Од претшколска возраст, се до трето одделение, детската вештина за читање расте. Во овој период, во процесот на учење на читањето, најважна е улогата на родителите. Речникот на детето и вештината за читање побрзо и поквалитетно се развива преку слушање отколку преку самостојно читање, велат стручњаците.
Во денешно време кога техниката загосподарила на сите полиња од нашите животи, стана посебна вештина да се воспита детето и да се научи да ги сака книгите и да ужива во читањето.
Еве како да им ја развиете љубовта кон читањето.
Одберете ги вистинските книги
Од изборот на книгите зависи колку ќе ужива детето во нив. Малите деца сакаат книги кои им го привлекуваат вниманието и кои можат со леснотија да ги држат в раце. За нив се идеални тврдите сликовници, т.н. поп апс книги (со чие отварање на страните се формираат тродимензионални слики), потоа сликовниците наменети за вода, со живи бои, со јасни и крупни слики. И покажете му на вашето дете дека книгите се скапоцени и дозволете му самото да се распрашува и да истражува која следна книга би можело да ја прочита затоа што интересите на секое дете се различни.
Ритуали на читање
Би било добро читањето да стане задолжителен дел од секојдневниот ден на вашето дете. Според стручњаците најдобро време за читање се вечерните часови кога детето има потреба за помирни активности. Ако е навечер преуморно, тогаш воведете попладневно читање – после ручекот или пред бањање. Секако, тоа не значи дека треба да му читате самои во точно одреденото време туку читањето можете да го употребите и како начин да го смирите кога премногу ќе се разигра или како награда за добро однесување. Убаво е ако детето почне само да бара да му читате, па потрудете се да најдете време за тоа.
Детето во улога на главниот лик
Можете понекогаш и да измислувате приказни затоа што детето ќе биде воодушевено ако го споменете и него во некоја приказна.
Глумете додека читате
Многу е важно да се соживеете со приказната затоа што вашето дете бескрајно ќе ужива додека вие го засмејувате имитирајќи животни или читајќи со некој смешен глас. Ќе ве слуша со поголемо внимание.
Разговарајте за прочитаното
Поттикнувајте го детето да ви го прераскажува прочитаното. Ако е уште мало, бодрете го самото да смисли приказна според сликите што ги гледа. Наведете го да ви го покажува она што ќе го препознае на сликите и да ги врти само страниците.
Ограничете ја употребата на компјутерот
Бидете доследни во временските огранилувања и правилата околу користењето на било што што има екран за да не им дадете можност на децата да се пазарат со вас и да бараат повеќе од договореното.
Бидете пример
Најдобар начин да ја засака книгата е ако често ја гледа во вашите раце. Ако е опкружено со книги, ако вие доста читате, тие ќе му станат природно опкружување и спонтано ќе ги засака.
Носете го во библиотека
Дури и ако е многу мало и се уште не знае да чита, носете го во библиотека или во книжарница кадешто ќе може заедно да ги бирате сликовниците или книгите кои вие ќе му ги читате.
Книгата, најубав подарок
Кога ќе порасне и ќе почне само да чита, потрудете се да може да дојде до доволно разновидни книги. Тие не се луксуз туку основна потреба. Ако буџетот ви е скромен, добри книги секогаш можат да се најдат во библиотеките.
Со сила не се постигнува ништо
Ако децата не сакаат да читаат, нема да постигнете ништо со присила. Во тој случај, понудете им интересни авантуристички или фантастични романи. Никогаш не го терајте да чита книга во која не ужива. Ако некоја книга не му го привлече вниманието после неколку поглавја, дозволете му да се откаже затоа што во спротивно читањето ќе му стане здодевна обврска, а не уживање.