Најчестите вирусни инфекции во усната шуплина се предивикани од вирусот Herpes simplex. Постојат два типа на овој вирус – Herpes simplex тип 1, кој е одговорен за инфекциите во лицевата регија и Herpes simplex тип 2 кој предизвикува инфекции во гениталната регија.
Херпетичниот стоматит (Stomatitis herpetica) е примарна инфекција кој ја предизвикува вирусот на Herpes simplex. После оваа инфекција, вирусот останува скриен во нервните ганглии и под влијание на стрес , пад на имунитет или хормонални пореметувања се активира и предизвикува секундарни инфекции познати како повторувачки херпес (Herpes simplex recidivans).
Од херпетичниот стоматит заболуваат најчесто деца меѓу првата и петтата година, додека кај возрасните ретко се јавува.
Болеста почнува без карактеристични симптоми, зголемена температура, бледило, главоболка, вознемиреност, отежнато голтање.
Оралните промени почнуваат со инфламација на целата орална слузокожа и грлото. Оваа инфламација е најизразена на непцата кои се црвени и отечени. По целата слузокожа се јавуваат везикули кои брзо прскаат и оставаат ерозии и улцерации кои се многу болни. Јазикот е обложен, усните се суви, па отворањето на устата е болно.
Херпетичниот стоматит трае една до три недели во зависност од имунитетот на детето.
Во терапијата спаѓа испирање со 3% хидроген пероксид, благ раствор на калиум хиперманган, средства за побрза епителизација, како и давање симптоматска терапија како што се антипиретици, витамини, капки Nistatin, па и антибиотици за да се стречи секундарна бактериска инфекција.
Повратниот херпес, пак, се јавува кај постарите деца и кај повозрасните. Најчесто се јавува на кожата во близина на устата и носот. Почнува со болка, жарење и печење со различен интезитет, црвенило и во следните 24-48 часа се јавуваат везикули. После неколку дена везикулите прскаат и од нив излегува жолтеникав секрет од кој се формираат красти. Промените зараснуваат за 7-10 дена.
Терапијата се состои во давање антивирусни масти и аналгетици, лекови за побрза епителизација. Јакнењето на имунитетот е од особена важност за превенцијата и терапијата на херпесните инфекции.
Пишува д-р Јасмина Трајкова – Пети