Ангела која се роди со 720 грама, сега е дома со мама

Сашка Николовска од Богданци која по втор пат стана мајка и ја роди малата Ангела во 27-та гестациска недела со само 720 грама, е веќе дома и ужива во мајчинството, а голема помош има од 10-годишниот син Стефан

0
3188

Во петокот (16 март) од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје беше пуштена дома малечката Ангела Николовска која се роди во 27-та гестациска недела со само 720 грама.

Нејзината мајка Сашка Николовска има 29 години и ова е нејзина втора бременост. Таа го има 10-годишниот син Стефан кој сега ѝ е голема помош во чувањето на сестричката.

Бременоста на Сашка спаѓала во бременост со бројни ризик фактори по мајка (најсериозен од нив е состојбата на прееклампсија), плод (интраутерино заостанување во растот) и ризик фактори од акушерското минато, а се контролирала и се следела на Клиниката за гинекологија и акушерство во последното тромесечие од изминатата година.

Поради предвремено одлепена постелка, екипата под раководство на гинекологот-акушер ја породила со царски рез. Новороденото дете, односно, малечката Ангела била со средно изразена виталност и била оценета за високоризична според историјата на мајката, гестациската зрелост од само 27 гестациски седмици, ниската родилна тежина од само 720 грама. Всушност, како што стручно велат од Клиниката за гинекологија, станувало збор за екстремно недоносено асиметрично хипотрофично новороденче. Заради клиничките знаци за респираторно страдање новороденчето било згрижено тераписки со лек за активирање на белодробната активност, поставено на машина за механичка вентилација и интензивно третирано од неонатолошкиот тим во следните 83 дена на Одделението за интензивна неонатална нега и терапија.

Во понатамошниот болнички престој кај бебето се спроведувала интензивна нега на истото одделение.

Доенчето било испишано од Клиниката за гинекологија и акушерство во 107 ден од животот, со 2.5 пати поголема телесна тежина од родилната, во добра општа кондиција.

Сега малата Ангела има 1.840 грама и ужива во прегратките на својата мајка која вели дека е бебето добро и дека нема никакви проблеми.

„Со оглед на тоа што беше многу малечка и имаше неколку критични периоди, сега сме мирни и можам да кажам дека е сѐ нормално. Како и секое бебе, пие млеко, спие, плаче и добро напредува“, вели Сашка.

[better-ads type='banner' banner='999' ]