Користејќи се со напредни технологии на скенирање, американските научници откриле дека мозокот на момчињата расте побрзо отколку на девојчињата.
Исто така, утврдено е дека најбрзо се развива подрачјето на мозокот што е задолжено за моториката, додека побавно напредува оној дел што е поврзан со помнењето. Стручњаците наведуваат дека овие податоци ќе им помогнат за идентифицирањето на разни знаци на развој на пореметувања како аутизмот.
Со векови лекарите го проценувале развојот на мозокот мерејќи го обемот на главата на бебето. Потоа би ги следеле евентуалните промени од нормалниот ритам на раст како знак за можен проблем. Меѓутоа, со оглед на тоа што облиците на главата варираат, таквите мерења не биле секогаш прецизни.
Научниците од калифорнискиот универзитет ги скенирале мозоците на 87 здрави бебиња од раѓање до возраст од 3 месеци и откриле дека мозокот најбрзо расте веднаш по раѓањето како и кои делови од мозокот најбрзо се развиваат. Откриле дека мозокот расте најбргу веднаш по раѓањето, се зголемува за 1 отсто дневно, што пред крајот на тримесечниот период забавува на 0,4 отсто дневно.
Најбрзата стапка на развој била во малиот мозок, кој е задолжен за контрола на движењата и кои во текот на 90 дена се дуплирал. Најбавно растел хипокампусот, дел од мозокот кој е важен за помнењето.
Мартин Вард Плат, педијатар во кралската детска болница во Њукастл, рекол дека е ова првпат некој да објавил прецизни податоци за растот на детскиот мозок, а тоа да не е основано на пост-мортем истражувања или на полоши методи на скенирање.