Афти – како да ги спречите болните ранички во устата

Важен дел од терапијата се и внесот на витамини и минерали, подобрување на исхраната и подигање на имунитетот.

0
2440

Афтите се мали болни лезии, кои често се појавуваат кај сите возрасти. Имаат округла или овална форма, различна големина, некротично дно и лесно испакнати црвени рабови. Најчесто се јавуваат на внатрешната страна на образот и усните, на врвот и на рабовите на јазикот и на мекото непце.

Причините за појава на афтите се многубројни:
– недостиг на витамини и минерали
– анемија (недостиг на железо, фолна киселина, витамини од Б групата)
– стрес и физичка истоштеност
– хормонални и метаболни пореметувања
– локална траума и друго.

Во зависност од големината, разликуваме минорна форма, кога афтата е помала од еден сантиметар. Тие афти поминуваат за 5-7 дена и освен болката, не се проследени со компликации. Кај мајорната форма афтите се поголеми од еден сантиметар и болката кај нив е поинтензивна, рабовите се позадебелени и понекогаш заздравуваат со лузна за 10-14 дена. Најтешката форма се херпетиформните афти кои се појавуваат како голем број на улцерации со големина од 1-2 мм кои понекогаш се спојуваат и може да настане рана со неправилна форма. Зараснуваат за 7 дена, во потешки случаи и до два месеца.

Симптомите кои се карактеристични при појава на афтите се жарење и пецкање, проследено со болка која е со различен интензитет во зависност од формата.
Лекувањето е најдобро да започне со појавата на првите симптоми. Терапијата е симптоматска, со примена на антисептици, локален анестетик во форма на гел за намалување на болката, а кај потешките случаи се препишуваат и кортикостероидни масти.

Важен дел од терапијата се и внесот на витамини и минерали, подобрување на исхраната и подигање на имунитетот.

Пишува: д-р Јасмина Трајковска – Пети

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]