Со денешниот модерен начин на живеење, децата живеат со своите зафатени родители, под притисок во училиште и од околината, агресивни компјутерски игри. Сето ова влијае стресно врз нив, се намалува нивната внатрешна радост, тие се повеќе се затвараат во себе, тешко се социјализираат, стануваат тажни, ја губат веселата насмевка. Кога децата ќе научат техники како да се релаксираат, ќе можат многу полесно да се справат со надворешниот притисок. Практикувањето јога на рана возраст ја поттикнува самодовербата и свесноста за телото преку физичка активност која не е натпреварувачка. Подобра соработка и сочувство, е прекрасен дар кој може да им го подариме на нашите деца. Со јогата, децата вежбаат, играат, се поврзуваат подлабоко со нивниот внатрешен свет, но во исто време развиваат и интимна врска со природниот свет што ги опкружува. Јогата носи чудесно внатрешно светло кое сите деца треба да го имаат на површината, вели нашата соговорничка Соња Малиновска, водител на програмата за деца во Art of Living.
Зошто е важно децата да вежбаат?
Важно е на физичката активност да и се даде првенство, да се поттикнат навиките за вежбање кај децата уште од најрана возраст за таа да стане неразделен дел од нивниот секојдневен живот.
Практикувањето јога од најрана возраст придонесува за правилен раст, телесен и ментален развој на детето и низ развојот на пубертетот, стекнување на зрелост.
Кои се предностите од вежбањето јога?
Некои положби на телото, одреден начин на дишење и визуализација, можат пријатно да им ги истегнат телата и да им го смират умот.
Јога вежбите имаат предност над другите физички активности бидејќи може да ги вежба секој, без разлика на физичките способности и возраст, но посебно е значајно што може да ги вежбаат и деца со физички ограничувања и хендикеп. Поволно влијаат врз менталното здравје во смисол на прочистување на умот, достигнување на смиреност, фокусираност, социјализација (која за жал во денешно време како резултат на развиената технологија речиси и воопшто не постои кај децата), одговорност и ентузијазам.
Кои се здравствените бенефити?
Посебно е корисно кај децата кои имаат астма, бидејќи се работат нежни техники кои им овозможуваат да го продлабочат и да го смират дишењето.
Релаксацијата и медитацијата за кратко ги смирува нивните тела и умот, тоа донесува благодетни позитивни промени. Визуализациите ја коригираат психичката состојба, потикнуваат позитивни чувства и имагинација. По јогата, децата се чувствуваат зближени и другаруваат во весела состојба на умот, тие се поотворени и посреќни.
На физичко ниво се подобрува држењето на телото, мускулите, се зајакнуваат лигаментите, се ублажуваат и санираат деформитетите на `рбетниот столб ( кои се повеќе се јавуваат кај децата поради неправилното држење на телото и неправилното седење), се зголемува имунитетот, капацитетот на белите дробови, циркулацијата и се елиминираат токсините, се нормализира жлездниот систем, се подобрува работата на срцето и дигестијата.
Како се одвиваат часовите по јога?
Часовите се одвиваат во три дела, загревање, јога вежби и релаксација. Вежбите се лесни, прилагодени за возраста на децата. Се применуваат јога пози – имитација на животинскиот свет, растенијата, природата. Релаксацијата и вежбите за дишење ги смируваат мислите и создаваат позитивна состојба на умот и го подобруваат фокусот и концентрацијата кај децата. Часовите се интерактивни со многу забава, музика, разговор, се дава можност за развој и интеграција на интелигенцијата.
Јогата и детската психа
Освен за физичкиот развој, зголемувањето на еластичноста, имунитетот, силата и издржливоста кај децата, јога вежбите може да помогнат за формирање на одредени ставови важни за изборот на сопственото место во општествената средина, за стабилноста на личноста, сигурноста, отвореноста, вербата во себе и во општото добро. Преку вежбите младите одржуваат бистар и помалку деструктивен ум, а меморијата и креативноста им се зголемуваат. Вежбите имаат многу предности во однос на другите физички активности, бидејки може да ги вежба секој и затоа се погодни за деца од сите возрасти и со различни физички способности.
Каде да се вежба?
Проектот „Среќна градинка“ зад кој стои невладината организација „Уметност на живеење Македонија“, се одржува факултативно, секој вторник и четврток во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје. Часовите се прилагодени за возраста на децата (од 3 до 6 години), проткаени се со смеа и забава, лесни се и ненапорни, а децата се чувствуваат слободни, активно учествуваат и со нетрпение го очекуваат секој нареден час.
Текст: Драгица Христова