Како за само 7 дена да го смените лошото однесување на вашето дете?

Дали знаете дека за детските напади на бес се најчесто виновни токму родителите? Пред вас е предизвикот – сменете се себеси за да можете да ги смените нив.

0
2683

Секое дете е понекогаш, ако не безобразно, тогаш барем напорно, непослушно…како веќе и да го наречеме тоа, но да си признаеме – децата не се златни. И тие имаат свои денови, а ако им дозволите еден ден да ви скокаат по глава ќе го прифатат тоа како знак дека така можат да се однесуваат секој ден. Да бидеме реални, сите деца се малку или повеќе слични, иако толку различни. Деца се. Себични се. Сакаат се и сешто и сакаат сега. Ако е вашето дете често такво, имаме за вас мал предизвик: Како за само седум дена да го научите да биде подобро кон другите. Затоа што понекогаш е потребно малку за да се сменат. Стручњаците препорачуваат – секој ден „поместувајте ги границите“ на своите редовни родителски навики кон детето. Имено, детето нема да се смени само по себе ако вие тоа од него љубезно го побарате – не – вие сте тој кој на своето дете мора да му покаже дека е понекогаш доста, и дека некои работи едноставно веќе не поминуваат.

Решението е тука:

Прв ден – престанете да реагирате

Децата многу рано сфаќаат дека било каква реакција на родителите секогаш е подобра од никаква реакција па затоа воопшто не се воздржуваат да направат глупост само за да го свртат вниманието кон себе. И тоа често им поминува затоа што секој родител ќе реагира на „бука“, а не би требало. Затоа еден ден не реагирајте на ништо лошо што вашето дете ќе го направи. Едноставно, игнорирајте го. Кога детето ќе почне да го искажува својот бес затоа што му е едноставно здодевно, ставете го на „игнор“, па после некое време и нему ќе му здодее бучавата и ќе си најде нешто попаметно со што ќе се занимава.

Втор ден – останете позитивни

Детето секогаш ќе најде некоја причина за плачење – дали затоа што го терате да ги собере играчките или само затоа што не може да пронајде некоја играчка. Такви се затоа очекуваат дека се ќе им биде сервирано онака како што тие сакаат, и кога тоа нема да го добијат – почнуваат со плачење. Веројатно нема дете кое не е такво и затоа нивниот безобразлук често зависи – не од нив туку од нас. Затоа останете позитивни. Ако детето не сака да ги среди играчките, не му се лутете – бидете попаметни – предложете натпревар, бодрете ги со зборовите „мислам дека денеска ќе бидеш побрз од секогаш“. Пробајте цел ден – што и да направи детето – да останете позитивни. Тоа нека биде вашиот дневен предизвик.

Трет ден – престанете да бидете како нив

Престанете да негодувате ако, на пример, доцните во градинка, училиште, на работа. Наместо тоа, работете, облечете се себеси и тргнете кон вратата. Нивното негодување за час ќе се претвори во збунетост и паника и автоматски ќе покажат колку можат да бидат брзи. Без поговор.

Четврти ден – фокусирајте се на причините зошто се такви

Ако после првите три дена детето и натаму тера по свое и ја игнорира вашата потреба некои работи да смените во корен, запрашајте се кои точно чувства се појавуваат во детето пред да почне да прави сцена. Тука можеби лежи важен клуч за нивното вообичаено однесување, а родителите кои тоа не успеваат да го препознаат најчесто го казнуваат или го караат детето, без да пробаат да ја сфатат сржта на проблемот. Токму затоа некои сцени кои родителот повеќе не може да ги поднесе се појавуваат од ден во ден, а со секоја кавга детето се повеќе тоне, се повеќе чувствува дека родителот не го разбира и затоа упорно со истиот принцип на однесување бара потврда, односно, бара реакција.

Петти ден – бидете доследни

Доследноста е мајка на знаењето кога зборуваме за доброто воспитување на децата. Ако детето во изминатите четири дена не сфатило дека некои работи се смениле, петиот ден мора да им стане малку појасно. Бидете подоследни во се што барате од нив и истрајте во тоа.

Шести ден – ако треба, менувајте правила

До сега ги игнориравте, бевте насмеани, престанавте да негодувате, бевте праведни и станавте подоследни, а напредок нема! Тогаш е време некои правила да се сменат. Ако вашиот најголем проблем се врти на пример, околу „екранот“ – детето сака да гледа ова па она, па не сака да ги среди играчките затоа што сега на лаптоп прави нешто, па не сака да јаде затоа што тукушто почнал цртан филм – можеби е време екранот целосно да му се укине. Можеби е баш тоа извор на сите ваши проблеми – доцнење, непослушност, одбивање, лутина и фрустрации на детето.

Седми ден – одморете се

На секоја мајка ѝ треба одмор. Одмор од работа, одмор од кујната, одмор од децата. Ако веќе не се мали бебиња, зошто би морале да им бидете при рака цело време, баш секоја секунда. Мама денеска се одмара и не ја интересираат детските „зафрканции“. Денеска децата се препуштени на себе затоа што е време да размислат за промените. Впрочем, со малку повеќе самостојност децата побрзо ќе научат да се грижат за себе, за своите потреби и за своите барања.

[better-ads type='banner' banner='999' ]