Што треба да се знае за белење на забите?

Најголем проблем после белењето на забите се смета преосетливоста на забите и гингивата.

0
890

Убавата насмевка е желба на секој човек. Освен формата и добрата поставеност на забите, многу е важна и самата боја на забите. Затоа избелувањето на забите е постапка што се почесто ја бараат пациентите.

Бојата на забите зависи од неколку работи. На прво место е генетиката, потоа одржувањето на личната хигиена, пушењето, конзумирањето одредена храна и пијалоци, како што се кафето, црвеното вино. Употребата на некои медикаменти може да доведе до трајно пребојување на забите. Познато е дека употребата на тетрациклините како антибиотик во детството доведува до трајно пребојување на забите. Девитализираните заби, односно забите на кои им е отстранет нервот, исто така можат да ја променат својата боја.

Постојат одредени состојби кога белењето е контраиндицирано. Тоа се напредната пародонтопатија, големи кариозни лезии, алергии и преосетливост на средството за белење, бременост и доење. Обелувањето е забрането и кај млади пациенти под 16 години.

Препаратите што се користат за белење се на основа од водороден пероксид (хидроген) или карбамид пероксид, во различна концентрација. Препаратите за домашна употреба имаат концентрација од 10-20%, додека препаратите за професионална употреба во стоматолошкта ординација се во концентација околу 36% водороден или карбамид пероксид. Тие делуваат на површината на забите, се провлекуваат до дентискиот слој и таму се распаѓаат на водород и кислород.
Пред да се започне со оваа постапка многу е важно реално да се постават очекувањата од крајниот резултат, да се определи моменталната боја на забите и да се процени колку реално можат да се обелат забите. На пациентот треба да му се каже дека пломбите и коронките кои се веќе во устата не можат да ја променат својата боја. За да се постигне добра естетика треба тие да се заменат, посебно ако се наоѓаат во фронталната регија.

Белењето во домашни услови се врши со помошна ленти за белење и средства кои се ставаат во индивидуално изработени силиконски калапи. Полиетиленските ленти обично се ставаат последователно неколку дена, по половина час Средствата кои се ставаат во силиконските калапи се аплицираат во калапот и најчесто се спие со средството.

Белењето во стоматолошка ординација се изведува така што прво се отстрануваат забниот камен и меките наслаги. Се аплицира средство за заштита на гингивата и потоа се аплицира средството за белење. Некои средства се активираат сами после апликацијата на забите, додека за други потребна е активација со помош на светлосни ламби или ласер. По завршувањето на постапката, се отстранува средството за белење и се гледа постигнатиот резултат. Доколку сакаме да се повтори постапката, најчесто тоа се прави во друга сеанса. На крај се аплицираат средства со висока концентрација на флуор.

Најголем проблем после белењето на забите се смета преосетливоста на забите и гингивата. Тоа е обично минлива реакција и се избегнува со употреба на препаратите на база на флуор.

Долготрајноста на ефектот е различна. Зависи од тоа како пациентот ќе ја одржува оралната хигиена и дали ќе се придржува до упатставата дадени од стоматологот. Најчесто заради одржување на бојата постапката може да се повтори, но не пред 6-8 месеци од кога е извршена. Многу е важно пациентот да направи консултација со стоматолог, да се одбере вистинската метода на белење, да ги дознае ризиците и секако начините со кои правилно може да се одржи веќе добиената боја на забите.

д-р Јасмина Трајкова – Пети

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]