општество е најприродно да има разводи на брак доколку брачната заедница не е хармонична и партнерите не се задоволни во бракот, за разлика од порано кога се случувало обратно, односно општествените норми вршеле притисок да се одржува бракот без разлика на тоа дали е тој добар или не, дали постојат причини за развод или не.
Перцепцијата за бракот е изменета и поради тоа што сѐ повеќе се намалуваат традиционалните, општествените вредности и моралните норми.
Но, помалку или повеќе, тогаш или сега, разводите носат стрес, особено ако во бракот има и деца.
Разводот е мачен судски процес. Во моментот кога се решавате на развод, ја губите контролата над целиот ваш живот. Можно е да се договорите како понатаму, но можно е и да не се случи такво нешто, па за вашиот и за животот на вашето дете да одлучува тотален странец, судија, кој ќе ви каже колку често ќе си го гледате детето.
За жал, неговото решение најчесто не е и најдоброто за сите.
Некогаш и сега
Иако биле поретки, разводи се случувале и во 70-тите, 80-тите, и 90-тите години од минатиот век, со тоа што тогаш, за разлика од сега, не било толку вообичаено некој да е разведен или да е дете на разведени родители, па на пример, во едно одделение имало само едно-две деца кои биле во ваква ситуација.
Денеска, во само едно одделение има барем 5-6, па и повеќе деца чии родители се разведени, па се чини дека со време веќе станува чудно и необично ако нечиј брак трае повеќе децении, отколку ако се разведе по само неколку месеци од неговото склопување или веднаш по раѓањето на првото дете.
Она што е исто и тогаш и сега, е поделбата на децата помеѓу родителите – како што вели др. Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, која е европски сертифициран-семеен и системски психотерапевт – како да се фрижидер и шпорет, едното дете на едниот родител, другото на другиот, но иста е праксата кога има едно дете, тоа да ѝ се доделува на мајката, а таткото да го гледа секој втор или трет викенд.
Разговаравме на оваа тема со три, сега веќе зрели жени кои како деца биле жртви од разводот на двајца луѓе, и ви ги презентираме нивните испреплетени семејни приказни.
Првата е постарата од две сестри кои биле раздвоени по разводот на нивните родители, втората приказна е на помладата сестра која по разделбата останала со мајката, била посвоена од вториот сопруг на мајката и не се гледала со вистинскиот татко, и третата и последна – приказната на најмладата сестра од вториот брак на нивната мајка.
Приказната на В.П.
Мајка ми се вработила многу рано, а на само 19 години се омажила за татко ми. Набргу татко ми кој бил љубоморен, отишол кај неа на работа и дал отказ во нејзино име.
Јас сум нивно прво дете, а сестра ми ја добиле две години подоцна. Нивниот брачен живот не траел многу. Татко ми почнал врска со некоја колешка, набргу мајка ми дознала, се обидела да го спаси бракот, особено затоа што во тоа време, после отказот кој татко ми го дал во нејзино име, не работела и немала средства за живот, ниту пак дом во кој можела да се врати.
Нѐ зела мене и сестра ми за рака и отишла кај жената со која се гледал татко ми, се обидела да влијае врз неа заради нас двете, но и заради тоа што немала каде да оди. Имено, нејзината мајка починала уште додека таа била многу мала, а по моето раѓање починал и татко ѝ. Сепак, не постигнала ништо. Жената знаела за нас и тоа не го сменило нејзиниот однос со татко ми кој во меѓувреме престанал да ѝ дава на мајка ми пари па за нас се грижеле неговите родители, нашите баба и дедо.
Скопскиот земјотрес не затекнал сами. Јас и сестра ми со мајка ми, како и многу други во тоа време, заминуваме во Словенија, а по враќањето во Скопје, одиме кај баба ми и дедо ми.
Татко ми веќе отворено живеел со другата жена и мајка ми си заминала.
Знам дека овој период од нејзиниот живот бил многу тежок. Сме живееле во една приправена соба, а мајка ми едвај не прехранувала. Почнала повторно да оди на работа. Така течел нашиот живот без него, таа одела на работа, ние во градинка. Набргу запознала некој човек. Сѐ уште многу млада, значи, со само 23 години, се вљубила. Дополнително, ја поттикнале и нејзините свекор и свекрва (баба ми и дедо ми), кои многу ја сакаа и ѝ кажале дека случајно го познаваат тој човек и дека е тоа добар човек. Ѝ понудиле да ме земат мене како постара да живеам со нив, а таа да се омажи за него и да ја земе со неа сестра ми. Ѝ ветиле дека ќе се потрудат да ме гледа секој ден и дека секој ден ќе ме носат кај неа на работа. Така и направиле. Секој ден со дедо ми одев кај мајка ми на работа, ќе се изгушкавме и потоа јас и дедо ми се враќавме дома.
