Конференцијата „На секое дете му треба семејство“ што ќе се одржи утре (16 ноември), под водство на Министерството за труд и социјална политика, Владата ќе даде заложба до 2020 година да се стави крај на сместувањето деца под 3-годишна возраст во големи институции. Во моментов, околу 250 деца во земјата, од кои 70 се на возраст под 3 години, го немаат правото да живеат во семејна средина.
Конференцијата „На секое дете му треба семејство“ ја организира Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ, и на неа ќе има околу 300 учесници кои ќе разговараат околу начините за забрзување на реформата со која треба да се стави крај на непотребното згрижување деца во големи институции.
Г-ѓа Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, г. Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската унија, и г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ, ќе го отворат настанот, со осврт на реформата за деинституционализација чија цел е трансформација на институциите и на персоналот за да се обезбеди поддршка на семејни алтернативи на згрижување.
Меѓународниот експерт, проф. Кевин Браун од Универзитетот во Нотингем, Британија и претставникот на УНИЦЕФ г. Бенџамин Перкс ќе одржат презентации за ефектите од институционалното згрижување врз раниот детски развој, врз основа на најновите сознанија во неврологијата, психологијата и педијатријата во светот.
Панелисти од Словенија, Црна Гора, Србија и Грузија – земји кои успешно воспоставија одржливи алтернативи на институционалното згрижување во заедницата – ќе споделат практични поуки од регионот. Тие вклучуваат напори за спречување на напуштањето, воспоставување иновативни услуги во заедницата и алтернативни решенија за децата, со посебно внимание врз потребите на децата со попреченост, како и ресурсите за одржување на реформата.
Потврдувајќи дека земјата има цврста основа за претворање на заложбата во реалност до 2020 година, во текот на конференцијата, панел од локални чинители ќе ги сподели своите перспективи за постојните услуги и поддршката во земјата.
Водејќи се според принципот дека „Секое дете е важно“, заложбата на Владата значи обврска да се обезбедат услови за секое дете во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина преку инвестирање во превентивни активности и поддршка на биолошките семејства; развивање нови форми на згрижување и проширување на мрежата на згрижувачки семејства; инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација; вложување во рана детекција и рана интервенција, и вложување во самите деца преку зголемување на инвестициите во предучилишното образование и раниот детски развој.