Само помислете, откако сте ја наполниле куќата со толку различни „паметни“ играчки, колку долго вашето дете си игра навистина со секоја од нив пред да ја остави и да прејде на друга? Колку пати ви кажало дека му е здодевно?
Најпродавани играчки се оние кои прават некој вид на врева (музика, звуци, гласови) и бараат многу малку когнитивна или креативна игра. Стручњаците велат дека со вакви видови на играчки децата наместо да учат и да откриваат повеќе како што тоа би го сакале нивните родители, всушност ја забораваат основната поента на детството – играта.
Како сте си играле вие: Најверојатно многу време сте минувале надвор или сте биле ограничени на неколку играчки во соба кои ве терале да се потпрете на сопствената фантазија за да ви помине времето. На овој начин вие всушност сте го поминувале времето во вистинска игра.
Освен играчки, денеска е тука и телевизијата со многубројните „едукативни“ детски канали. Дали оваа разновидна програма е навистина позабавна и покорисна од играњето? Поинтересно од фрлање топка во ѕид? Дали е таа навистина подобра опција од откривање на светот што не опкружува?
Што е „вистинска игра“?
За разбирање на поимот игра најдобро е да се почне од едноставниот факт дека детето не треба да ја учи играта. Исто така е важно да се знае дека не постои одреден начин на играње, најдобар е оној природниот. Играта настанува спонтано и на детето му се потребни малку „реквизити“ за да се заигра. Меѓутоа, денеска децата се преплавени со шаренило, со бука, со ликови од секакви цртани и со толку играчки што веќе не знаат како да си играат сами, како да се забавуваат и да мечтаат.
Играта означува активност. Таа им овозможува на децата да го сфатат светот што ги опкружува, да решаваат конфликти, да го вежбаат говорот и да станат снаодливи човечки суштества. Различни студии покажале дека денешните деца, дури и оние кои се сметаат за надарени, многу помалку ја користат фантазијата и потешко ја канализираат својата енергија. Зошто? Стручњаците велат дека е тоа последица од премногу играчки и недостаток на одделни активности како што се скокање, вртење, а подоцна џамлии, ластик, мижитатара, итн. Недостаток на т.н.Заборавени игри.
Прифатете го предизвикот:
Отстранете ги сите гласни, здодевни и отповеќе играчки од собата на вашето дете. Оставете ги коцките, боиците, хартија и други играчки кои бараат од нив да имаат фантазија. Или едноставно дајте му пластичен прибор и пластични чинии од кујна. Кога се препуштени сами на себе, децата влегуват во свој свет, се забавуваат со часови и дури тогаш навистина си играат.
Набрзо ќе видите дека колку повеќе се ангажираат на овој начин, толку ќе им биде помалку здодевно. Не подлегнувајте на мислењето дека сте подобар родител ако купувате „се“ и дозволете му на детето да си игра онака како што сака, без да го гушите со своите очекувања, и тоа ќе развие самодоверба и снаодливост.
Колку играчки има вашето дете? Колку мислите дека би му биле доволни?