Со татко ми немаа никаков контакт. Ниту пак тој имаше контакт со сестра ми која новиот сопруг на мајка ми ја посвои и ѝ го даде своето презиме.
Во меѓувреме, татко ми се венча со другата жена и доби синче, а мајка ми доби уште една ќеркичка. Набрзо дедо ми почина па за не бидеме сами јас и баба ми, татко ми и неговото ново семејство дојдоа кај нас и почнавме да живееме сите заедно. Наеднаш, животот дополнително ми се искомплицира. Живеев со маќеата, со татко ми и со баба ми и маќеата и татко ми почнаа да ми забрануваат да ја гледам мајка ми. Но, мајка како мајка, секогаш наоѓаше начин да се видиме. Доаѓаше кај соседите кои потоа ќе ме викнеа кај нив, или пак доаѓаше на училиште кај мене кога имавме одмор, или пак јас одев кај неа на работа. Но тие секојпат знаеја дека сме се виделе и задолжително следуваше кавга. Еден ден, кога имавме уште една таква кавга затоа што јас сум се видела со мајка ми, го прашав татко ми зошто тој не оди да ја види сестра ми.
Тој рече, како да одам кога не знае ни кој сум. После баба ми ми кажуваше дека понекогаш одел и ја посматрал од страна. Мајка ми пак, не ѝ кажуваше на сестра ми ниту за мене ниту дека човекот со кој живеат не ѝ е татко, а таа беше толку мала што не се ни сеќаваше на ништо. Била болежлива па мајка ми се секираше дека ако дознае, ќе ѝ биде полошо. Секојпат кога ќе ја прашав мама кога ќе ја видам ми велеше дека е болна и ми покажуваше нејзини слики. По неколку години, мајка ми роди син, а маќеата ќерка, а јас никако да си ја видам сестра ми.
Татко ми беше страшно крут кон мене, како да ми е очув, а не татко и сите ми велеа дека го потсетувам на мајка ми и дека е затоа таков.
Навечер уплакана знаев да замислувам како сме повторно заедно мама, тато, јас и сестра ми, а маќеата и очувот ги замислував како се венчани меѓусебно.
Поминаа години, а желбата да се видам со сестра ми стануваше сѐ поголема. Случајно преку една другарка пробав да направам контакт со сестра ми и успеав.
После 13 години се најдовме во тајност, секако, само баба ми и мојата најдобра другарка знаеја за ова.
Јас знаев како таа изгледа, а таа сиротката немала поим ниту дека постојам а камоли да знае како изгледам.
Инаку, мајка ми секоја година кога одеа на одмор ми носеше по нешто за облекување. И токму по една маица која ми ја купила на еден од нивните одмори (а иста ѝ купила и на сестра ми) и која ја носев вечерта кога се сретнавме, сестра ми и ме препозна. Дошла порано од мене на закажаната средба и седнала во слаткарницата, а јас нервозно ја чекав надвор и мислев дека нема да дојде. На крај, влегов внатре и ја гледам седи и ме чека. Таа вечер беше толку полно со емоции и најубав ден за мене. Долго шетавме и разговаравме. Од тогаш се среќававме а само братучетките и нашите најдобри другарки знаеја дека сме сестри, инаку останатите само се чудеа колку многу личиме. Со мојот сопруг се запознав и се омажив за него на иста возраст како и мајка ми, на 19 години. Се преселив во друг град. Му кажав на татко ми за средбите со сестра ми, како и дека ако сака може и тој да се гледа со неа.
После некое време сестра ми ми кажа дека се чувствува како 13- то прасе, а јас ѝ реков дека целиот свој живот го имам тоа чувство.
Никогаш не им бев важна. Замислував дека кога ќе дојде време, ќе разговарам со татко ми и сѐ ќе му кажам во лице, и за разводот, и за однесувањето на маќеата, па и за неговото, а најмногу за сестра ми. Но тој се разболе доста млад и беше веќе јасно дека е крај. Не му кажав ништо од тоа што сакав да му го кажам.
Мислам дека јас ја платив најголемата цена во целата таа ситуација. Се случуваше да одам со маж ми и со синчето кај мајка ми дома кришум, за да се видиме, таа подготвила ручек, а ние останувавме кратко и брзавме назад кај тато ми за да не ми се лутат, а сѐ поради баба ми, поради братот и сестрата. Знаев дека нема да ги видам повеќе и нив ако се испокараме. Еве многу години наназад одам кај мајка ми дома без криење и низ годините се запознаваме една со друга, ги надополнуваме изгубените години кои беа празни, без љубов и без нежност.
