Децата по разводите се делат како шпорети и фрижидери

Децата се пола мама, пола тато и кога едниот родител сака да го избрише другиот родител, оневозможувајќи му контакт со детето, тој брише и половина од детето во неговата психолошка структура, вели др.Славица Гајдаѕис Кнежевиќ на темата развод и потреба од заедничко родителство по разводот.

0
2374

Мора да се работи на тоа родителите да разберат дека сите брачни проблеми мора да ги решаваат без вовлекување на децата, и мора да разберат дека ако им сакаат добро на своите деца, мора да се издигнат над приказната за бракот и партнерството, и да почнат да соработуваат како родители, зашто само така ќе обезбедат двете половини на децата во мир и спокој да се надополнуваат и децата безбедно да растат и да се развиваат, вели Прим.Др.Славица Гајдаѕис Кнежевиќ, психијатар, семеен и системски псхотерапевт, тренер и супервизор во разговор за нашиот портал на темата за заедничко родителство по разводот.

На дискусијата во текот на вчерашната конференција по повод иницијативата за заедничко родителство по разводот, што се одржа во хотел „Континентал“, споменавте дека по разводот мора да им се помогне и на родителите…во кој смисол да им се помогне, нели се тие оние кои треба да им помогнат на своите деца да го пребродат полесно разводот?

Да, мора прво да им помогнеме на родителите за да можат тие потоа да им помогнат на своите деца. Мора да им помогнеме да станат луѓе кои ќе соработуваат помеѓу себе и нема да дозволат нивните партнерски проблеми да се прелеат врз нивното родителство. Сведоци сме на многу приказни во кои едниот родител смета дека со разводот, другиот родител не само што не мора да е присутен во животот на децата, туку сметаат дека со разводот апсолутно не е важно постоењето на другиот родител и забораваат дека децата освен физиолошки, и психолошки се пола мама, пола тато и дека секогаш кога го бришеме едниот родител ние бришеме половина од детето во неговата психолошка структура. Треба да им помогнеме од позиција на завршен развод во емоционална смисла, да ја прифатат трајноста на родителската улога на другиот родител, која е доживотна, да станат соработници, да не бидат компетитивни помеѓу себе зашто во битката кој е подобар, а кој полош децата најчесто одбираат трета можност – да не  слушаат ниту еден од нив. Тоа понекогаш може да доведе до прилично сложена ситуација.

Кога дваца родители ќе почнат да се расправаат и да го разрешуваат својот конфликт преку децата, имаме погубни ситуации кои не се добри за нив. Во такви ситуации, што и да направат децата никогаш не можат да ги задоволат родителите, ако застанат на страна на мајката, ќе се налути таткото и обратно, а ако детето се доведе во конфликт на лојалност тогаш е тоа многу тегобна ситуација, ситуација која носи голема напнатост и децата многу често за да се избават од таа ситуација мора да направат некоја трета перспектива. Затоа мора да им помогнеме на родителите по разводот да ги залечат своите рани и да почнат да се грижат за своите деца, да направат што е можно помалку промени.

Што предлагате како решение?

Децата треба да продолжат со блиските контакти со двајцата родители, без да водат сметка за другиот родител и за тоа дали тој ќе им се налути, треба да направиме се за да не ги вовлечеме во погубни улоги од типот на индоктринација, инструментализација, фаворизирање, дисквалификација, затоа што тие им се веројатно познати на многумина кои поминале низ развод. Веројатно во тие моменти иако е родителската улога важна за секој родител, таа улога  како да се засенува, како да бледее пред личната болка и личното страдање и потребата од продолжувањето на взаемната битка помеѓу некогашните партнери.

Дали вие ја поддржувате оваа иницијатива за заедничко родителство по разводот која ја иницираше неформална група на граѓани уште пред две години?

Ја поддржувам иницијативата за заедничкото старателство како можност за функционално родителство. Ја поддржувам оваа иницијатива, затоа што навистина начините на кои денеска институциите ги определуваат видувањата со децата, не се во ред. Недозволиво е детето да се гледа два часа месечно со едниот родител и затоа сметам дека токму од менувањето на оваа пракса од тоа мора да се почне. Родителите мора да разберат дека треба да обезбедат минимум промени за децата по разводот. Ако е можно, децата не треба да го сменат местото на живеење, училиштето, мора да имаа што почести контакти не само со двајцата родители, туку и со роднините, со бабите и дедовците, стрините и тетките, вујните, наместо да им ги сечеме сите гранки на децата. Имаме многу приказни кога не само што му се ускратуваат на детето средбите со едниот родител, туку детето не ги гледа повеќе и сите негови роднини. Она што е многу важно е паралелно со оваа иницијатива, да се обезбеди и во постоечкото законодавство, особено во првата година по разводот, децата што почесто да се гледаат со другиот родител, ако е можно дури и секој ден, па макар и пократко но почесто затоа што ова обезбедува психолошка стабилност на детето.

