Повеќе самохрани мајки реагираа на вознемирувачката кампања и дискриминаторските пораки кои се појавуваат на фејсбук страната на иницијативата „Заедничко и одговорно родителство и по развод”, во која повеќето членови се самохрани татковци. Имено членовите на иницијативата во споменатата фејсбук група објавуваат содржини кои се вознемирувачки и ги дискриминираат самохраните мајки врз основа на пол, брачен статус и социјален статус. Самохраните мајки во оваа група се прикажуваат како хендикепирани трагични и самобендисани родители, родители кои се борат за „некакви си родови права”, родители кои им ги ускратуваат правата на сопствените деца, па дури и родители кои ги имаат киднапирано сопствените деца, вклучително и клеветења дека се разведуваат од сопрузите единствено со намера да се придобијат со финансиска корист и со цел да стапат во нови романтични врски. Во истата група татковците се претставуваат како „поодговорни родители од мајките”, тврдење кое се дава без никаква поткрепа, доказ или истражување и претставува вознемирување како облик на дискриминација кон мајките, врз основа на род. Загрижувачки се коментарите на членовите на групата кои се даваат на споменатите објави и текстови, а кои покрај елементи на дискриминација и вознемирување, содржат и елементи на говор на омраза.
Ваквата кампања и ваквите пораки само дополнително го стимулираат и онака присутното стигматизирање и дискриминирање на една од најранливите категории на жени во општеството – самохраните мајки. Дополнително, во услови кога родово базираното насилство врз жените е во подем, а дури 73% од самохраните мајки се или биле жртви на родово базирано насилство некогаш во животот од страна на партнери, во услови кога во рок од почетокот на 2015 година до денес се регистирирани 16 фемициди, говорот на омраза на членовите на иницијативата „Заедничко и одговорно родителство и по развод”, лесно може да прерасне во дела од омраза. Иницијативата има навидум легитимна цел, но начинот на кој ја спроведуваат кампањата отвора простор за сомнеж во нивните намери.
Мрежата за заштита од дискриминација и Граѓанската организација за унапредување на правата на еднородителските семејства „Една може“ изразуваат сериозна загриженост за вознемирувачката кампања на иницијативата „Заедничко и одговорно родителство и по развод” и апелираат членовите на оваа иницијатива веднаш да престанат со ширењето на дискриминаторските, вознемирувачите и стигматизирачките пораки и говорот на омраза насочен кон самохраните мајки, а иницијаторите на иницијативата да започнат со отстранување на ваквата содржина од интернет просторот и фејсбук групата на иницијативата.
Во спротивно, Мрежата за заштита од дискриминација и Граѓанската организација за унапредување на правата на самохраните мајки „Една може“ ќе иницираат постапки за утврдување на дискриминација пред надлежните органи, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права.