Приказната на М.Р:
Мајка ми се развела кога јас сум имала две години, а набргу потоа се премажила, нејзиниот втор сопруг ме посвоил, веројатно во согласност со татко ми кој никогаш не ме побара па така јас имав исто презиме со очувот и сестрата и братот кој мајка ми ги роди подоцна во својот втор брак.
Не се сеќавам кога точно почнав да се сомневам, но паметам дека кога ме запишуваа во прво одделение, на моите документи не беше името на татко ми, туку некое друго, за мене непознато име. Кога ја прашав мајка ми зошто, ми даде некое објаснување дека кога татко ми бил во војска, наводно, му го згрешиле името па останало така. Не размислував многу околу ова, но како што растев бев поголема па повеќе разбирав и чувствував дека некои работи не се такви какви што би требало да бидат.
Кај татко ми не се забележуваше дека прави разлика помеѓу нас тројца дома (помалите сестра и братот), но затоа кај баба ми се чувствуваше дека не ме сака исто како нив.
На пример, секогаш кога јас и сестра ми ќе се скаравме, таа ја бранеше нејзе. Најлошо беше кога дојде тетката од Америка за која кога бевме поголеми дознавме дека е од првиот брак на истата таа наша баба поради која чувствував дека нешто не е во ред. Таа за да ме казни ме затвори во подрумот додека мајка ми и татко ми беа на работа, затоа што се скаравме со сестра ми, за што, како по обичај, бев виновна само јас и никој друг. Татко ми (всушност, очувот), многу се налути кога дозна за ова, Се скараа со тетка ни и си кажаа некои работи кои тогаш не ги разбирав многу, но подоцна, кога ја дознав семејната историја, полека почнав да ги поврзувам.
Еднаш како помала ја слушнав и сосетката како зборува дека татко ми не ми е татко и дека јас имам друг татко. Не се сеќавам баш многу ниту како дознав дека имам постара сестра, но знам дека ништо од тоа не беше шокантно и наеднаш, веројатно, едноставно, лека полека сама сум ги склопувала коцките.
Бев болежлива па знам дека мајка ми постојано ме заштитуваше. Не знам точно кога почнав да станувам свесна дека кога мајка ми купува маичка плус и вели дека е таа за ќерката на нејзината колешка од работа, всушност купува за сестра ми. Дури ѝ сугерирав што да купи, иако никогаш не ѝ признав дека знам за кого купува, ниту пак ја прашував нешто повеќе.
Бев веќе втора година средно кога случајно едно девојче кое живееше во наше маало и со која се дружевме повремено еднаш ми кажа дека во нејзиниот клас има девојче што многу личи на мене и кога ми го кажа нејзиното име кое сум го слушала повеќе пати во некои разговори на мајка ми со роднини или со пријателки, знаев дека е тоа таа. Другарка ми не поврза и ни закажа средба во една позната слаткарница во центар. Се плашев дали ќе ја препознаам, но кога се појави на влезот од слаткарницата кадешто јас веќе некое време ја чекав, ја препознав по блузата која ја одбравме заедно со мајка ми, но и затоа што навистина многу личеше на мајка ми.
Средбата беше чудна. Се разбира, многу емотивна и не последна. Нашите средби продолжија, а со оглед на тоа што сме само 2 години разлика, наскоро веќе имавме и заеднички пријатели.
Сепак, ова не траеше многу долго затоа што таа, делумно и за да избега од домашната атмосфера, многу рано, веднаш по завршувањето на средно училиште, се запозна на одмор со својот иден сопруг, се омажи и се отсели во друг град.
Отприлика во тој период веќе почнавме да зборуваме со мајка ми отворено за сѐ. Со татко ми, односно, човекот кој го знаев како татко, а всушност ми бил очув, не го сменив односот. Тој и понатаму ми беше татко, особено затоа што мојот вистински татко никогаш не пројави иницијатива да ме најде и да се види со мене. Јас го направив тоа. Сестра ми ми го даде неговиот број, му се јавив и му закажав средба. Му бев лута, а тој, иако се обиде да се оправда затоа што не ме гледал, не беше многу убедлив. Никогаш не се зближивме.
Во тој период кога сестра ми се омажи, а мајка ми немаше право да отиде ниту на нејзината венчавка, затоа што нашиот татко и неговата жена не дозволуваа, решивме дека е време да им кажеме за неа и на помалата сестра и на брат ми и сите заедно да одиме да го запознаеме зетот.
Тој беше сѐ уште мал и не го интересираа многу деталите, па полесно ја прифати веста, макар што, барем тогаш, на возраста на која беше кога дозна дека има и трета сестра, не беше многу воодушевен. Колку го гњавевме ние двете, не е ни чудно што реагираше така, а имаше и само 8-9 години.
