Вашето бебе во стомакот може да ве слушне дури и во второто тримесечје. Пуштањето на музика на бебето е многу корисно, но сепак не треба да се претерува. Еве како да слушате музика во бременоста, каква музика и колку гласно.
Секако, не треба да го бомбардирате бебето со вашите омилени песни, нему тоа можеби нема да му се допадне, а мора да имате на ум дека тоа поголемиот дел од времето само сака да спие. Интересно е дека бебето може да ја запамти музиката која сте му ја пуштале уште во третиот или четвртиот месец од бременоста.
Во стомакот
Поголемиот дел од времето бебето што расте во вас, спие. Во 32.недела од бременоста бебето спие 90 до 95 отсто од времето, а понекогаш е тоа длабок сон. И пред самото породување бебето спие дури 80 отсто од времето. Кога е будно реагира на звуците, особено на гласот на мајката. Може да препознае кога сте тажни, а кога весели, кога гледате тажен филм, а кога весело си потпевнувате слушајќи ја омилената музика. Не го форсирајте бебето да слуша музика, ако сака да спие. Кога ќе сфатите дека е будно, пуштете му некоја убава, релаксирачка песна.
Видови на музика
Кога се споменува бременост и музика, луѓето обично зборуваат за таканаречениот „Моцарт ефект“. Некои стручњаци советуваат дека класичната музика, особено Моцартовите композиции, се одлични за бебињата. Некои родители веруваат дека бебето ќе им биде попаметно ако им ја пуштате оваа музика во текот на бременоста. Сепак, не постојат докази за ова тврдење. Истражувањата на овој ефект биле усмерени главно на тврдењата на родителите, но докази не се најдени. Но, утврдено е дека Моцартовата музика може да му помогне на развојот на прерано родените деца.
Од една страна, некои стручњаци тврдат дека треба да избегнувате рап музика и хард рок, додека други тврдат дека станува збор само за тоа да најдете поскладни мелодии и во рамките на овие жанрови.
Умереност
Во секој случај, важно е да го ограничите пуштањето музика директно за бебето во стомакот на еден час дневно и тоа во време кога ќе почувствувате дека е будно. Не мора да ги ставате слушалките на стомакот, затоа што плодната вода добро го спроведува звукот.
Пуштајте музика која ве опушта, во која уживате, затоа што вашето расположение влијае на бебето. Внимавајте и музиката да не е прегласна. Според некои истражувања, бебињата кои за време на бременоста биле често изложени на бучава, можат да дојдат на свет порано и да бидат значително поситни.