Од 3-ти до 7-ми март во Скопје Сити Мол ќе се одржи солидарен базар во организација на Здружението за еднородителски семејства „Една Може!“, на кој ќе можат да се купат рачни изработки, уметнички дела и природна козметика изработени од членките на здружението. Купувајќи некој од производите се вреднува и поддржува трудот на членовите на оваа организација.
Здружението „Една може!“ (One can!) е доброволно, непрофитно, невладино, и непартиско здружение на граѓанки, самоиницијативно формирано со слободно здружување заради остварување на севкупна општествена грижа и третман на еднородителските семејни заедници и остварување на нивните економски, социјални, хуманитарни, здравствени, образовни и културни права.
„Согледувајќи ги потребите на членките и членовите на еднородителските семејства во земјава, се обединивме, си ја создадовме One can!, група за самопомош, пред неколку години, а во мај 2016. оформивме официјално Здружение за унапредување на правата на еднородителските семејства во земјава, Една може! – Скопје. Ова е пластичен пример за она што значи женска солидарност, а Скопје Сити Мол ни излезе во пресрет и стана дел од креирањето на посреќни приказни за еднородителските семејства во земјата“, вели Дороти Пачкова-претседател на здружението.
Претставникот од Скопје Сити Мол кој го поддржа овој базар ги повика сите граѓани да го посетат и да купат некој од производите.
„Со тоа ќе покажеме голема свест и респект кон различностите, особено кон жената како столб на семејството. Токму оваа порака сакаме да ја испратиме по повод Денот на жената“, вели Дарко Панчевски од Скопје Сити Мол.
Солидарен базар за поддршка на еднородителските семејства
По повод 8-ми Март, Здружението за еднородителски семејства „Една Може“, поддржани од Скопје Сити Мол, од 3-ти до 7-ми март организираат солидарен базар на кој можат да се купат производи изработени од членките на здружението.