Родителите решија да излезат и да ме остават јас да ѝ соопштам на помалата сестра за сѐ. Таа отпрвин не ми веруваше, а потоа многу се вознемири. Бевме многу блиски, иако како малечки многу се каравме, многу се сакавме. Ја смирував и ѝ објаснував дека тоа не менува ништо помеѓу нас.
Како и да е, понатаму работите веќе беа транспарентни. Барем немаше повеќе тајни иако изгубените години и раздвоеноста од сестра ми, никој не можеше да ни ги врати.
Приказната на Д.Р.
Иако моите мајка и татко не се разведени, јас сум сепак дел од една таква приказна. Имав постара сестра, а потоа се роди и брат ми. Кога бев мала бев многу лоша. Некако чувствував дека мајка ми повеќе ја сака сестра ми затоа што секогаш ја земаше во одбрана, се грижеше повеќе за неа и ѝ купуваше сѐ што ќе посака. Подоцна кога ја дознав целата приказна сфатив зошто било така.
Мајка ми била сигурна дека мене нема да ми недостасува ништо затоа што живеевме со баба и со дедо, родители на татко ми, на кои јас им бев прва внука. И навистина, баба ми ме чуваше како принцеза, а јас, безобразно како што тоа знаат само децата, секогаш кога ќе се скарав со сестра ми, ја викав на помош затоа што знаев дека ќе застане на моја страна. Подоцна многу ми беше жал поради тоа, дури и сега, на зрели години, не можам да си простам. Ја сакав сестра ми најмногу на светот, а кога потпораснавме си кажувавме сѐ. Освен што, како што дознав наскоро, тоа дека таа има уште една сестра и дека татко ми и баба ми и дедо ми всушност не се и нејзини татко, баба и дедо.
Секогаш ќе ја памтам таа вечер. Моите отидоа некаде на гости, а ние останавме дома. Јас и сестра ми бевме во нашата соба, кадешто таа почна да ми ја раскажува приказната. Ми кажа дека имаме една сестра која останала да живее со таткото, додека мајка ми ја зела неа и се премажила за татко ми. Ми кажа дека јас и брат ми сме се родиле потоа. Дека и таа не ја знаела вистината додека не слушнала прво од сосетката, а потоа и од мајка ни која ѝ ја потврдила и дека пред извесно време се запознала со сестрата, дека се гледаат понекогаш и дека сега и ние ќе ја запознаеме, дека таа има 19 години и дека тукушто се омажила. Ја слушав оваа неверојатна приказна и не ѝ поверував ниту збор. Набрзо сфатив дека не е шега. За мене ова беше крај на светот. Не ми беше гајле дали имам или немам уште една сестра, само не сакав да верувам дека јас и мојата сестра не сме од ист татко. Иако не бев толку мала, имав 13 години, мислев дека е тоа многу страшно, мислев дека таа сега кога си има постара „вистинска“ сестра мене нема да ме сака како дотогаш. Се гушкавме и плачевме, а кога дојдоа мајка ни и татко ни дома, ми изгледаа како странци. Особено мајка ми. Не можев да ја замислам како жена на некој друг маж кој не е тако ми, ниту пак како мајка на некое друго дете, кое не сме ниту јас, ниту сестра ми, ниту брат ми.
Веќе следниот ден тргнавме на пат. Имав огромна трема. Не знаев каква е, ниту пак знаев како да се однесувам со неа. Се плашев дека ќе ми ја земе сестра ми, дека нема да имам со кого да зборувам, дека тие две, освен што си имаат иста мајка и татко, веќе си го имаат и муабетот бидејќи се запознале порано. Кога излегов од кола и ја гледав мајка ми како ја гушка таа девојка која ми е сестра и кога видов колку многу си наликуваат, сите мои сомнежи и надежи дека на крајот некој ќе ми каже дека само се шегувал со мене, испарија. А кога таа, мојата непозната сестра ме удри по газот и ми рече: „Кај си ма ти“, наеднаш се олабавив.
Се запознававме меѓусебе. Ме нервираше што сѐ уште доаѓа кај нас кришум, ме нервираше што никогаш не останува да спие кај нас иако веќе и самата беше и сопруга и мајка. Но таа велеше дека не смее затоа што татко ѝ се заканувал дека ако доаѓа кај нас, нема никогаш повеќе да ја види баба ѝ за која таа беше многу врзана. Нејзината баба ја запознав и јас во една пригода. И двете беа многу исплашени дека татко ѝ на сестра ми навистина нема да им дозволи да се гледаат повеќе ако не се придржуваат до неговите правила.
За разлика од него, татко ми никогаш не правел проблем, па сестра ми и нејзиното семејство секогаш биле добредојдени кај нас.
Сега се и двајцата починати. Нема препреки да се гледаме и да бидеме заедно, но она што сме го пропуштиле како деца, никој не може да ни го надополни.
Драгица Христова
„Изразените гледишта во никој случај не ги рефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“