Во нашата пракса е забележливо дека најчесто по разводот децата се доделуваат на мајките и токму татковците се оние на кои им е ускратено гледањето на детето после разводот или е тоа многу ретко што честопати доведува до оттуѓување на децата од родителот. На што се должат ваквите одлуки на социјалните служби?

Во однос на тоа на кого ќе му бидат доделени децата после разводот, ние имаме одлуки кои се прилично културолошки традиционално пребоени па така, во православната македонска популација, децата најчесто им се доделуваат на мајките, а во албанската и во ромската популација, на мажите.

Дали постоечката законска регулатива е навистина толку лоша или само не се практикува како што треба?

Сметам дека постоечката законска регулатива дури и таква како што е, не се практикува во насока на најдобра грижа за детето. Начинот на кој се третира нерезиденцијалниот родител, односно родителот кој не живее со детето и не е носител на старателство во актуелната ситуација, денеска јасно отсликува дека времето кое му е доделено, можностите што му се дадени се далеку од вистинската грижа за децата. Зборувам за одлуките што ги донесуваат институциите. Она што го слушнавме на конференцијата од претставничката на Центарот за социјална работа, она што е апсурд, е дека одлуката за тоа колку детето ќе го гледа едниот родител многу често зависи од дозволата што ја дава другиот родител кој е старател. Тоа е тотално апсурдно зашто ако тие можеле да се договорат, зошто се тогаш тука институциите и каде се тие институции за да укажат на одредени спорни моменти!

Децата неоправдано, скромно малку, се гледаат со родителот кој го нема старателството и тоа не е добро. Факт е дека во таквите случаи се случува се она што ние не би сакале да се случува, децата да се индоктринираат, инструментализираат, да се дисквалификуваат родителите помеѓу себе, децата да се доведуваат во конфликт на лојалност, затоа што сето тоа ќе има далекусежни последици, не само на децата во нивниот развој како деца, туку и на нивните идни одлуки кои ќе ги носат како возрасни луѓе, во изборот на партнер, во односот кон партнерот,  односот кон своите деца, тоа се последиците што ние ќе ги гледаме и ги гледаме од ваквиот однос на родителите.

Она што е главен проблем е незавршената приказна за партнерските односи, незавршениот развод, или како што велиме ние, за разводите кои се завршени само на хартија, но не се завршени емоционално. Во тие ситуации често сето она што не можат да го направат родителите во директните контакти, бидејќи не контактираат помеѓу себе, им го префрлаат на децата и тие сега стануваат нивни поштари, стануваат лица кои ќе имаат задача да ги следат родителите, да го информираат другиот родител за она што се случлува со едниот и со другиот родител и тоа е една погубна позиција за децата.

Изгледа прилично комплицирано да се смени целиот концепт кој досега се практикуваше и се уште се практикува во нашето општество. Но мора од некаде да се почне, од каде?

Иницијативата на која и се придружувам и јас, мислам дека е важна како дополнување на постоечката законска регулатива, иако не мислам дека е доволно само да се прошири законот и да се внесе како алтернатива заедничко старателство, односно рамноправно родителство, како што го нарекуваме, туку мислам дека треба да се изградат бројни механизми и инструменти со кои ќе се сладат добрите пракси за да видиме дали она што го договараме ќе биде само форма како што е и сегашната пракса или ќе се случат одредени измени.

Новиот закон бара време, па затоа јас сум за тоа паралелно со новиот, да се направи ревизија на постоечкиот закон. Се залагам за идејата, во меѓувреме да се ревидираат постоечките пракси во однос на видувањата на децата, во смисол на тоа првин да се ревидира ставот на центрите за социјални работи кои по некаква традиција донесуваат одлуки кои ниту мене ниту на стручната јавност не ни е јасно како дошле до такви одлуки така скромно да го определуваат времето кое родителот што не е старател ќе го поминува со своето дете. Тоа е едната димензија која веднаш може да претрпи промени затоа што ќе видите дека ако се направи анализа, по дифолт, кога се вклучува центарот, тогаш се тоа се некои чудни решенија, на саати, на голтки да се гледаат децата со својот родител, и јас навистина не знам како центрите доаѓаат до таквите решенија. Дури нема ни санкција за оној родител кој не се придржува дури ни на тоа определено малку видување на детето со другиот родител, па често ја гледаме манипулацијата преку децата. На пример, ден пред денот на видување, тие ќе наговестат дека детето е болно, дека има обврски или дека го однеле некаде незнам каде, па се случува другиот родител кој не е старател во актуелната ситуација, навистина и по шест месеци да не може да си ги види своите деца, а не постои санкција за непочитување на договореното колку и да е и тоа скромно. Мислам дека е ова една од работите кои веднаш можат да почнат да се решаваат.

Другата работа е да се преиспита ставот на доделувањето на децата, зашто многу често гледаме доделување и поделба на децата помеѓу родителите како да се фрижидер и шпорет, едното дете на едниот родител другото на другиот, при што не се почитуваат стручните правила кои велат дека детскиот субсистем не смее да се пипа ако сакаме да го заштитиме детето од натамошни загуби. Децата треба да останат заедно зашто така се пожилави и посилни за да се справат со загубата која следи со разводот.

И конечно, постои уште една работа што може веднаш да се смени а тоа е да се преиспита таа одлука при која секогаш жените се избор за доделување на старателството, со што тие стануваат моќни визави татковците и да се види како може тоа да се регулира за донекаде да им се овозможи пооптимален развој на децата и развој со помалку психички проблеми.

Настрана од сето ова се разбира, останува поддршката за иницијативата за заедничко родителство која треба да се турка паралелно со споменативе промени.

Дали мислите дека заедничкото родителство треба да е прва опција по разводот?

Да, јас мислам дека тоа треба да е прва опција ако навистина се грижиме за децата, секако, со преиспитување на сите други ризици, и не секогаш како единствена можност, но секаде кадешто е можно, а во висок процент тоа е можно. Сметам дека треба да се има заедничко старателство врз децата со постоење на паралелни психо-едукативни групи и советувалишта кои ќе им помогнат на родителите да почнат да ја прифаќаат трајноста на родителската улога на другиот родител, бидејќи тоа е улога која е трајна и незаменлива.

Останува фактот дека бракот го склопуваат двајцата партнери и двајцата го разведуваат и тоа нема никаква врска со децата. Тие не се составен дел од бракот, тие се негов производ, и како што родителите кога влегле во брак не ги прашале своите деца дали да влезат затоа што тие не ни постоеле тогаш, и кога излегуваат од него мора самите да ја донесат одлуката и да не ги вовлекуваат децата во стапица тие да бидат фактор на стабилност затоа што е тоа претешко бреме за децата и ги забавува во нивниот нормален раст и развој.

Затоа и на почетокот реков дека мора да се работи на тоа родителите да разберат дека сите брачни проблеми мора да ги решаваат без вовлекување на децата, и мора да разберат дека ако им сакаат добро на своите деца, мора да се издигнат над приказната за бракот и партнерството и да почнат да соработуваат како родители зашто само така ќе обезбедат двете половини на децата во мир и спокој да се надополнуваат и децата безбедно да растат и да се развиваат.

Со какви случаи се среќавате во вашата пракса?

Со најразлични. Ако зборуваме за кризите во бракот, радува тоа што се почесто имаме партнери кои пред да донесат одлука за развод доаѓаат и се обидуваат да работат на подобрување на брачната релација, што порано не било случај. Потоа, тука се и оние кои веќе ја почнале приказната за разводот, но доаѓаат за да видат на кој начин можат да си помогнат себеси и на своите деца и понекогаш тоа сепак и не завршува со развод затоа што во текот на психо-терапевтскиот процес тие можат да донесат одлука дека има се уште материјал да останат заедно и да ја надминат кризата во која се наоѓаат. Она што е најпогубно е кога партнерите во текот на разводот се обидуваат да го вовлечат и терапевтот во нивната битка, во одлуката на која страна ќе биде и кого ќе поддржи во неговата одлука и тоа бара многу вештини и пракса и супервизија на терапевтот. За жал, некогаш родителите не успеваат да ја видат детската перспектива во целиот тој процес и децата не можејќи да се справат со ситуацијата, ќе произведат некој симптом, па дури тогаш родителите ќе се сетат дека треба заеднички да работат и да ги решаваат здравствените проблеми на своите деца и тогаш е се многу посложено и потешко.

Кога ќе дојдат во пубертет децата развиваат некои форми на зависности или кога се помали, имаат ноќни мори, фобии од училиште, неуспех во училиштето, социјална изолација, сето тоа се начини на кои децата кога не можејќи со зборови да кажат што се случува со нив, почнуваат да го кажуваат тоа со однесувањето, Ова е типична слика и делува како сигнал за одредени родители да почнат да соработуваат како родители.

Текст: Драгица Христова

 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]